Гарваните над Македонија

18.04.2014 10:21
Гарваните над Македонија

1.

Знам дека насловот звучи збунувачки, ама на еден македонски писател Македонија му заличува(ла) на платното „Житно поле со гарвани“ од Ван Гог. (Колку ли позбунувачки би звучел насловот „Ван Гог и Македонија“?). Се разбира, македонскиве писатели, безмалу сите до еден, покрај писателството им, се махери и за сѐ друго. Па така и за сликарство. И во тоа никој не може да ги разубеди. Тие сосема „рамноправно“ пелтечат и за македонската уметност, и за македонско – светската политика, и за македонско – светската историја… што ли умови ќе беа сконцентрирани во оваа наша локална фела?!

Нормално, познавањата (и) во уметноста им се на рамништето на првични импресии и детски аналогии, целофанизирани со „високоумни“ сувопарни метафори. Ама тоа никако не ги спречува настојчиво да позајмуваат од ликовната уметност – не знам зошто тоа не го прават од литературата, или филмот, или физиката – кога треба нешто посликовито да поентираат? Односно, веројатно, суштината е токму во зборот – сликовито. Што ќе рече, тие по правило ја гледаат ликовната уметност како илустрација на реалното, како супермаркет со сликички коишто можат да заменат цели здодевни описи на ситуации и состојби. И навистина мислат дека уметноста во изминативе стотина години не мрднала од местото, од онаа „дефиниција“ според којашто уметникот (сликарот!) го слика она што го гледа.

Како и да е, ова дело на Ван Гог, ко за беља, е и едно од моите омилени дела. Ама не заради тоа што ми личи на Македонија, туку заради неговите инхерентни сликарски вредности. И навистина вреди да се види „во живо“. Наспроти релативно малите димензии (50 х 100 см), делува импозантно!

2.

Е сега, што навистина гледал Ван Гог кога го сликал „Житното поле со гарвани“? За живо чудо, експертите за творештвото на овој сликар не се срамат да кажат дека не знаат што точно имал на ум сликарот кога го работел ова дело. Тие утврдиле дека делото е сликано последната недела пред самоубиството на сликарот (јули 1890), но не се сигурни дали тоа е навистина негово последно дело. И понатаму, сликарот има уште едно чудо дела на оваа „тема“ – со или без гарвани – сликани во континуитет. Добро, ова дело е можеби највпечатливото! Постои некаков запис за ова дело во писмата на Ван Гог, каде што тој вели: „Четкичката речиси ми падна од рацете… Немав никакви потешкотии во изразувањето на тагата и самотијата“.

Се разбира, тоа што експертите не го знаат, го знаат нашите писатели. Дека делово личи на – Македонија. Можеби. Дали во тагата и самотијата? Ако јас би избирал, тоа би бил мојот тип. Ама мислам дека нашиов писател мисли (и) на нешто друго. А сепак, житни полиња не недостасуваат на Балканот и во Европа, така што тоа не би можел да биде бараниот репер на сличноста. Можеби излоканите селски патишта што водат – никаде? Тука сличноста е огромна. Ама, сигурно ги има уште тук-таму низ Балканиве? Понатаму, Македонија никогаш немала такво темномодро небо, дури ни во сликарството. Оттука, мислам дека писателот мисли на нешто друго.

На пример, на гарваните. Тие се разлетале низ сликата, пардон – низ Македонија – ко јато вистински грабливци, онака црни, разгракани, злокобни… Дали тоа е таа асоцијација? И кои ли се тие црни гарваништа, од кој род предаторски, што така надвиснале над земјичкава и ни ги нервираат писателиве? Сѐ ми се чини дека насетувам, ама не знам зошто тој не ја завршил мислата? Или нѐ држи во исчекување, па ќе ни каже во некоја друга прилика?

Но, добро, писателов барем покажал пристоен естетски избор / афинитет. Не сум сигурен дека слично би се повторило кај еден негов колега, кому оваа држава пред некоја година му даде татковина, го прифати како свој, а кој сега мудрува и нѐ продава на Русија. Тоа ни била најдобра опција: да бидеме нова Источна Германија. Па биди си ти источногерманец, шапшал ни еден б’лгарски. Ама, си мислам, каква ли слика нему му се врти во умот – или во тоа нешто што му се наоѓа во главата – како ли тој ја гледа Македонија? Како променада за некое идно дружење на Брежњев, Живков и Хонекер, можеби?

