Играта е завршена!

17.04.2014 10:28
Играта е завршена!

 „Les jeux sont fait, rien ne va plus“! „Играта е завршена дами и господа, ништо повеќе не е валидно“. Така, со сленгот на крупието, би го опишал исходот на овој прв круг од претседателските избори, резултат доволно индикативен за веќе тука да го санкционираме и исходот од изборите на 27 април. Сè беше јасно, само што многумина одбиваа да слушаат и да повлечат соодветни чекори. Сега е само уште појасно, но и предоцна за што било да се промени.

Од сè што пишував изминативе недели, од моите ставови дека изборите се математички детерминирани или однапред изгубени, преку мојот суд како опозицијата греши што се изедначува со логиките на власта или на режимот, до самите резултати кои го потврдија тоа, ќе се обидам да ја заокружам мислата за овие избори, но и да и дадам поширока анализа за празнината која ја живееме и која допрва ќе нè проголта.

Со Македонија владее режим. Досадно ви е тоа да го слушате?! Не се согласувате, повеќе ви личи на општество владеено од мафија или од криминално друштво?! Тогаш, опасно грешите и никогаш нема да најдете решение за нашиот проблем. Свеста дека имаме работа со режим кој е невозможно да се победи на избори, е основната и главна претпоставка од која треба да се гради секој понатамошен став, стратегија, мисла или анализа. Само режим може да извади 440 илјади луѓе да гласаат за Иванов. Да, да ги извади, легално и легитимно, во духот на изборните правила и фер и демократскиот изборен ден. Доста се лажете со масовни крадења на гласови на самиот изборен ден. И кога ги има, ги има малку, овојпат речиси и ги немаше. И знаете зошто?! Затоа што сме ебан режим, ете затоа. Затоа што Македонија 364 дена во годината, или поточно 729 дена пред изборите, е тоталитарна диктатура, и само на тој еден изборен ден е парламентарна демократија. Сè што е украдено, уплашено, потчинето, потплатено, наместено, окупирано, освоено, такво е секој ден од нашиот живот, и тој таков живот го одредува потоа изборниот резултат на изборниот ден.

ДПМНЕ е режим, каде партијата на власт ги држи сите конци, сите пари, сите луѓе, сите медиуми, сите репресивни апарати, и ги користи како да се легитимни државни институции и инструменти на владеење. Но, партијата на режимот држи и уште нешто. Има неверојатна гласачка машина, преку своите клиентелистички и субвенционирани категории, машина која работи како прецизен часовник, под неверојатна дисциплина и организација, и што е најстрашно, и по 8 години, под неверојатен ентузијазам и волја за понатамошно владеење. Ваков систем, ваков режим, не се победува дури и на слободни и фер избори.

Сè повеќе гледам како во некои интелектуални кругови се купува актуелната опозициска пуфка, дека немаме работа со режим, туку со криминална мафија, со корумпирана власт. Не разбирам зошто некои интелектуалци би паднале на овие позиции, но сигурно имаат свое зашто. Тоа што не разбираат е дека режимот не е една од манифестациите на корумпираната и криминогена власт или општество, туку корумпираноста и криминалот се само еден од аспектите на режимот. И, впрочем, таа нивна небулоза, како и небулозната стратегија на опозицијата, да се напаѓа власта само по прашања на криминал и корупција, се покажа како катастрофално погрешна.

Само два примери колку грешите. Во самото предизборие излегоа две големи, огромни афери. Една, од странски тајни служби кои фрлија светло на бизнисите на Мијалков, и втората, каде случајно, една недела дена пред избори, Викиликс излезе со американски допис за криминалот околу набавката на кинески автобуси. Меѓу инволвираните повторно е братучедот на Груевски, како и Миле Јанакиевски. И што се случи? Имаше некаков револт, се стресе власта? Не, ништо од тоа, зашто режим со афери и скандали не се бутка!

