Сите сме делумно неандерталци

15.04.2014 11:20
Сите сме делумно неандерталци

Приказ на книгите: Neanderthal Man: In Search of Lost Genomes by Svante Pääbo; The Gap: The Science of What Separates Us from Other Animals by Thomas Suddendorf, Basic Books 2014

 

Мојата жена секогаш се плашеше дека ќе оќелавам затоа што имам испакнатина на главата заради која, кога би се открила, би изгледал како неандерталец. Сè уште владее убедувањето дека неандерталецот бил мошне глупаво суштество во споредба со Хомо сапиенсот, вид на кој денес сите му припаѓаме. Постои јаз помеѓу нив и нас, или некогаш постоел, приближно како јазот за кој пишува Томас Судендорф кога ги споредува менталните способности на модерниот човек и големите човеколики мајмуни. Кога одржував предавања за еволуцијата на човекот, со раката махинално поминував преку својата „окципитална пунџа“ секогаш кога ќе ги споменев тие зборови за да ја опишам клучната анатомска разлика помеѓу сапиенсот и неандерталецот. Дали треба да се пријавам како модел за покажување?

Мојата жена не треба повеќе да се грижи, а и студентите се извлекоа. Пронаоѓајќи го изгубениот ген, шведскиот биолог Сванте Пебо, откри дека сите ние делумно сме неандерталци – освен луѓето со исклучиво африканско потекло. Така што сега имам потреба да ја избричам главата во чест на поврзувањето на видовите од пред 50.000 години, без оглед на тоа дали токму тоа е причината за чудниот облик на мојот череп и моите повремено глупави постапки.

Археолозите и физичките антрополози долго расправаа за еволутивната врска помеѓу модерниот човек и неандерталецот, потпирајќи се на сличностите и разликите на нивните камени ракотворби и облиците на нивните коски, без многу разбирање како дошло до разликите. Бескрајните академски препирки се прекинати со револуцијата во проучувањето на древната ДНК под раководство на Пебо (сега во институтот Макс Планк во Лајпциг), кој потоа брилијантно го опиша во својата нова книга Neanderthal Man: In Search of Lost Genomes.

Пебо ни дава фантастичен опис на тридецениското проучување на древната ДНК, кое кулминираше во 2010 година со објавувањето на неандерталскиот ген. Тоа е приказна што ја видел со свои очи. Тој опишува дека тајно почнал да испитува дали ДНК може да преживее во вештачки мумифициран црн дроб и дека раководел со глобален научен проект од повеќе милиони долари за утврдување на генот на древните организми.

Книгата на Пебо може да се спореди со книгата на Џејмс Вотсон The Double Helix (1968), брилијантна но оспорувана приказна за тоа како е откриена структурата на ДНК. Кога ќе се земат заедно, овие две книги нудат увид во тоа како биомолекуларната наука истовремено се менувала и останала иста во последниот половина век. Двете книги претставуваат силни лични приказни за научното откритие, покажувајќи дека науката ги движи страста, амбицијата и натпреварувањето подеднакво колку и рационалната мисла и ширењето знаење. Читателот е фасциниран со животните приказни кои се поинтересни од оние во многуте романи, за потоа да нурне во пасуси со речиси неразбирлив научен жаргон (наспроти големото поедноставување), кои и покрај тоа се невообичаено возбудливи.

Пебо остава впечаток на широкограден научник во споредба со изразено недопадливиот Вотсон од книгата The Double Helix. За разлика од честото омаловажување на другите од страна на Вотсон, Пебо главно ги критикува оние кои изнесуваат „незамисливи“ и „апсурдни“ тврдења за издвојување ДНК од фосили стари милиони години, опструктивните музејски кустоси, а повремено се критикува и себеси.

