Поглед од регионите - Бердјанск, југоисточна Украина

17.04.2014 09:22
Поглед од внатрешноста - Бердјанск, Украина

Додека новите украински власти водат предизборна кампања и се обидуваат да ги скротат десните радикални сили, тие ја прават истата грешка како во 2004 година и заборавија на незадоволството на народот од југоистокот.

Имено, југоисточниот дел на земјата го поддржа претседателот Виктор Јанукович во изборите од 2004 и 2010. Но, неговата власт беше збришана од масовни протести и револуции во два наврати. Во 2004, за време на Портокаловата револуција, тоа се случи ненасилно и регуларно, со трет изборен круг. Овојпат, земјата е на праг од граѓанска војна.

Улогите сега се сменети, ако втората мајданска револуција во февруари за многумина беше поттикната од Америка и Европската Унија, „антимајдан“ револуцијата, што минатата недела започна во неколку градови во источна Украина, за Америка и за некои европски лидери е дело на специјални сили испратени од Москва.

Корупцијата - мотор на економијата

Бердјанск, расположен на брегот на Азовско море, е град оддалечен 180 километри јужно од Донецк, престолнина на самопрогласената Донецка Република и голем индустриски центар во источна Украина. Таму, но и во регионалните центри Харков и Луганск, како и во помалите градови како Славјанск и Краматорск и уште неколку помали места, минатата недела добро вооружени и униформирани лица ги зазедоа полициските станици и административните објекти и поставија единствено барање, одржување на референдум за автономија на регионот Донбас и присоединување со Русија.

Овде, уште од крајот на февруари, броди воена психоза поради можната инвазија на руски армиски сили стационирани преку граница и мобилизацијата на украинската армија. Барикадите од стари автомобилски гуми и секаков друг шут поставени околу заземените зданија ги чува маскирана локална милиција координирана од руски агенти. На сличен начин како во Донецк, вооружени специјалци поддржани од руската војска пред еден месец го окупираа полуостровот Крим, кој по организираниот референдум и по гласните протести од Запад и Киев беше анектиран од страна на Русија.

„Подобро револуција отколку корупција. Револуцијата е скапа работа, но корупцијата во Украина е уште поскапа“, рече Дмитриј Коверниј, раководител на одделот за извоз на Агринол, холдинг од Бердјанск. Во холдингот, кој функционира во повеќе дејности како производство на индустриски и автомобилски масла, производство на метална амбалажа, недвижнини, транспорт др., работат повеќе од 3.000 луѓе. Компанијата ја посетив кон крајот на февруари и Коверниј се согласи да ми го покаже градот.

Некогаш, во советско време, Бердјанск бил важен индустриски центар. Впрочем, крвотокот на украинското стопанство е на исток, каде уште од 1950-тите и 1960-тите години, поранешниот Советски Сојуз ги изградил машинската, рудната и металуршката индустрија. Тогаш, во Бердјанск, под полна пареа работеле најголемата фабрика за кабли и најголемиот производител на индустриски масти во поранешната комунистичка држава. Фабриките се простирале на површина од неколку квадратни километри. Обраснати со трева и грмушести растенија, разрушените и запуштени хали и згради опкружени со ѕидови опшиени со бодликава жица, се локации што денес шират еден апокалиптичен пејзаж.

Тој пејзаж продолжува низ целиот град - неуредените и неасфалтирани градски авении тротоари, сивите и сронети фасади на хрушчовките, малите и трошни куќарки со тесни дворови и улички, го изложуваат нискиот животен стандард, немаштијата и неефективната локална власт. Во Украина месните политичари се ангажирани на реализација на свои тесногради интереси, а централните на растурање на државата.

Агринол е единствената компанија која денес работи успешно, и затоа од неа зависи речиси целата економија во градот. Бердјанск оживува само во текот на летото кога доаѓаат туристи на евтин одмор во локалните советски одморалишта на државните претпријатија од Киев и цела Украина.