Пак ќе повторам. Опозицијата која самата нема доволно оправдувања и аргументи за обвиненијата за корупција и криминал на своето лидерство, планираше да направи изборен пресврт со тоа што ќе ги потенцира корупцијата и криминалот на власта! Ниту збор за слободата и правдата, за погазената правна држава, партизираните институции, недостоинствениот живот и мизерија, ништо од тоа. Како да сме во Шведска и ги бркаме крадците на јавното добро. Срамота, но уште повеќе, крајно неoдговорно спрема реалните состојби и проблеми на македонскиот граѓанин.

Актуелното раководство на опозицијата мора да е свесно дека суштински е поразен нивниот концепт на приближување или имитирање на власта. Дека суштински е поразен нивниот популистички пристап, пропагандистичко-маркетиншкиот пристап да се шурува со сурогати на Латас и Миленко, кои на прва кривина ќе се потврдат како играчи на ДПМНЕ. Ене им го Саше Политико; кога јас и уште неколку луѓе предупредувавме на него бевме напаѓани со гомнарски цевки и секојдневно нè оцрнуваа. Ете им го рекетарот, кој им збрца два ножа, прво кандидирајќи се на листата на Бачев, а потоа и со јавно оцрнување и прогласување за криминално на истото опозиционо раководство кое претходно го фалеше и го воздигнуваше. Поразен е и концептот да се измислуваат наводни медиумски ѕвезди, а всушност обични рекетари, кои би одработиле за опозицијата.

Конечно, поразен е пристапот на бизнис ориентирани политички елити и политичари кои ќе им нудат на граѓаните подобра иднина. И ова раководство мора да е свесно дека оставката уште сега, по првиот круг, е најдоброто нешто што можат да го направат, и за себе, и за некоја идна опозициска сила.

Зошто така мислам? Прво, затоа што ова раководство е смртта на опозицијата. Опозицијата и порано се мачеше, но барем нудеше политика на антиподи на режимот, работите ги викаше со вистинско име, и потоа така им пристапуваше. И тоа се покажа како недоволно, но од тоа барем се изроди еден Отпор, некаква си борба и пркос која имаше шанси и да успее, доколку не беше внатрешно саботирана и убиена, токму од актуелното раководство на СДСМ. Со СДСМ беше готово на денот кога беше убиен отпорот, а ова сега што го гледаме е опозиција која вештачки се одржува во живот, ставена на апарати.

Второ, како што ја поделија опозицијата за време на Отпорот, продолжија и еднаш кога станаа двоглаво раководство. Го поделија членството на бранковисти и заевисти, ја уништија организациската поставеност и ги маргинализираа сите оние квалитетни луѓе, носители на мислења и гласови кои ги перцепираа како блиски до претходното раководство. Донесоа сомнителни кадри, политички непотковани и докажани конвертити.

Сè потоа што следеше беше бледа и неубедлива имитација на ДПМНЕ. Не покажаа никаква желба за нова политика и поинакво општество, туку само желба да владееат со политиката и во општеството кои веќе постојат и кои се наметнати како нормални.

Сево ова говори и за своевидна груевизација на дел од сдсмовската база, односно оној дел кој припаѓа на кое било крило или клан од актуелното раководство. Отсуството на визија и политички сенс го маскираа со имитација на веќе постојните политички пракси наметнати од режимот. Комплетно или речиси комплетно ги прегрнаа агендата, стилот и формата на десницата. Од каде овој политички автолезионизам?! Единственото објаснување е дека наводниве нови лица на СДСМ веќе имале културолошка предиспозиција, како и мнозинството македонски граѓани, да бидат колонизирани од логиките на режимот. Настрана што се наводно социјалдемократи, нивната мисла и нивните дела веќе и претходно били суштински десничарски и реакционерни, а сега само политичкиот и комуникацискиот контекст таквата реалност ја исфрли на површина и пред светлоста на денот. Чист опортунизам, клиентелизам и конформизам.

Успехот на овој десничарски режим, причината за нивните изборни победи, меѓу другото, треба да се бара во нивната способност да подметнат сопствени глинени гулаби во кампусот на левицата, оној кампус кој би требало да се бори против власта и да биде некаква си алтернатива. Електоратот, особено оној опозициски настроениот, токму тоа и го препозна.