Притисокот за објавување е присутен во двата светови. За Пебо бил особено силен и делумно самонаметнат. Една од причините поради кои во осумдесеттите се разочарал од својата прва љубов – египтологијата и археологијата – била !глацијалната брзина“ со која се движеле журналите „за древните прашања“. Кога неговата статија за издвојување ДНК од египетска мумија се појавила во списанието Journal of Archaeological Science во 1985 година, настаните веќе го престигнале, првенствено во драматичниот напредок на научните техники.

Додека The Double Helix опфаќа само три години (1951-1953) и само едно откритие (навистина, откритие на кое се засновани многу други), потрагата на Пебо за изгубените гени се протегнува на три децении и го води читателот преку низа испреплетени откритија: од првото издвојување на неандерталската ДНК, преку мапирањето на целиот ген на неандерталецот, откритијата за вкрстување на неандерталецот и сапиенсот и идентификацијата на потполно нов човечки вид преку древната ДНК извадена од коски од прст пронајден во Денисовата пештера во Сибир. Патем, читаме за издвојување ДНК од египетска древна мумија, „Ледениот човек“ Еци од бронзеното доба, од мамути и пештерски мечки. Техничките пресврти се од клучно значење за приказната, најмногу оние кои овозможиле проучување на митохондријалната ДНК – односно ДНК која се чува во стотици примероци во минијатурни структури од клетки надвор од нејзиното јадро – до нуклеарна ДНК, чии два примерока се наоѓаат во јадрото на клетките. Митохондријалната ДНК се наследува само по женска линија и со самото тоа овозможува нешто што Пебо го нарекува „матен, едноок поглед на човечката историја“.

Постојана тема во книгата на Пебо е борбата да се согледа и избегне контаминација на древната ДНК од страна на модерниот човек. Таква контаминација можат да предизвикаат археолози кои од незнаење и без надзор ракуваат со коски за време на ископувањата или научниците чија ДНК неизбежно се пренесува со правот од воздухот во нивните лаборатории. Тие би требало да го знаат тоа и да се грижат: Пебо ја опишува својата вчудоневиденост кога го видел кустосот од Природонаучниот музеј во Лондон како лиже една древна коска за да процени дали е хемиски обработена, премачкувајќи ја на тој начин со својата ДНК. Ова е еден од неколкуте моменти на човечка глупост кои се провлекуваат преку приказната на Пебо за високата наука. Од тој аспект, сосема е различно кога Пебо се наведнува над запалена коска и длабоко го вдишува нејзиниот мирис додека неандерталската рака се сече за да се земе примерок за анализа – мирисот најавувал дека колагенот во коските е зачуван и дека затоа ќе се пронајде и ДНК.

Пронаоѓањето такви коски претставувало уште еден предизвик за Пебо и го доведувало во конфликти со опструкционистите во ликот на музејските кустоси и во преговорите со Хрватската академија на науките и уметностите за да му се овозможи пристап до неандерталските остатоци од пештерата Виндија на северот од оваа земја. За среќа успеал, што му овозможило да пронајде нешто што го нарекува „магична коска“, а тоа е коска во која се зачувани речиси 3 проценти од нејзината неандерталска нуклеарна ДНК, за разлика од вообичаениот процент од 0,06 до 0,2 проценти. Овој изронет фрагмент од коска, долг пет сантиметри, овозможи секвенцирање на генот на неандерталецот и го измени нашето разбирање на човечката историја. Таа коска била занемарена во музејскиот подрум неколку децении.

Пебо и неговиот тим успеале да утврдат дека видот на модерниот човек и неандерталецот се поделиле пред околу 270.000 до 440.000 години, што ги потврдило постоечките претпоставки. Меѓутоа, далеку поголемо изненадување е што заклучиле дека луѓето надвор од Африка, како Европејците така и Азијците, имаат до 5 проценти ДНК која потекнува од неандерталците. Најверојатно сценарио е тоа дека група модерни луѓе ја напуштиле Африка пред приближно 50.000 години, се вкрстиле со неандерталците на Блискиот исток, а потоа го населиле светот, пренесувајќи ја со себе неандерталската ДНК. Оваа ДНК се проретчувала со секоја наредна генерација, но нејзиниот опстанок до денешен ден укажува на тоа дека некои генетски варијанти на ненадерталците им овозможиле адаптивни предности на модерните луѓе во Европа и Азија кои нивните африкански предци на Хомо сапиенсот ги немале.

