За аждерот и гордото држење

17.04.2014 12:43
За аждерот и гордото држење

 

Господинот Когито за гордото држење

 1.
Во Утика
граѓаните
не сакале да се бранат

во градот избила епидемија
на нагонот за самоодржување

храмот на слободата
претворен е во болвји пазар

сенатот расправа за тоа
како да не биде сенат

граѓаните
не сакаат да се бранат
на забрзаните курсеви учат
како се паѓа на колена

пасивно го очекуваат непријателот
пишуваат верноподанички говори
го закопуваат златото

шијат нови
невино бели знамиња
ги учат децата да лажат

ги отвориле портите
низ кои сега влегува
песочен столб

инаку како и обично
се тргува и копулира

2.
Господинот Когито
би сакал да биде
на висина на ситуацијата

тоа значи
на судбината да ѝ гледа
право в очи

ги гледа Напоредните животописи
како Катон Помладиот

меѓутоа нема
меч
ни можност
семејството да го испрати преку морето

според тоа чека како и другите
немирно шетајќи по собата

наспроти советите на стоиците
би сакал да има тело од дијамант
и крилја

гледа низ прозорецот
како сонцето на Републиката
заоѓа

не му останало многу
всушност само
да ја избере положбата
во која сака да умре

да го избере гестот
да го избере последниот збор

поради тоа не легнува
в постела
за да го избегне
задушувањето на спиење

би сакал до крај
да остане на висина на ситуацијата

судбината му гледа в очи
на местото каде што била
неговата глава


Аждерот на господинот Когито

1.
Среќлијата Свети Георги
од витешкото седло
можеше прецизно да ги оцени
снагата и движењата на тој змеј

прво начело на стратегијата е
точна проценка на непријателот

Господинот Когито е
во полоша положба
 

седи во ниското
седло на долината
обвиткана со густа магла

низ маглата не можат да се видат
пламените очи
алчните канџи
челуста

низ маглата
само се гледа
светкањето на ништожеството

Аждерот на господинот Когито
лишен е од димензии

тешко е да се опише
се измолкнува пред дефинициите

потсетува на огромна депресија
што се пружа над земјата

не може да се прободе
со перо
аргумент
копје

да не се душевните тегоби
и смртта што ја праќа
би можело да се помисли
дека чудовиштето
е болест на фантазијата

но тоа
стварно постои

како јагленмоноксид темелно ги исполнува
куќите храмовите пазарите

ги труе бунарите
ги разорува градбите на умот
со габи го покрива лебот

дека змејот постои докажуваат
неговите жртви

докажуваат индиректно
но доволно

2.
трезвените велат
дека може да се живее
со аждерот

само треба да се избегнуваат
наглите движења
острите зборови

во случај на опасност
треба да се прими обликот
на камен или лист

да се слуша мудрата Природа
која препорачува мимикрија

да се дише површно
правејќи се дека нè нема

Господинот Когито сепак
не го сака привидниот живот

би сакал да се бори
со аждерот
на утабана земја

поради тоа излегува в зори
во сонливото предградие
промислено снабден
со долг остар предмет

го довикува аждерот
по пустите улици

го вреѓа аждерот
го провоцира аждерот

како дрзок витез-мегданџија
на армија што ја нема

вика -
излези подла кукавице

низ маглата
се гледа само
огромната муцка на ништожеството

Господинот Когито сака да се впушти
во нерамноправната борба

која треба да уследи
час поскоро

пред да се случи тоа
следат апатијата
најобичната смрт без слава
гушење со безобличноста

Превод: П. В.

Цртежи: Ruth Gwily

Херберт на Окно:
Цар

ОкоБоли главаВицФото