Режин Дефорж (1935-2014), застапничка на еротизмот

18.04.2014 13:27
Режин Дефорж 1935-2014, застапничката на еротизмот

Минатата недела, на 3 април, почина жената која во Франција често ја нарекуваа „папица на еротизмот“ (проблем со женскиот род – не оди „папица“, а богами ниту „папа“, останува само да се преземе грчкиот назив, кој веќе стои во насловот на преведениот роман на Емануел Роидис, Papisa Ivana): се одлучив за термин кој многу повеќе му одговара на нејзиниот стил и нејзиниот запис во културата. Родена е во градчето Монморијон во централно-западна Франција (областа Виен), кое во голема мера го направи славно кога таму во 1990 година го организираше првиот саем на книги. Денес, Монморијон, „градот на пишаниот збор“, е средновековен центар посеан со книжарници, мали печатници, изложби, мини-музеи поврзани со писма, весници и издаваштво. Градчето е и „европски центар за машини за пишување и рачни сметалки – што сè може да создаде една добра идеја!

На петнаесет години, Режин открила како изгледа цензурата и тоа го одбележало нејзиниот живот: во интернатот кај сестрите ја откриле нејзината тетратка во која, меѓу другото, пишувала нешто и за тоа дека се заљубила во друго девојче. За казна морала да ги запали сите свои тетратки, но нејзината мисија била токму таму. Рано почнала да се занимава со издаваштво, пишување книги и сценарија и во 1968 година, кога ја основала својата издавачка куќа „Злато на времето“ (L’od du temps), станала прв женски издавач во Франција. Со поетот Луј Арагон се обидела да се договори околу издавање на неговото еротично дело П... на Ирена, напишано под псевдоним четириесет години претходно. Но, Арагон не ѝ одговорил, па Режин ја издала книгата под поподнослив наслов Ирена и без авторска ознака: но, властите добро прочитале за што станува збор, па книгата е повлечена од јавност и уништена за само два дена. Заради оваа забрана Режин Дефорж го изгубила и граѓанското право на глас на одредено време. Но, не престанала да издава книги. Ги издавала класиците на францускиот еротизам и современите автори. Секое издание значело судски процес, каде оние најљубезните судии вообичаено ќе и речеле – „толку убава жена, а издава непристојни книги!“ Нејзиниот син од првиот брак, Франк Шпенглер, ја продолжува семејната традиција и издава и пишува еротски текстови – дури и еротски книги со рецепти за готвење.

Режин Дефорж издаде многу свои книги, спомен на одземената тетратка од детството, есеи, коментари, дури и една книга за везење гоблен со пријателката. Но, нејзиниот несомнено најголем успех е серијата романи во која првиот имаше наслов Синиот велосипед, во 1981 година. Прво следеше трилогија, а потоа серија од уште седум романи (вкупно десет) во кои јунаци се една двојка која исчезнува во првата книга, хероината Леа и нејзиниот љубовник, и подоцна маж, Франсоа. Романот – барем првиот – нескриено е пастиш на славниот роман на Маргарет Мичел, Одвеано од виорот (1936). Фондацијата Маргарет Мичел веднаш започна судски процес, кој се водеше до 1994 година, кога Режин Дефорж конечно беше ослободена од секаква вина. Не станува збор само за разликите помеѓу европското и американското разбирање на книжевноста и пишувањето, туку и застрашувачката политичка борба: Одвеано од виорот е роман без трага свест за постоење на расизмот, значи го негира таму каде што бил најлош. Чудно е како на авторката ѝ успеало да го заобиколи секое прашање за односот меѓу половите, а да не ја заборавиме ниту сосема епски напишаната и крајно позитивно одредената епизода за создавањето на Кју клукс кланот. Ликот на главната хероина е вистинска психолошка дамка, која на читателките не им нуди никакви причини за самостојност: се мажи постојано, без љубов, но со потреба да добие пари и имот, и уште има јасна претстава за тоа кои се „нечесните“ жени. Главниот јунак е политички опортунист, женкар и лош татко: сето тоа невешто е впишано во „особеноста“ на јужњачката убавица и јужњачкиот џентлмен. Целиот роман е прославување на „стариот Југ“ кој наводно тажно пропаднал во граѓанската војна. Истакнувањето на старите вредности чудесно се поклопува со тогашниот и денешниот нов конзервативизам, кој не може без расизмот. Патем, и како читателка и како критичарка имам право да се определам за книжевното дело и филмот направен според него: моето гадење од двата облици на Одвеано од виорот, од што ги изземам очите на Вивијан Ли, потекнува и оттаму што во 1994 година шокирано ги гледав административките од мојата изразено феминистичка американска катедра, како се воодушевуваат на половина страница во Њујорк тајмс со репортажа за свадбата на Аркан и Цеца – нејзиниот фустан бил копија на оној што го носи Скарлет во првиот кадар од филмот Одвеано од виорот...

