1004 hPa
81 %
7 °C
Скопје - Чет, 18.04.2024 00:59
На кој начин за својата функција се подготвува претседателот на РМ, во добата на груевизмот? Видете, вака: за почеток неговиот мозок се отстранува низ ноздрите со помош на метални куки. Она што со куките не може да се достигне се отстранува со помош на лекови и природни киселини. Можно е, исто така, со вжарени метални шипки заостанатите делови од мозокот да се истопат и доведат во течна состојба, та тогаш да се исцедат низ носната шуплина. После тоа утробата се отвара странично со груб нож и се отстранува комплетната содржина на абдоменот - цревата, желудникот, црниот дроб, белите дробови, бубрезите... Целата шуплина потоа детално се чисти и испира, најпрвин со палмово вино, а потоа со влевање на посебни течности направени од здробени зачини. Абдоменот потоа се исполнува со чиста уситнета смирна, со сува кајсија и со други ароматизирани билки и материи, со исклучок на темјанот, и сè повторно се зашива. На тој начин подготвеното тело се легнува во сол и се остава да одлежи најдолго седумдесет дена. Кога ќе помине тој период телото се мие и се замотува во фини ленени повои, во повеќе слоеви, кои се лепат со гума.
Велите, писателов полудел - наместо за живи тој ни зборува за мртви луѓе; наместо за полни и активни тела, тој ни бамбори за мумии, балсамирање, лушпи и черупки, испразнети од супстанца.
Аха, баш: бамборам за челниците на груевизмот, луѓе налик на бабушки - празни, а полни со себе. Притоа не велам дека е празен (= полн со себе) само кутриот Хорхе (жртвата на насилството во рамките на Фамилијата, според опасно прецизниот пророк по име Трич Ков Ски), туку од мозокот и внатрешноста е ослободен и самиот пантократор, од кого се испилило (исползало) - сè.
Зошто така зборам? „Зашо бе, будала низаеден, така збориш, стаааш глаа у фурна коа моеш фризура под хауба?! Стаи глаа под хауба, не се прај глуп - и Бог (т.е. пантократорот) да те види!“
Со други зборови: разумно е да се приклонуваш кон силата и да преживуваш во отисоците на нејзините чизми.
Еве, ќе раскажам приказна, вистинита, баш на истата тема. Поуката отприлика е ова: кој раскажува како стварно било што била реалноста што било (консензуална) халуцинација симулакрум потемкиново село инсценација дизниленд, кој раскажува, накусо, што се случува наоколу и што дрдорат луѓето - тој, батка, ризикува ем умртвување на мозокот ем жива глава на рамена.
Приказнава заправо ја раскажува Плутарх, а главниот лик е еден грчки (не заебаај = македонски) бербер. Дејствието се случува во 413 година пред нашата ера. Дента берберот шишал еден муштерија во својата берберница во Пиреј, пристаништето на метрополата Атина. Ги шишал (не утробата, не мозокот) косата и брадата на некој непознат човек, не насетувајќи дека во наредните неколку минути светската историја ќе провали во неговиот живот за да му даде трагична улога во еден поучен пример за кревкоста (ха ха!) на историските извори. Оти она што странецот го донел ќе го измени ем животот на берберот (ќе го измени накај смрт) ем животите (накај умирачка, такуѓере) на многумина негови сограѓани. Берберот, значи, од странецот штотуку ја слушнал кратката но страшна новост, која прокрстарила низ Средоземното море, одејќи од пристаниште до пристаниште: атинската (= македонската) флота била уништена во сиракуското Големо пристаниште, а Демостен и Никија, атинските стратези и врховните заповедници на Сицилија - најнова вест! - биле убиени, а грчката (= македонската) војска била сосема уништена. Берберот од непознатиот странец дознал и дека самиот гласник, некој роб, избегал со својот господар. (Подоцна, во својата Историја на Пелопонеската војна, Тукидид ќе го потврди сево ова и ќе извести за седум илјади заробени Грци, пардон Македонци, во сицилијанските каменоломи.)
Откако берберот ја слушнал шокантнава вест, брзо тргнал во шест километри оддалечената Атина за веста да им ја соопшти на оние на кои најмногу се однесувала - народот и власта на Атина (т.е. Македонија). „Во моментот тој го напуштил својот дуќан и брзо заминал кон градот за некој да не го престигне и да не му ја преземе славата на донесувањето на веста во градот“, известува многу подоцна Плутарх, пренесувајќи ја приказната на берберот. Преплашените Атињани (Македонци) се собрале за да ја испитаат работата; на крајот на краиштата, пренесувачот имал професија не баш позната по веродостојноста. „Не е ни чудно што целиот берберски цех е толку дрдорлив, бидејќи таму се собираат најлошите, бадијалџии и фантазери“, размислувал тогашниот хроничар.
Берберот, значи, бил испитан од овластените. Но со оглед дека немал сигурен сведок туку се повикувал на безимена, непозната личност, толпата (брзо известена, преку големото уво, потпрено врз клучалката) се налутила и извикала: „Водете ја барабава! На маки со него! Лаже-суши! Кој слушнал за вакви глупости? Кој може да поверува во вакво нешто?“ Донеле тркало за мачење и несреќниот бербер брзо бил распнат и бајаги долго мачен, сè додека други извори конечно не ја потврдиле неговата вест. „Тогаш сите се разбегале, секој да си ја оплакува својата несреќа, и го оставија јадникот да лежи врзан за тркалото“, известува хроничарот.
Значи, што е веста? Што е реалноста? Вашиот претседател, драги Атињани (= Македонци) е балсамирана птица (кукавица набиена во ѕиден часовник). Вашиот водач е празен ко руска кукла (т.е. полн е со сопствените намалени верзии на себеси). Вашиот орган за ориентација&снаоѓање (= мозок) е изваден со метални куки и растопен со помош на природни киселини. Гласникот („некој роб“) избегал јабана со својот господар. А и берберот е ликвидиран.
Слики: Cesar Santos