Потпирајќи се на истражувањата на англискиот биолог Питер Парам, Пебо понудил еден можен пример. Парам, како што ни вели Пебо, е еден од водечките светски експерти за „главниот комплекс на хистокомпатибилноста“ (MHC), исклучително комплициран генетски систем во човечкиот ген поврзан со борбата против инфекциите. Заклучил дека една посебна МНС генетска варијанта е вообичаена кај денешните Европејци и Азијци, но е непозната кај Африканците. Пебо ја пронашол оваа генетска варијанта во генот на неандерталецот. Како таква, од неандерталците морала да ја наследи онаа група луѓе кои први стигнале до Блискиот исток, а потоа поминала низ позитивна селекција за да ја достигне фреквентноста на сегашните неафриканци. Парам сугерира дека оваа генетска варијанта овозможила предности во борбата против болестите типични за Европа и Азија.

За природата и размерот на разликите помеѓу неандерталецот и сапиенсот сè уште остро се дискутира. Пебо и неговиот тим идентификувале молекуларен јаз помеѓу нив. Постојат седумдесет и осум нуклеотидни позиции кои ги менуваат аминокиселините – „значајни мутации“ – според кои сите денешни луѓе се меѓусебно слични, а се разликуваат од неандерталците и мајмуните. Пебо претпоставува дека таа бројка ќе достигне 200, затоа што податоците се прочистуваат но дури и тоа ќе биде само мал дел од целокупниот човечки ген.

Овие аминокиселински разлики се создале со мутации по поделбата на видот која му претходела на настанокот на неандерталецот и сапиенсот од заеднички предок. Тие влијаат на протеините од кои се составени ткивата и умот. Имајќи предвид дека постојат повеќе од 20.000 протеини кодирани во генот, може да се каже дека само седумдесет и осум (или дури два проценти) мутации се мал генетски јаз – но бихејвиоралните последици можат да бидат огромни. За жал, не знаеме многу за тие последици. Пебо чесно признава: „Малата валкана тајна на генетиката се состои во тоа што не знаеме речиси ништо за тоа како генот се рефлектира на конкретни способности на живиот поединец.“ Имајќи го предвид тоа, наспроти сè што знаеме за древната ДНК, дискусиите во однос на когнитивните способности на модерните луѓе и неандерталците сè уште зависат од толкувањето на археолошките податоци. Моето лично мислење е дека тие способности биле сосема различни.

Книгата на Томас Судендорф The Gap: The Science of What Separates Us from Other Animals се занимава со проблем кој е сосема поинаков од потрагата на Пебо по тоа што нè раздвојува од неандерталците. Доказите на Судендорф потекнуваат од бихејвиорални набљудувања, најчесто на големи мајмуни, во прв ред шимпанза, вид со кој сме во најблиско сродство. Од овие набљудувања тој настојува да ги покаже сличностите и разликите помеѓу нивните ментални способности и способностите на модерните луѓе. Се разбира, разликите се неспорни – инаку и шимпанзо би можело да го напише овој текст – но за нивната природа и размерите би можело долго да се расправа без задоволувачки заклучок. Изгледа дека психолозите можат подеднакво ригорозно да изведуваат експерименти и да анализираат податоци, па сепак да дојдат до сосема различни толкувања за размерите на тој јаз.