Хероината на Режин Дефорж, Леа, за разлика од Скарлет, не е во конфликт со својата сексуалност и истата совршено ја препознава. Дејството започнува во Франција на почетокот од Втората светска војна. Таа и нејзиниот љубен се определуваат како антифашисти, а во преостанатите девет романи патуваат по кризните жаришта во целиот свет, од Виетнам преку Куба до Боливија, и непоколебливо застапуваат ставови кои, барем во Франција, без проблеми се прочитани како леви. Освен тоа, ниту во Америка нема феминистки кои посебно би се занимавале со романот на Маргарет Мичел или би ја прогласиле за феминистка – таа неповратно се дисквалификуваше со својот никогаш неоспорен расизам. Во осумдесеттите години романот на Режин Дефорж стана важен текст за разбирање и развивање на теоријата за женскиот пишан збор, еден необично интересен правец кој пресуши во прагматизмот на деведесеттите години: добар момент повторно да почнеме да го читаме. Инаку, стана и еден од најчитаните, најпродаваните и најпреведуваните француски романи. Режин Дефорж можеше да здивне, нејзините финансиски и административни маки (вклучувајќи и неколку банкроти) главно беа завршени веднаш по појавата на Синиот велосипед. На српски излегоа шест романи од серијата.

Режин Дефорж ја запознала книжевничката Ан Декло уште пред таа да разотркие дека е вистинската авторка на Приказните за О (1954), објавени под псевдонимот Полин Реаж. Токму во интервју со неа, во 1975 година, Ан Декло зборуваше за женската еротска книжевност. Инаку, романот е напишан кога љубовникот на Ан Декло, инаку голем почитувач на делото на Маркиз се Сад, рекол дека жените не се во состојба да напишат еротски текст: како одговор, Ан напиша садомазохистички роман. Со години, авторството на таа исклучително успешна книга им било припишувано на угледните француски машки писатели – некои и се однесувале како да се тие... дури во 1967 година, под истиот псевдоним Ан го напиша продолжението и завршетокот на приказната за О, а го употребуваше и псевдонимот Доминик Ори. Во иста линија следеше, да речеме, Емануела (1959) на авторката Маража Роле-Андриан, под псевдонимот Емануела Арслан, па потоа и стрипови, филмови... Големите имиња на женската еротска литература, како што се постарата Анаис Нин и помладата Ерика Јонг, извесно многу му должат на францускиот круг. И самите направија сличен книжевен гест – ја одземаа еротичната книжевност од ексклузивноста на машкото авторство. Ако ништо друго, заземаа заслужено место во оној дел на Националната библиотека во Париз кое некогаш се викаше Пекол, и во кое беа „закопани“ непристојните книги. Режин Дефорж ги објави разговорите со Ан Декло во книгата О ми рече, 1975 година.

Режин Дефорж издаде и неколку антологии женска поезија, женски еротски текстови и своите спомени, освен најраните. Историјата на нејзините љубови е историја на нејзините убедувања. Нејзиниот втор маж, сега вдовец, е Пјер Вјаземски, попознат како Виаз, карикатурист на Нувел. Овој потомок на руско кнежевско семејство и внук на Франсоа Моријак, француски нобеловец и католички мислител, се определувал уште „полево“ од својата сопруга.

Значењето на Режин Дефорж за француската култура, а особено за жените, останува допрва да се разбере и мапира. Претседателот на републиката Франсоа Оланд кажа неколу убави зборови по повод нејзината смрт. Колку тоа и да беше очекувано и во согласност со програмската социјалистичка ориентација, во европскиот простор, покриен со големи дамки од заостанатост и отворено реакционерство, останува вредно за сеќавање и достојно за пофалба. За Режин Дефорж останува убедувањето дека жените имаат право на сè и во сексот и во културата, и дека токму тука се среќаваат слободата на изразувањето и човечкото право во нештата за кои е вредно да се бориме.

10.04.2014

Извор: http://pescanik.net/

ОкоБоли главаВицФото