Во септември 2010 раководството на Агринол за влакно избегна насилно преземање на компанијата од страна на маскирани и вооружени лица испратени од централната даночна служба. „Корупцијата е мотор на украинската економија“, рече Коверниј и ми откри дека Агринол има договор за снабдување со локомотивни масла со украински железници заснован на цени за литар моторно масло многу повисоки од пазарните. „Во мојата канцеларија имам посебен оддел каде неколкумина вработени постојано бројат кеш и ги испраќаат парите во вреќи на потребната адреса.“

Двојна револуција

Двете револуции што се случија во Киев и во источниот дел на земјата се реакција токму на лошата економска ситуација, бедата и разгранетата корупција. Во Украина, како и во Русија, бизнис тајкуните и олигархијата се тесно поврзани со власта. Така, на пример, неформален шеф на Агринол е Александар Пономарјов, локален олигарх и депутат во Радата, украинскиот парламент. Митото и поткупите станаа заштитен знак на власта на Јанукович.

Тој му веруваше повеќе на Владимир Путин отколку на ЕУ, дека земјата може да ја извлече од криза, и затоа не потпиша договор за европска интеграција на Украина. Овој акт стана причина за широк бран на демонстрации низ западниот дел на земјата и во Киев. Сеедно, до егзилот на Јанукович во соседството, во Ростов-на-Дон, украинската економија некако функционираше. Но по крвавите киевски демонстрации во фебруари кога загинаа околу стотина демонстранти, на власт дојде нова гарнитура лидери. Нелегитимна за Москва, оваа власт сака да воведе промени од постсоветски систем на нерегулиран капитализам во пазарна економија стокмена според европски принципи и стандарди. Невозможна мисија за неамбициозното и длабоко советизирано општество на источна Украина, за разлика од западот на земјата кој е проевропски настроен.

Стабилната економска ситуација во делови од Русија, современата изградба на Сочи, недостижните плати во Москва и Санкт Петербуг, го натераа мнозинството од народот од југоисточниот дел на земјата, историски познат и како Малорусија, да се сврти кон поголемиот брат. Ним не им се допаѓа идејата за штедење, кратење на платите и пензиите и поскапување на цените на струјата и гасот што ги заговараат финансиерите од ЕУ и Меѓународниот монетарен фонд за да ја кредитираат државата. Ниту пак се восхитени од идејата за влез на Украина во НАТО алијансата.

„Зошто оние што ја окупираа администрацијата и воените инсталации во Лавов беа наречени национални хероји, а ние, затоа што не сакаме во ЕУ и бараме помош од Русија, веднаш станавме терористи?“, изјави подоцна Виталиј, активист од Краматорск.

Мислењата на луѓето во источна Украина се поделени, ми кажа Јулија Говорова, раководител на извоз во Агринол. „Секој има своја точка на гледање. Има такви на кои не им се допаѓа ниту (партијата) Десен сектор, ниту пак сакаат присоединување со Русија. Тие луѓе одбираат Украина да се развива самостојно.“ Локалните жители на Бердјанск подигаат заштитни барикади на влезот од градот и многумина овде живеат во страв од распад на земјата. Се плашат за своите блиски и семејствата и не сакаат да го загубат скромно стекнатото.

Во неделата во Славјанск имаше полициска интервенција, а во вторникот украинската армија се пофали дека го вратила под своја контрола локалниот воен аеродром. Но, по сѐ изгледа, тие акции не беа доволни за разоружување на проруските сепаратисти, кои поддржани од широко разгранетата разузнувачка мрежа на Москва, го фрагментираат регионот. Сите исчекуваат да се случи најлошото, а државата никако да избега од работ на бездната.

Синдромот 2001

Координираните воени дејствија на „терористите“, како што власта ги нарекува проруските вооружени формации во Донецк, Луганск, Славјанск и останатите помали места, се морничаво слични на дејствијата на косовските вооружени групации кои зимата и пролетта 2001 година слободно ја преминуваа македонско-српската граница и вршеа терор во пограничните македонски села, во Тетово и во Арачиново.

На Украина ѝ се случува своја 2001, но за разлика од конфликтот во Македонија, влоговите овде се многу повисоки. Наместо третоешалонски дипломатски олеснувачи од типот на Леотар или Пердју, заради украинската криза копјата ги вкрстуваат американскиот државен секретар, Џон Кери, и рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.

Тие неделава се среќаваат на преговори за регулирање на ситуацијата и можно прекројување на уставниот поредок на Украина и нејзина федерализација. Америка и Русија гледаат свои интереси и имаат посебни агенди за Украина, и затоа нејзината иднина е многу неизвесна.

ОкоБоли главаВицФото