„Невидливи катови“ на Груевски со прва награда на биеналето за архитектура во Пустец

17.04.2014 12:15
„Невидливи катови“ на Груевски со прва награда на биеналето на архитектура во Пустец

Скопје, 17 април 2014

Македонскиот премиер Никола Груевски ja доби првата награда на биеналето за архитектура во Пустец, за својот проект „Невидливи катови“, изведен на повеќе локации во Скопје и Македонија.

Како најважни квалитети на овие необични објекти, жири комисијата ги издвои максималната искористеност на просторот и целосната хармоничност и неупадливост на некои катови, влезови, па и цели згради.

„Дизајнот на архитектот Груевски е вистинска уметност. Неговите влезови, згради и станови никому не пречат. Просто се невидливи! Ова е врвно достигнување на полето на фантомската архитектура со примеси на барок“, вели претседателот на жирито Облак Темелко.

Тој додава дека уште повеќе е фасциниран од максималното искористување на просторот, кое достигнува досега незапамтени размери.

„Во мојата долгогодишна кариера како архитект, но и активен проследувач на тековите во уметноста на архитектурата, не сум забележал толку хармоничен живот на двесте станари во само педесетина метри квадратни“, одушевено коментира Темелко.

Премиерот и архитект Никола Груевски скромно се заблагодари за високото признание, извинувајќи се што не може да доје да ја прими наградата во Пустец поради презафатеност со изборните активности, и најави уште голем број слични проекти.

„Сакам да работам. Никаде не ги ветив овие невидливи згради, но ги изградив. Подобро е да не ветите, а да изградите, отколку да ветите па после тоа да не испадне ништо“, изјави Груевски за Пара вести.

Премиерот најави дека во блиска иднина планира да изгради цели комплекси во стилот на доцниот фантомизам и ексклузивно за Пара вести ги откри нивните имиња.

„Станува збор за огромните комплекси 'Сомалиски попис' и 'Мртви души'. За сега не можам да ви откријам други детали, освен дека бројот на жители во нив ќе биде варијабилен и ќе може да се зголемува пред секој изборен циклус“, објасни премиерот-архитект, додавајќи дека се залага за концептот на отворен град и уште поотворени згради, постојано расположени за нови и нови жители.

Слики: Николас Кенеди Ситон