Ескалатор

14.04.2014 10:04
Ескалатор

Има една сцена во чешкиот оскаровец „Коља“ (1996), кога главниот лик, малиот Коља, изгубен во големиот град, за првпат мора сам да застане на ескалатор. Оние што го гледале филмот сигурно се сеќаваат на таа впечатлива сцена која го отсликува големиот страв што го предизвикуваат овие монструозни подвижни метални скали. Како да застанеш на нив? А уште повеќе – како да се тргнеш од нив?

Иако, ако смееме да си признаеме или ако воопшто се сеќаваме, сите ние имавме такви или слични стравови при првата средба со ескалаторот, станува збор за релативно едноставен механизам – подвижен синџир, сличен на велосипедските, само поголем, што ги придвижува скалите – и, пред сѐ, безбеден и едноставен за користење. Треба само да застанете на средината на скалилото и да се држите за подвижната гумена рачка. Машината сама ќе го заврши останатото.

Ескалаторот, во принцип, најчесто се употребува во шопинг-моловите, трговските центри и стоковните куќи. Од аспект на трговците, тој е мошне корисно средство затоа што овозможува едноставно и прецизно транспортирање на купувачот од една до друга пожелна точка. Од аспект, пак, на потрошувачот, тој e начин за разгалување: не морате да се напрегате, а сепак се движите; не треба да мислите каде одите, а сепак имате чувство дека работите се одвиваат по ваша волја и, што е уште почудно, според вашиот избор... Додуша симнувањето од ескалаторот сѐ уште е оној момент кога магијата завршува, кога мора да се „приземјите“, да ги упо,требите вашите вијуги од големиот и од малиот мозок и самите, без никој да ве води, да си го пронајдете патот. Ескалаторот, значи, е типичен производ на урбаниот потрошувачки менталитет: манипулација со желбите и потребите на плебсот. Во суштина, тој е носител на илузијата дека светот постои поради вас, дека тој кус период на луксуз, без никаков напор да постигнувате нешто ќе трае вечно... Се разбира, сѐ додека истиот тој ескалатор не ве спушти на земја.

Првите ескалатори во Македонија се поставени во Скопје, во некогашната „На-Ма“, односно во негогашната стоковна куќа, сместена на централниот плоштад. Интересно е да се забележи дека тие одеа само нагоре, односно кон погорниот кат, додека спуштањето на приземје мораше да се врши, ако може така да се каже, „рачно“, поточно „ножно“. Феноменот на вака поставените подвижни скали е многу симптоматичен. Имено, скалите служат само за да ве однесат до продажните пунктови, а не и да ви помогнат при изнесувањето на купената стока. Со други зборови, кога ќе се натоварите со тежина, а од продажното место ќе истиснете исто толкаво количество тежина, тогаш сте оставени - самите на себе.

Како и да е, сведоците тврдат дека кога проработеле подвижните скали, луѓето (не само децата), откога ќе го преброделе примарниот страв, цело време се возеле по нив, само за да уживаат во новата атракција, а не за да завршат некаква работа. Не им било тешко да се слегуваат по обичните скали, само за да се качат повторно на „волшебниот“ лифт. Толкава била магијата на безнапорното качување угоре.

Симболиката на ескалаторот, значи, е повеќеслојна. Неа можеме да ја видиме и низ призмата на актуелните претседателски избори. Во таа смисла, водечкиот претседателски кандидат после првиот изборен круг, актуелниот претседател Ѓорге Иванов, на пример, е типичен корисник на ескалатор. Стои упорно, удобно и безбедно на ескалаторот што треба да го донесе до саканато место. Примарниот страв е надминат уште пред половина деценија, така што сега целосно ги владее правилата на играта, кои, како што констатиравме и не се нешто сложени. Напротив, прилично се прости. Значи, цврсто се држи за подвижната гумена рачка, која истовремено му врши повеќе функции: го потпира, му ја нуди сигурноста и го придвижува кон саканото место. Значи, нема никаква потреба од било каква ментална или физичка активност. Треба само да ѝ се верува на машината и работата е завршена. Се разбира, Иванов знае дека не само што не мора, туку и дека не смее да се движи, скока или оди во спротивен правец од подвижните скали, поточно дека мора целосно да се повинува на волјата на машината. Во спротивно, патувањето може да стане небезбедно, може да се сопне на некое од скалилата, а секако машината нема да му го гарантира пристигањето до целта.

Додека однесувањето на Иванов можеби и може до некаде да се разбере, па и однесувањето на таа гумена рачка која го води саканата заедничка цел (конечно, тој е искусен конзуматор на ескалаторскиот систем), тогаш однесувањето на избирачкото тело е нешто понејасно. Тоа, во принцип, се однесува токму како што се однесувале купувачите во „На-Ма“ – упорно и бесцелно се вози на својот ескалатор, без воопшто да има идеја, каде тој ескалатор го води и која е целта на тоа возење. И секогаш, ама баш секогаш, без исклучок, откога ќе стаса до извесна точка, пешки се симнува удолу, со целата тежина што ја истиснало од погорните катови. А таа точка до која стасува, токму по своја волја, најчесто е најниското ниво, веројатно за да биде симнувањето најмалку безболно.

Од друга страна, ескалаторите се најчесто еднонасочни и праволиниски. Се разбира, не сите. Има и спирални, со двојни функции, пострмни итн. Оној почетен страв што се чувствува при првото качување на ескалатор, се чувствува и при качувањето на некој непознат или поинаков вид ескалатор од оној на којшто сме навикнале. Низ таков некој клуч можеби и може да се објасни упорното, бесмислено возење на истата машинерија. Таа, можеби, не е најсовремена и можеби нема ововековни перформанси, дури можеби не е ни безбедна – но, е позната. Стравот од непознатото или стравот од ризикот е особина на малодушноста. И општеството, како тоа и да ви звучи, е жив органски организам. Како што може да се заклучи, и тоа може да биде и малодушно и апатично. И да се однесува исто како и малите, малодушни, апатични, губитнички индивидуи.

Според некои извори, зборот „ескалатор“ е некаков микс од зборовите „ескалација“ и „елеватор“ (лифт). Ако ги земеме смисловно, значенски, овие зборови, тогаш нивната комбинација често доведува до егзалтација – необјаснив страв, необјаснива радост, необјасниво однесување.

Деновиве сме и ќе бидеме сведоци на ескалација на егзалтацијата.

ОкоБоли главаВицФото