Смисла

18.04.2014 07:54
Смисла

Кога Бог за миг би заборавил дека јас сум само марионета
и би ми подарил парче живот,
можно е да не кажам сѐ што мислам,
но несомнено би мислел сѐ што кажувам.

Би ги ценел нештата, не според тоа колку вредат,
туку според тоа колку значат.

Би спиел помалку, би сонувал повеќе,
сфатив дека со секој момент кој го поминуваме со затворени очи
губиме шеесет секунди светлина.

Би одел кога другите ќе застанат,
би се будел кога останатите спијат.

Би слушал кога другите зборуваат, и колку би уживал во сладоледот од чоколадо.

Кога Бог би ми подарил парче живот, би се облекувал едноставно,
би излегувал помешечки кон сонцето, оставајќи го откриено не само телото туку и душата.

Боже мој, кога би имал срце би ја испишувал својата омраза на мраз
и би чекал да изгрее сонцето.

Би насликал со сонот на Ван Гог една поема на Бенедети на ѕвездите,
а песната на Серато би ја подарувал како серенада во мигот на изгрејсонцето.

Би ги залевал розите со солзи, за да ја почувствувам болката на нивните боцки и
страсниот бакнеж на нивните латици...

Боже мој, кога би имал едно парче живот...

Не би дозволил да помине ниту еден ден, а да не им кажам на луѓето кои ги сакам дека ги сакам.

Би ја уверувал секоја жена и секој маж дека ми се најблиски и би живеел заљубен во љубовта.

Би им докажувал на луѓето колку грешат кога мислат дека престануваат да се заљубуваат кога остарувааат,
а не знаат дека остаруваат кога престануваат да се заљубуваат.

На децата би им дарувал крила, но би ги оставил самите да научат да летаат.

Старите би ги подучувал дека смртта не доаѓа со староста, туку со заборавот.

Толку работи научив од вас луѓето...

Научив дека целиот свет сака да живее на врв на планина,
а не знае дека вистинската среќа е во начинот на совладувањето на стрмнините.

Сфатив дека кога новороденчето ќе го стегне за прв пат својот татко
за раката со својата мала дланка, го фатило засекогаш.

Научив дека човекот има право да ги гледа другите одозгора
единствено кога треба да им помогне да се исправат.

Толку нешта можев да научам од вас,
иако тоа нема да ми биде од голема корист,
бидејќи кога ќе ме спакуваат во оној ковчег,
јас за жал ќе почнам да умирам.

 

(„Проштално писмо“)

 

Габриел Гарсија Маркес е роден на 6 март 1927 во малото колумбиско гратче Арачатака. Освен со литература, се занимава и со новинарство, а пишува и сценарија за филмови. Се смета за најважен писател од шпанското говорно подрачје (заедно со Кортасар и Борхес) по Сервантес.

Автор е на голем број книжевни дела, како „Есента на патријархот“, „Хроника на една најавена смрт“, „Генералот во својот лавиринт“, „На полковникот нема кој да му пишува“, „Љубов во време на колера“ и други, а најпознат е неговиот роман „Сто години самотија“, кој е продаден во милионски тиражи на голем број јазици ширум светот.

Во 1982 година Маркес ја добива Нобеловата награда за литература, „за неговите романи и раскази, во кои фантастичното и реалното се комбинираат во богато компониран свет на имагинацијата, како одраз на животот и конфликтите на еден континент“, како што стои во образложението на жирито кое му ја додели наградата.

Пред дванаесет години Маркес заболува од лимфен канцер, а додека се бори со ова заболување, во 2006 година добива и Алцхајмерова болест. Во последните денови од животот заболува од пневмонија, која неговото кревко здравје не ја издржува. Починува на 17 април во неговиот дом во Мексико Сити, на 87-годишна возраст.

Извор: 6yka.com

ОкоБоли главаВицФото