Во таа смисла, науката на компаративната психологија на Судендорф е сосема поинаква од молекуларната биологија која ја опишуваат Пебо и Вотсон. Молекуларната биологија дава одговори кои на поочигледен начин се исправни или неисправни, па со самото тоа нејзиниот напредок далеку подобро може да се измери. Може да се каже дека забелешките на психолозите од педесеттите години или пред тоа се подеднакво релевантни за заклучоците на Судендорф, како и овие од поново време, додека многу прашања кои се поставуваат денес се исти како и во времето на Дарвин. Претпоставувам дека Пебо не чита публикации постари од дванаесет месеци во својата динамична област. Постојат сличности во други аспекти. Науката на Судендорф сигурно поттикнува натпревар, како оној опишаниот помеѓу тимот на Даниел Повинели од Универзитетот во Луизијана и тимот на Мајкл Томасело од институтот Макс Планк во Лајпциг.

Иако во неговата приказна има личен елемент, книгата на Судендорф е резултат на синтеза. Таа се потпира на истражувања на многу психолози, вклучувајќи ги и неговите важни придонеси, нудејќи нешто што тој го опишува како „внимателна и претпазлива“ анализа. Таа опфаќа голем број опсервации правени на терен и во лабораториски експерименти и опишува различни интерпретации на основните ментални способности на луѓето и мајмуните.

Книгата е структурирана околу шест области: јазик, ментално движење низ времето (преку сеќавања и предвидувања), читање мисли (преку емпатија и фантазија), интелигенција и решавање проблеми, културна трансмисија и морал. На секоја област ѝ е посветено посебно поглавје во кое Судендорф прво дава резиме на главните карактеристики на човечките ментални способности, потоа компаративни докази за големите човеколики мајмуни (и повремено за други животни), па најпосле ги споредува. Границите помеѓу шесте области се изразено матни – не може лесно да се пишува за јазикот без повикување на читањето мисли или за културната трансмисија без јазик.

Затоа не изненадува тоа што Судендорф доаѓа до заклучок дека овие шест поглавја се поврзани со две карактеристики кои ги одвојуваат луѓето од нашите најблиски роднини: „нашата неограничена способност да замислиме различни ситуации и за нив да размислуваме“ и „нашиот длабоко вкоренет порив да ги здружуваме своите мозоци“. За жал, не ми беше јасно дали сака да каже дека тие карактеристики се темел на јазикот, интелигенцијата и така натаму, при што веројатно бараат некакви биолошки основи во мозокот, или тие претставуваат некакви својства кои се создале со интеракција на овие шест полиња. И покрај тоа, тој изнесува некои предвидувања дека основното ограничување на мајмунските ментални способности можеби се крие во едноставниот недостаток на работна меморија, што е идеја чија детална разработка би сакал да ја видам.

За Судендорф, двете функции на кои укажува претставуваат „јаз“ помеѓу човечките и мајмунските ментални способности. Мене тоа повеќе ми личи на провалија. Иако оваа провалија веројатно се отворала цели 65 милиони години за време на еволуцијата на приматите, својот целосен обем го достигнала дури пред околу шест милиони години, во време на поделбата на видовите која довела до денешните шимпанза и човекот. Најпосле, тој јаз мора да потекнува од разликата во генот и тука се враќаме на „малата валкана тајна“ на Пебо дека во моментов не можеме да го поврземе нашето познавање на генот со особеностите на конкретни луѓе.

Меѓутоа, од книгата на Пебо ќе научиме нешто за разликите помеѓу човечкиот и мајмунскиот ген. Тој пишува за предавањето кое го одржа Кори Меклин во 2010 година на еден собир, каде опиша како на модерните луѓе им недостасуваат 583 големи делови ДНК присутни кај мајмуните. Во тие делови имало некои гени кои луѓето сега ги немаат. Еден таков ген е поврзан со протеинот кој ограничува до која мера ќе се делат невроните и заради тоа неговото отсуство има „некакви врски“ со тоа како се зголемувал мозокот преку човечката еволуција. Според овие книги, изгледа дека само дотаму може да се оди во поврзувањето на молекуларната биологија и менталните способности во човечката еволуција.