3.

Како и да е, ако веќе писателиве запнале да се држат до сликичките со кои милуваат да ја (и)лустрираат – каква коинциденција, една буква многу значења – нашава реалност, можат барем малку повеќе да се потрудат. И да пронајдат поефектни асоцијации, паралели, метафори… што ли… за да нѐ поистоветат со одделни уметнички дела (и) од поновата продукција. Зашто, и современата визуелна уметност, без оглед на нејзините радикално изменети исходишта, на вакви „познавачи“ им нуди безброј ефектни „совпаѓања“. Добро, тие, „познавачиве“, како што реков, се главно заспани во деветнаесеттиот век – некаде околу Сан Стефано, мање више – па можеби и не ги знаат современиве ѕвезди.

Ама, еве, на пример, едно поново дело, душа дало за вакви детски читања и првоодделенски асоцијации: „Акт со костур“, Марина Абрамовиќ, 2005 година. Тоа всушност е перформанс на уметницата, ама сеедно, одговара за намената. Зашто, Македонија секако може да се идентификува со една убава жена како Марина, без оглед што таа е Србинка со црногорско потекло. Значи, ако таа е Македонија – денес и тука, иако може да се гледа и историски – костурот врз неа сосема прецизно, безмалу ко швајцарски саат, ја отчукува нашата (перманентна) ситуација. И двете тела, живото и неживото, функционираат како Едно. (Што, впрочем, е една од поентите на овој перформанс на Марина Абрамовиќ, каде што нејзината „анимација“ / стимулација на костурот симултано ги прави видливи животот и смрттта, и нивното единство. А и тоа, впрочем, не е далеку од нашата реалност!). Има ли, навистина, подобра „слика“ за денешна Македонија, сосе нејзините писатели (за)качени на нејзиниот грб? Или стомак, како сакате!?

4.

Но, знам дека на писателиве им се прилично тешки, комплицирани и некако природно далечни современите аспекти на уметноста денес, особено овие од типот на Марина и други. Тие бре брате сакаат сѐ да видат одеднаш, да не му ја мислат многу, да не се потат откривајќи слоеви или некакви можни длабочини, опасни зашто човек може и да се удави. Иако тие по дефиниција се пливачи. И тоа добри. Пливаат на сите страни.

Затоа, се сетив на едно друго дело, постаро и поедноставно за гледање и читање. А еднакво ефектно. Станува збор за една литографија / карикатура на Домие наречена „Вчера, денес, утре“ (1834). Инаку мала по димензии – 21 х 19,6 см – оваа литографија кажува големи нешта. Можеби е тешко ова грдо лице да се согледа како персонификација на Македонија (а всушност го претставува кралот Луј Филип) зашто земјата ни е сигурно многу поубава од него, ама изразите на тоа исто лице одлично ја опишуваат нашата состојба. И вчера, и денес, а особено – утре! Домие како да нѐ имал токму нас предвид работејќи ја литографијата. Белки ова им е полесно за „читање“ на писателиве?

5.

Не знам дали има смисла човек да се спушта на писателсково ниво и да избира омилени асоцијативни дела, понови или постари, сеедно. Ама некако мами самата идеја, просто претставува предизвик да се размисли и открие – не мора баш онака, на прв поглед, како нашиве писатели, може и на втор – некаква асоцијација, можна метафора… во делата (не само) на современите уметници. Знам, многумина веднаш помислуваат на „Бродот на будалите“, на „Црниот квадрат“ и слично, коишто, се согласувам, се безмалу верни копии на нашево секојдневие. Ама, не знам најточно зошто, мене Македонија денес многу ми заличува на делата на Џексон Полок!

Што ќе рече, во неа сѐ „функционира“ онака како што не треба. Токму како во делата на Полок. Тој не го става платното на штафелај, туку го кове на под или на ѕид. Гази по него, го валка, го малтретира. Кај него нема подготовка, нема скица / цртеж, нема свест, нема ratio. Сѐ се одвива во даден миг, силно, некогаш експлозивно… Нема вообичаени (сликарски) алатки туку се работи со стапови, мистрии, ножеви, со раце… во бојата има сѐ што не треба да има: песок, стакло, отпадни парчиња и секаков друг (несликарски) материјал. За среќа, барем кај Полок, сето ова функционира(ло)!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото