Освести се, народе!

15.04.2014 14:08
Освести се, народе!

Кажувам и пишувам за да биде кажано и напишано во овој момент, како што напиша режисерот Поповски во своето писмо-обраќање до јавноста и Синоличка во своите обиди да го убеди народов дека Пендаровски е вистинскиот човек со многу вредности, кој сега ни е даден на сите нас. (Поконсензуален кандидат за претседател, амин, вели еден албански аналитичар!)

Колку што знам, овие двајца се единствените уметници кои се произнесуваат со опозициски став во овој момент. Или се лажам? Сите други млади (од постарите генерации веќе ништо револуционерно не очекувам, секоја чест на исклучоците!) режисери, актери, музичари, сликари, вајари, писатели, поети, архитекти не чувствуваат потреба јавно да се произнесат во овој момент (мислам како опозиција)? Сега, кога сме на работ на пропаѓањето во уште поголема криза? Бидејќи, каде ќе одиме понатаму?! Зарем има каде да се оди понатаму? Во дупката на дното, во сеопштиот колапс кој треба да ни се случи и да нè освести? Ќе се освестуваме тогаш кога ќе трпиме уште поголема штета откоку сега? Така ние во Македонија треба да ја научиме лекцијата? Така ни е „судено“?

Имам пријатели кои се во ДОМ, како приврзаници на „Зелените“. Драги мои пријатели, кога гласате за ДОМ не гласате за ДОМ и принципите за кои треба да се заложува една зелена партија, туку гласате за владејачката партија. Ако оваа партија беше вистински „зелена“ ќе се бореше за секое исечено дрво, и немаше да ни продава разни оправдувања за својата пасивност од типот „ние сме сѐ уште народ со ниска еколошка свест“. Па тие треба да ја градат еколошката свет со својот пример како активисти на терен, не само декларативно, да ја манифестираат еколошката свест со организирање протести при секој обид за намалување на зелената површина во урбаниот простор, независно од тоа каква е волјата на владејачката партија со која се во коалиција. Затоа, драги пријатели, вие живеете во илузија. Јас себеси се декларирам како екологист. Секоја година во Преспа собирам огромна количина разни отпадоци од брегот на езерото. Тоа за мене претставува чин на еколошка свест, „на терен“. После тоа, кога се шетам покрај езерото и кога е сè чисто, се чувствувам навистина прекрасно. Бидејќи тоа е мое дело, таа убавина без отпадоци, без пластични шишиња расфрлани насекаде, без развеани кеси... (добро, не успевам до крај да го соберам тој отпад бидејќи сега гледам и дека и приколки се истура шутот и веќе се создава дива депонија, па пишувам писмо до општина Ресен да преземе нешто) Активноста ме прави среќна. Јас го давам својот скромен придонес во зачувување на животната средина, а фактот дека немаме еколошка свест не го користам како алиби за неактивноста. (Факт е дека немаме еколошка свест, но тој факт ништо не менува на подобро. Затоа, што со тој факт? Едуцирање? Добро. На една карпа на брегот, каде што рибарите милуваат да ловат риби напишав: „Ви благодариме што не фрлате отпадоци. - Национален Парк Галичица“. Токму на тоа место секоја година собирам барем пет-шест големи вреќи со секаков отпад. Каква едукација е потребна? Со инка да им се става во главата? Не знам.) Затоа, драги пријатели од ДОМ, немојте да ме поканувате на вашите коктели и пригодни забави, туку кога вистински ќе станете зелена партија и кога ќе ги засукате ракавите и на дело ќе покажете дека ревносно и бескомпромисно се борите за животната средина, тогаш праќајте ми покани за коктели и други прослави. Сè додека Македонија не стане еколошки чиста средина, не ве признавам за ништо, и вие не сте зелена туку црна партија. (Така кажа и еден наш граѓанин кога ги сечеа дрвјата пред хотелот Бристол.) 

 

Дали ги слушате аналитичарите, дека не може со толку голема администрација, со толку големи трошоци кои се прават со „проектот“ Ск 2014, сега и со разни други „отпишувања“ на долгови, сето тоа да биде на арно, туку така само се зголемува долгот на оваа држава и тоа долгорочно води кон подлабока криза? Само со штедење и домаќинско работење ќе биде на арно.

