Што можеме да сториме за да се случат демократски промени?

16.04.2014 11:59
Што можеме да сториме за да се случат демократски промени?

Првиот круг избори е неуспешен. Не ја одразува волјата на мнозинството избирачи!

Помина првиот круг од претседателските избори, и еве го мојот прв заклучок: Резултатите не ја одразуваат волјата на мнозинството запишани избирачи затоа што, според ДИК, гласале само 48.84% од запишаните избирачи. Дури и од тие што гласале 2.7% биле неважечки гласови.

Накусо, победник во првиот круг се НЕГЛАСАЧИТЕ!

Не може да стане збор за успешни избори ако повеќе од половината запишани избирачи не гласале. Од вкупно запишани 1.779.572 граѓани во избирачкиот список, според ДИК, гласале 869.137 илјади, а останале неупотребени 910.435 гласачки ливчиња. Значи, негласачите ги победиле гласачите за цели 41.298 гласови!

Од граѓан(к)ите што гласале, според ДИК, 449.068 го поддржале Ѓорге Иванов, 326.133 Стево Пендаровски, 38.966 Иљаз Халими, 31.366 Зоран Поповски и 23.674 биле неважечки гласови.

Според законите на математиката, бројот на важечки гласови за секој од кандидатите одделно, плус бројот на неважечки гласови, треба да биде еднаков на бројот на избирачи кои вкупно гласале. Но, ДИК објави вистинско математичко чудо! Ако се соберат гласовите на кандидатите што ги објави ДИК од 100% процесирани избирачки места се добива следниот резултат: 449.068 +326.133+38.966+31.366+23.674 (неважечки) = 869.207 илјади гласови?!

Како е можно бројката од 869.207 гласови (гласови на кандидати и неважечки гласови) да не се поклопува со објавената бројка од 869.137 илјади што „вкупно гласале“? Како е математички возможно да има избројани и признаени 70 гласа повеќе (важечки + неважечки) од вкупно гласови на избирачи? Без оглед што станува збор за несовпаѓање од само 70 гласови, ваквите математички утки фрлаат сериозен сомнеж во веродостојноста на податоците кои ги објавува ДИК.

Според ДИК, кандидатот кој освои најмногу гласови има само 25.23% гласови од вкупно запишаните избирачи. Бидејќи не го доби потребното мнозинство гласови (минимум 50% од вкупниот број избирачи, односно 889.787 гласови), ќе има втор круг на гласање, кое ќе се поклопи со гласањето за предвремените парламентарни избори.

Интересно и парадоксално, не постоеше ни теоретска шанса некој кандидат да добие 889.787 гласови, затоа што излегоа само 869.137 избирачи (иако беа избројани 869.207 гласови). Ете уште еден показател за неуспешноста на овие избори.

Зошто воопшто да се гласа на нерамноправни и неслободни избори?

Многумина избирачи кои сакаат промени се разочарани од начинот на кој се спроведуваа изборите и од резултатот на изборите. Имаат и зошто да бидат разочарани. Не постоеја ни елементарни предуслови за рамноправен натпревар помеѓу кандидатите, што го потврдија и набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР.

Корумпирани и пристрасни медиуми кои бесрамно пропагираат за кандидатите на власта, а против кандидатите на опозицијата. Автоцензура кај новинарите од заканите за парични, па дури и затворски казни. Избегнување критички дебати. Пропагандно клеветење, па дури и закани за „метак у чело“ на критичари на власта.

Раширена злоупотреба на положбата на службени лица и користење државни ресурси за партиско-пропагандни цели. Заплашување на гласачи. Партиски штабови до избирачки места агитираат и водат паралелна евиденција. Корумпирање и купување на гласачи на големо и мало. Групно гласање.

Фантомски избирачи на фантомски адреси. Неажуриран избирачки список. Фалсификувани биометриски документи. Мастилото што не се брише лесно се брише! Починати пак гласале?!

Па, зарем навистина верувавте дека може да спроведе слободни и фер избори администрација која нема капацитет да спроведе редовен попис на населението?

Зошто сепак ќе гласам?

Уште пред почетокот на кампањата бев убеден дека нема предуслови за фер и слободни избори. Нејсе, сепак излегов да гласам и планирам да гласам и во вториот круг и на парламентарните избори! Зошто?

Најискрениот одговор би бил: Ќе одам пак да гласам за инает!

Ќе гласам пак за инает на корумпираните властодржци и медиуми! За инает на тие што прават се што е во нивна моќ за да ме спречат да го остварам своето избирачко право!

Ќе гласам за инает на сите оние кои им е во интерес да не гласам!

Ќе гласам за инает на тие што мислат дека глас се купува за 500 денари, со вреќичка брашно, или со заплашување и пропагандно обесхрабрување на избирачите!

Ќе гласам, за да спречам некој друг да гласа наместо мене!

Ќе гласам, за да оневозможам гласот на тие што излегле на избори да вреди два пати или три пати повеќе, отколку безгласноста на запишаните избирачи кои не гласале!

Зошто нема да ги бојкотирам изборите, иако не се фер и слободни?

Дел од граѓаните кои се оправдано разочарани од начинот на кој се спроведуваа изборите изјавуваат дека не сакаат повеќе да учествуваат во нерамноправен и неспортски натпревар. Не сакаат да соучествуваат во „утакмица“ во која и организаторот, и судиите, и коментаторите (корумпираните медиуми) отворено навиваат само за екипата на власта и ја оштетуваат и јавно ја исвиркуваат екипата на опозицијата. Зошто воопшто да се учествува во таков неспортски натпревар кој, и покрај непостоечките пенали за екипата „власт“ и поништените голови за екипата „опозиција“, пак ќе биде прогласен за регуларен од „делегатите“ на „УЕФА“?

И на ова прашање имам мошне едноставен и искрен одговор: Ќе истрчам пак како избирач на неспортското изборно игралиште, за инает на демократските силеџии што сакаат да ме избркаат не само од игралиштето, туку и од трибините!

Што лично ќе направам пред гласањето на 27 април?

Во следните десетина дена планирам да остварам неколку едноставни цели.

Прво, ќе се обидам да ги убедам моите блиски познаници кои гласаа дека повторно треба да гласаме на изборите, и тоа со важечко ливче!

Второ, ќе пронајдам неколку запишани избирачи од тие 910.435 (според ДИК) кои не го пополниле своето гласачко ливче. Ќе ги убедувам дека треба да го искористат своето право на глас, за кое животот го имаат положено илјадници познати и непознати херои на демократијата и човековите права ширум светот. Доколку убедам барем двајца, тоа ќе го сметам за успех.

Трето, ќе се обидам да ве убедам Вас, почитувани читател(к)и, граѓан(к)и, избирач(к)и, и вие да се обидете да убедите барем двајца негласачи да го остварат своето демократско право на глас. Исто така, да ги убедите вашите познаници и тие да го следат нашиот пример: да пронајдат барем двајца негласачи и да ги убедат да станат гласачи.

Колку повеќе негласачи ќе успееме да ги „конвертираме“ во гласачи, толку помалку можности ќе има за злоупотреба на гласовите.

Не за џабе викаат: „Промените не доаѓаат сами по себе...“. Промените доаѓаат од нас - избирачите.

 

Жарко Трајаноски, избирач

Слики: Свирачиња