Истражување: човечките раце сѐ подолги заради селфито

12.04.2014 11:43
Истражување: човечките раце сѐ подолги заради селфито

Бостон, 12 април 2014

Во последните години човечките раце станале подолги, а причина за оваа појава е феноменот на селфи-фотографиите, покажало истражување на научници од Харвард.

Биологот Даниел Либерман од овој универзитет вели дека истражувањето на примерок од 4.000 испитаници ширум САД довело до неверојатното откритие според кое само во последните две години човечките раце станале подолги за 1,5 сантиметри.

„Ова е доказ дека еволуцијата е жива работа и никогаш нема да запре. Очекувавме поради честото седење пред компјутер и неактивноста да постојат некакви промени кај модерниот човек, како што се крив ’рбет, рамни стапала и слично, но податокот дека анатомијата на рацете толку се променила сосема нѐ збуни“, наведува професорот Либерман.

Тој открива дека мистеријата е разрешена дури откако сите испитаници биле повикани на ново истражување, но овој пат требало да пополнат анкета за своите навики.

„Дури кога по експериментот е направена анкета меѓу испитаниците, утврдено е дека 80% од нив најмалку еднаш дневно прават селфи. Оние кои имаат обичај да фаќаат повеќе луѓе во кадарот морале сѐ повее да ги тегнат рацете, па кај нив дополнителната должина на рацете е поизразена“, вели професорот Либерман.

Овој познат биолог смета дека трендот на издолжување на рацете може да биде запрен единствено ако производителите на телефони почнат да произведуваат леќи со поширок агол, односно камери кои ќе фаќаат повеќе лица во кадарот. Како и да е, според него, новите технологии сигурно ќе донесат промени и во анатомијата на човекот.

„Зависно од моделот на телефонот, односно положбата на копчето за фотографирање, можеме да очекуваме и промена на физиономијата на човечкиот палец или показалец. Во секој случај, еволуцијата се забрзува, а нашите претпоставки се дека до крајот на векот поради селфито и човечките раце ќе станат подолги за околу три сантиметри, што ќе влијае на појава на таканаречената инверзивна еволуција, според која нашите раце ќе бидат со иста должина како на шимпанзата“, заклучува Либерман.

Извор: www.njuz.net