Животната енергија и движењето на состојбите во економијата

16.04.2014 11:46
Животната енергија и движењето на состојбите во економијата

Терминот animal spirits, првпат употребен од Кејнз при објаснувањето на цикличните флуктуации во економијата, за време на Големата депресеија ја истакнува важноста на неекономските фактори кои имаат влијание врз процесот на одлучување кај економските агенти. Неговите латински корени, терминолошки значат нешто што доаѓа од умот, анимирање, оживување. Всушност тоа е ментална енергија и животна сила која ги поттикнува економските агенти на одредено размислување и дејствување.

Во поново време терминот animal spirits го споменуваат нобеловците Џорџ Акерлоф и Роберт Шилер (добитник на Нобеловата награда за економија во 2013), инспирирани од настаните од Глобалната криза која го зафати светот во 2008 година. Тие истакнуваат дека досегашните објаснувања на традиционалната економска мисла не даваат јасни одговори за причините за настанување на кризите низ историјата воопшто и не нудат сеопфатни решенија за излез од истите, бидејќи ги земаат предвид претпоставките на ограничените модели на економска рационалност, според кои економските агенти донесуваат одлуки врз основа на чисто економски интереси. Значењето на терминот animal spirits упатува на тоа дека во процесот на одлучување, вклучително и кај донесувањето на економските одлуки луѓето се водени од нешто внатре во нивниот ум, од енергии кои не мора секогаш да се вклопат во рационалните претпоставки. Всушност, низ процесот на учење во животот кај економските агенти се формираат различни модели на економско резонирање и тие со различни „процесори“ ги обработуваат информациите за различните економски настани кои низ времето се втемелуваат во нивните ментални матрици. Заради тоа, сосема оправдано, во нивното извонредно дело „Animal Spirits“ ја истакнуваат потребата од нестандардно анализирање на состојбите, што значи вклучување на сознанија од други научни дисциплини, а посебно од психологијата, со што ќе се надополнат сознанијата на традиционалната економска мисла и на тој начин ќе се добие поцелосна слика за настаните од економскиот живот. Авторите Џорџ Акерлоф и Роберт Шилер идентификуваат пет психолошки фактори, кои со заедничко име ги нарекуваат animal spirits, за кои сметаат дека имаат големо влијание врз движењето на состојбите во економскиот живот. Тие фактори се довербата, приказните корупцијата и верувањето во погрешни вредности, чувството за праведност и илузијата за парите. Настаните од кризата од 2008 година се најсвеж пример каде што промената на сентиментите на луѓето доведува до појава на меури и крахови во економијата, што потврдува дека економските агенти ги носат своите одлуки надвор од рационалноста.

Ненавремени, нецелосни информации, коруптивно однесување на креаторите на економската политика, прекумерната доверба во приказните за неограничените можности на пазарите на хартии од вредност и на пазарите на недвижнини, создавањето на пазарот на т.н. потстандардни кредити се само дел од „ирационалностите“ кои биле присутни за време на создавањето на меури, чие пукање доведе до кризата од 2008 година. Создавањето на меурите е поддржано од дејството на т.н. психолошки повратни врски кои постојат помеѓу чувствата и размислувањето на луѓето и случувањата во економскиот живот. На тој начин, растот на цените на недвижностите создаваше оптимизам , кој ги охрабруваше економските агенти сѐ повеќе и повеќе да купуваат недвижности, со што само се зголемуваа нивните цени, и поддржано од пазарот на потстандардните кредити се прегреваше состојбата на пазарите, односно се создаваше прекумерна доверба во привидно неограничените можности за раст на цените. Паралелно со овие настани се случуваа и процесите на дерегулација на финансискиот сектор, интернационализација и глобализација на финансиските пазари, со што се ширеа приказните за можностите кои ги нудат иновативните финансиски инструменти и повторно преку механизминте на психолошките повратни врски се создаваа меури, кои беа поддржувани не само од луѓето, туку и од финансиските институции и регулаторите. Несоодветната регулација во финансиската сфера во периодот на создавањето на меурите и нереалните рејтизни објавени од страна на рејтинг агенциите се една од главните причини за настанување на кризата во 2008 година. На пример, во моментот на пропаѓање гигантот „Леман Брадрс“ беше рангиран со највисоки инвестициони оценки, без да се води сметка дека зад тие хартии од вредност стојат кредитобаратели кои не се способни да ги сервисираат достасаните обврски. Исто така ваквите трендови беа поддржувани од креаторите на економската политика кои ја ширеа приказната за успешноста на пазарот во регулирањето на состојбите, со што се создаваше состојба во економскиот живот, која Шилер ја нарекува „ирационален ентузијазам“. Вакви примери можат да се најдат и многу порано во историјата, каде што психолошките фактори, односно чувствата и резонирањето на економските агенти имаат влијание врз состојбите во економијата. Прегревањето на економијата во 1920 -тите години во САД, кои потоа доведоа до крах на берзата и настанување на кризата во периодот од 1929-33 година, па потоа обратниот механизам на дејствување на психолошките повратни врски - враќањето на довербата со стабилизационите економски политики на Рузвелт или пак уште поназад кризата од 1890 година во САД, кога заради приказните и коруптивното однесување на креаторите на економската политика предизвикале пад на довербата кај економските агенти со што настанувале банкарски паники и песимизам кај економските агенти. Овие примери, и во поново време кризата од 2008 година сведочат дека економските агенти не секогаш го темелат своето однесување според рационалните претпоставки. Дури и кога ги имаат на располагање сите релевантни информации, заради различниот модел на економско резонирање кој се создавал под влијание на различни психо-социјални фактори тие можат да дадат ирационален одговор. Однесувањето на економските агенти во голема мера е водено од неекономски мотиви - животински поттици, животна енергија, нешто што доаѓа од нивниот ум. Приказната или нештото во што веруваат во даден момент ги води економските агенти при донесувањето на економските одлуки. За време на кризата од 2008 година верувањето во приказната за неограничените можности на финансиските пазари, популарните приказни дека недвижностите се секогаш најдобра инвестиција, појавата на иновативните финансиски инструменти се дел од приказните кои имаа силно влијание врз чувствата и резонирањето на економските агенти не само во САД, туку и во останатиот дел од светот, заради интернационализацијата и глобализацијата на финансиските пазари.