Која беше изборната стратегија на опозицијата?! Стратегијата беше да победи или барем тесно да изгуби, единственото ново лице, Стево Пендаровски. Користејќи ги методите на ДПМНЕ, ја лажеа јавноста, но и своето гласачко тело, луѓето кои за нив работат, дека Пендаровски води на анкетите. Се потпреа на дуото татко-син Спасови, и на нивните нарачани и преплатени анкети. Агенцијата „Рејтинг“ предизборно извади анкета која ќе остане запаметена како најголема утка, со промашување од преку 150 илјади гласови, во историјата на сондажите. Со ваквото неодговорно однесување му дадоа најголем кредибилитет на режимскиот сондажист, Божиновски, кој иако нуди подеднакво нарачани анкети, барем нуди пореални резултати.

Стратегијата беше Пендаровски да победи, и на тој начин, целата опозиција и раководство да се шлепаат на тој успех. Не постоеше никаква друга стратегија, никаков план Б, туку само победа на Стево и потоа две недели викање по улици: Сакаме промени! Со резултатот од првиот круг се покажа колкава утка била таквата стратегија. Стево успеа да мобилизира голем дел од неопределените, секоја чест за тоа, но не успеа да ја надомести катастрофата од изгубените сдсмовски гласови. Раководството направи двојна катастрофа пред парламентарните избори. Само по себе е неспособно да ги мобилизира неопределените, а со внатрепартиските поделби и чистки, со популизмот и шурувањето со конвертити и рекетари, избрка и оддалечи речиси половина од електоратот на СДСМ. Јас лично сметам дека Пендаровски донесе помеѓу 100 и 150 илјади неопределени. Што кажува дека од тие 320 илјади гласа само 170 илјади биле на тврдите гласачи на СДСМ. Тоа е најдобар доказ за внатрешната катастрофа која ова раководство и го нанесе на партијата.

Сега, одредени почитувани новинари, како Героски, повикуваат на промена во стратегијата. Опозицијата да тргне поагресивно, па дури и да најави бојкот на вториот круг и парламентарните. Тоа се убави и здрави сугестии, но, за жал, нема да вродат со плод. Тоа е така зашто опозицијата направи премногу грешки, непоправливи потези, за сега, во рок од 2 недели да може да ги исправи. Второ, повикот на бојкот не би имал никаков кредибилитет од тие што беа најголеми противници на бојкотот за време на Отпорот. Трето, никој тоа нема да им го дозволи, ниту странците, а уште помалку таквиот евентуален исход сега ја тангира или загрижува власта. На изборите и понатаму ќе настапат „опозициски“ партии кои ќе го легитимираат изборниот процес и, впрочем, не постојат толкави или доволно големи неправилности, за изборниот процес да се делигитимира.

Опозицијата со својот неубедлив воен повик: Борбата продолжува, ќе продолжи со главата во ѕид и на 27 април ќе доживее уште поголем изборен дебакл. На 28 април можеме слободно да го санкционираме крајот на опозицијата, како и моментот на конечното проголтување од празнината.

Да, луѓе, празнината на режимот, таа негова сеприсутност, тоа негово сениште, конечно ќе ја покрие цела Македонија. Не верувам во судбини, но поинаков исход не ни заслужуваме.

Помина времето кога стравувавме да не умреме како вмровци, денес очекувањата се многу пониски, и можеме само да се надеваме дека нема да умреме како мизерна и неслободна багра во една нецивилизирана и пропадната држава.

На сето поминато време, на сите истрпени маки, ќе треба уште многу време и мака да се изроди нешто навистина ново, да се роди некоја нова борба за слобода и правда. И токму таа идна борба ќе треба да биде само борба за слобода. Која и идна политичка сила или организација да се изроди, ако се изроди, нека го има во предвид тоа. Таа ќе треба да се бори за слобода, и пред себе ќе има режим, а не мафија. А режим на избори не се победува!

Слики: Andreas Englund

ОкоБоли главаВицФото