За среќа, уште еден дел од ДНК кој недостасува овозможува нешто поконкретно. Во ДНК која луѓето веќе ја немаат постоел еден ген кој кај мајмуните кодира протеин изразен во пенисните израстоци, необично наречени структури на пенисот на мајмунот кои кај мажите предизвикуваат многу брза ејакулација. Заради тоа што луѓето немаат такви израстоци, можат да уживаат во продолжен сексуален однос. Исто така, утврдено е дека овој ген – за нивна среќа – го немале ниту неандерталците.

Со споредбеното читање на книгите на Судендорф и Пебо, се поставува очигледното прашање дали современиот јаз во менталните способности на луѓето и мајмуните е ист како оној помеѓу модерните луѓе и неандерталците. Дали во однос на модерниот човек неандерталците исто така имале ограничени способности за креирање ментални сценарија и здружување на своите мозоци? Или тие критични способности за мислење на модерниот човек веќе се појавиле во човечката еволуција во некој момент помеѓу шест милиони години стариот заеднички човечки и мајмунски предок и 0,4 милиони години стариот заеднички предок на модерните луѓе и неандерталците? Судендорф се обидува да се занимава со ова прашање во претпоследното поглавје, но тоа му ја отежнува и самата комплексност на археолошките податоци.

Се заплеткува. На едно место вели дека забните докази укажуваат дека Хомо еректусот имал поголема бихејвиорална флексибилност во однос на своите предци (мошне сомнителен заклучок) и дека можеби постигнал „сериозен напредок во двата клучни аспекти на јазот“. Но, потоа го затекнува стагнација во технологијата од повеќе од милион години и се прашува зошто Хомо еректусот не ги усовршувал редовно своите алати: веројатно затоа што не можел ниту да ги замисли, ниту да зборува за новите видови ракотворби. Потоа, Хомо еректусот некако повторно се опаметува, проширувајќи се на поголемиот дел од Стариот свет, односно во Европа и Азија. Овие очигледни недоследности во менталниот капацитет на Хомо еректусот ми зборуваат дека во рамката на Судендорф недостасува нешто фундаментално за разбирање на когнитивната еволуција, нешто што јасно се гледа само од археолошките наоди, па главно така е невидливо за психолозите кои се потпираат на набљудувањето живи луѓе и мајмуни.

„Промислената и внимателна“ анализа која ја применува Судендорф кај психолошките докази исчезнува кога е во прашање неандерталецот. Не го обвинувам, затоа што доказите се уште поконтрадикторни отколку за Хомо еректусот. Меѓутоа, еден недостаток е тоа што Судендорф не наведува ниту една од бројните понови книги за менталните способности на неандерталците. На пример, книгата на Томас Вин и Фредерик Кулиџ би ги зацврстила и неговите претпоставки за вкупното значење на капацитетот на работното паметење.

Археолошките толкувања се само попатни во книгата на Судендроф, која нуди најсеопфатна замислива споредба на менталните способности на луѓето и мајмуните. Тешко е да се замислат некои нови експерименти или нови теренски истражувања кои или би ги проблематизирале или понатаму би ги развиле неговите заклучоци. Наспроти тоа, иако книгата на Пебо завршува со 2010 година, доволно е дури и површно да се познаваат новите откритија, па да се види дека научната револуција продолжува. Пред само неколку месеци, на 4 декември 2013 година, наводно е изолирана ДНК од човечки фосил стар 400.000 години. Тоа е десетпати постаро и од неандерталецот и отвора нови пространства во проучувањето на човечката историја.

Фасцинацијата од тоа кои сме и што нè издвојува од блиските сродници, постоечки или изумрени, ќе трае и понатаму. Тоа е заводлива тема за секого, од научниците чии истражувања чинат милиони долари до луѓето кои фантазираат седнати во фотелја. Само неколку месеци од објавувањето на неандерталскиот ген, четириесет и седум луѓе му пишале на Пебо тврдејќи дека се неандерталци. Интересно е дека сите биле мажи. Му пишале и дванаесет жени тврдејќи дека нивните мажи се неандерталци. Сосема е можно меѓу нив да била и мојата жена.

Извор: www.nybooks.com