Кога ќе се освестите вие други „националности“, Албанци, Власи, Срби, Турци , Роми? Уште сте „националности“ или луѓе кои размислуваат трезвено и без предрасуди? Сите сме луѓе кои сакаат убава иднина за оваа земја, не краткорочно бедно решение со третирање на народот како стока, продавање на работната сила на пазарот како ропска и несовесно зголемување на долговите (никој освен тој што енормно ги зголеми не знае колкави се).

За да се гради држава е потребна постојана борба, свест, совест, напор.

Дали вие кои гледате што се случува во владејачката партија, вие кои сте за зачувување на македонската автохтона култура, за патриотското чувство, што се декларирате како борци за „македонштината“, дали гледате во која насока се движиме? Се движиме кон сè поголема хипокризија, лага, криминал, заострени односи, непријателство, во сè порадикална состојба на односите во Македонија. Зoшто сѐ уште ја поддржувате оваа власт?


Битно е да се биде човек пред сè. Човекот, хуманоста се пред сè. Ништо друго не е пред сè, ниту државата, ниту партијата ниту националната, верската или половата одредница. Разумот на овие луѓе без разлика со која група и одредница се идентификуваат треба да победи во овој момент. Имаме најмалку разум, а најмногу ни е потребен.

Интелигенцијата треба да ја поведе битката сега. Таа е најголемиот заеднички именител и најмалиот заеднички содржател во импулсот што треба да го роди револуционерниот дух, интелигенцијата од сите национални припадности. Нема повеќе други припадности, туку една единствена – граѓанска мултинационална, мултиетничка припадност предводена од интелигенцијата. Затоа, сега е најнужно интелигенцијата да се обедини и да го даде не само својот глас на денот на изборите, туку и својот став во медиумите и воопшто преку социјалните мрежи.

Кога ќе се формира партијата која треба да ги обедини сите прогресивни, разумни сили? Главната опозициска партија ги исцрпи своите идеи. За пофалба е нејзината смела промена во стилот во настапот, во „жртвата“ што ја направи за повисоки идеали и човечки вредности. Сепак, што е тоа што треба да го донесе пресвртот? Кога треба да се случи? Тогаш кога сите ќе нè погоди уште поголема неволја? Тогаш ќе имаме поголема сила од сега? Тогаш, кога до крај ќе бидеме обезличени и обесправени и кога меѓународната јавност ќе гледа во нас безнадежен случај? Кога? Долгорочно? Краткорочно? Штетите секој ден се сè поголеми. Кога ќе се ослободиме од оваа голема популистичка илузија? Јас сум патриот, ја сакам оваа земја, го сакам овој народ, сите луѓе, без разлика на сите тие одредници како народ, националност, верска припадност, ги сакам, ги сакам и овие на власта.

Народе, освести се! Гледам дека сите се во потрага по нови идеи, нови сили, ново време, нови проекти, ново, ново, ново. Ништо ново не треба да се смислува. Сè е веќе смислено, сите сили и ресурси и идеи со кои располагаме се тука. Стилот на живеење, ставот кон политиката, кон себеси и кон светот, кон животната средина, кон идеалите, свеста, треба да се променат. Јас не сум ниту политиколог, ниту екперт за економија и за идеологиите, но увидувам дека национализмот е ретроградно движење, не само во Македонија туку секаде каде што се случува. Космополитизмот е револуционерен дух и прогресивно движење. (Видете, секаде каде што постои национализам, кој неминовно денес води кон фашизам, ќе ги зебележите двете бои како симбол: црвена и црна или само црна. Пред некој ден тие бои ги забележав и кај терористите во Украина. Од каде, пак, во Украина таа комбинација на бои како симболика? Истото е во прашање: национализам кој преминува во фашизам или во суштина е затскриен фашизам.)

Единството, слободата, љубовта и заедништвото се израз на револуционерниот дух. Ова не се празни и излитени зборови, колку и да ни звучат така. Можеби затоа што е тешко остварлив тој идеал, стремежот ни се причинува како напразен и утопистички, но светов, а и ние како дел од светот, немаме друга опција.

Во моментов не сме свесни и не можеме да увидиме кон каков амбис се движиме.

Секоја акција носи плод и секој потег резултира со верижна реакција. Ако сега не се создаде јадрото на силата која треба да ја поведе борбата понатаму, тогаш, како што ќе поминува времето, се плашам дека нема да има поповолна можност за будење. Дај боже овој став да биде во најниската точка на едно прогресивно движење кое забрзано ќе расте во деновите натаму!

Фотографии: Преспа пред три дена
Слика најгоре: Татјана Миљовска

ОкоБоли главаВицФото