Заради традиционалниот модел на банкарско работење и недоволно развиен пазар на капитал кризата во Македонија се почувствува најпрво индиректно, пред сѐ заради малата изложеност на меѓународните финансиски пазари. Сепак, во одреден временски период постоеле енергии, оптимистички импулси кои ги оживеале пазарот на капитал и кредитниот пазар. Во периодот од 2004 - 2008 година постоеше кредитен бум во банкарскиот сектор во Македонија, кој беше поддржуван од солидните макроекономски показатели во тој период, најавите за преземање на некои од македонските банки од странски финансиски институции, релаксираната монерарна политика, воведувањето на нови банкарски прозиводи во доменот на картичното работење итн. Во такви околности и населението и банките се склони да преземаат ризици, бидејќи ги анализираат состојбите врз основа на моменталните случувања и понесени од оптимизмот не размислуваат за евентуални негативни последици во иднина. Во овој случај, дејството на психолошките повратни врски е во позитивна насока и за илустрација, во 2007 година, како резултат на позитивните приказни во економијата стапката на пораст на кредитите кон нефинансиските субјекти изнесува дури 43,1%. 2007 година ќе остане запаметена не само како успешна година за банкарскиот сектор, туку и како година на рекорди на Македонската берза на хартии од вредност, кога прометот достигнува околу 682 милиони евра како резултат на тргувањето со речиси сите хартии од вредност кои беа присутни на македонскиот пазар на капитал. Присуството на регионалните инвестициони фондови, најавите за влез на странски инвеститори во банкарскиот сектор, телекомуникациите, осигурителниот бизнис, измените во регулативата за зголемување на транспарентноста на котираните компании, почнувањето со работа на првите приватни пензиски и инвестициски фондови во Македонија ги разбудија позитивните сентименти кај инвеститорите со што приказната за солидните можности за заработка на Македонската берза се рашири во јавноста и ги привлече и неедуцираните ентузијасти да инвестираат во некоја од акциите на македонските компании. Се случуваше дури физичките лица да земаат банкарски кредити за да можат да го следат тој тренд кој што беше присутен на македонскиот пазар на капитал. Сепак, вака раздвижените животински поттици беа запрени, односно почнаа да се вртат во негативна насока по избивањето на одредени скандали на Македонската берза заради нетранспарентното однесување на дел од македонските компании, влошеното политичко окружување и индиректните ефекти од кризата од 2008 година кои ги разбудија негативните сентименти кај македонските и странските инвеститори. Влошената побарувачка за производите на извозно ориентираните македонски компании ја намали нивната кредитна способност, на што банките беа принудени да одговорат со намалена кредитна активност и покрај тоа што не се соочуваат со нарушена ликвидност заради традиционалните извори на финансирање, што значи дека даваат донекаде рационален одговор на ирационалните состојби во економијата. За разлика од банките, состојбата на Македонската берза по 2007 година е многу влошена, односно берзанското тргување скоро и да не е присутно во економскиот живот. Песимизмот кај домашните и странските инвеститори е сѐ уште присутен, па дури и оптимистичките прогнози за состојбите во економијата и новите регулативи за зголемување на бројот на котирани компании не ги даваат посакуваните резултати за „оживување“ на македонскиот пазар на капитал, што значи дека енергиите треба да доаѓаат од други извори и да делуваат во некоја друга насока.

Извор: Ирационалните мотиви на економските субјекти за време на економските циклуси и финансиските кризи (animal spirits наспроти рационални очекувања), Економски факултет, Скопје, 2013

Слики: Keigo

ОкоБоли главаВицФото