Никола, те молам, спаси се и спаси нѐ од овој срам!

18.04.2014 15:38
Никола, те молам, спаси се и спаси нѐ од овој срам!

На почетокот, прости што ти се обраќам со „ти“. Ние не сме пријатели, иако сме стари познајници. Како што многу добро знаеш, јас, лично, и „Дневник“ под мое раководство, ти дадоа директна и недвосмислена поддршка во борбата со Љубчо Георгиевски за тронот на ВМРО-ДПМНЕ. Знаеш дека јас ти ветив дека ќе те поддржам во таа битка, на една наша средба на Матка, а за возврат не побарав апсолутно ништо. Таков сум. Во 2007 година, на твоја иницијатива, во неколку наврати водевме разговори во твојот кабинет, главно за спорот за името. Откако не се согласивме во ништо, ги прекинавме средбите, а јас јавно ги изложував своите погледи. Наместо да го испочитуваш моето право на јавно изразување, ти ги инспирираше твоите медиумски песови да поведат харанга против мене, во која бев лажно обвинуван дека сум грчки платеник и предавник, харанга што трае до денес. Во неколку отворени писма и обраќања до тебе, јас те молев да размислиш за моите аргументи и да си ги врзеш кучињата. Подоцна, во 2009 година, од човек што настапи во твое име, добив непристојна понуда за да престанам да те критикувам. Не му поверував дека ми пренесува твоја порака, но сеедно, со индигнација ја одбив понудата. Нејсе, кога почна таа харанга, јас сфатив дека ти си човек со таков карактер што не ми дозволува да те сметам за пријател. Но, никогаш не ја ускратив мојата почит до тебе. Нема ни сега.

Овде, на ова место, ќе соопштам дека искрено посакувам ти самиот веднаш, уверливо и недвосмислено, да ги демантираш обвинувањата од Зоран Заев дека си директен учесник во зделка со кеш со злогласниот газда Нини. Тоа е важно, не заради твојата политичка кариера, која, ако не се докаже дека тонските снимки се фалсификувани, дефинитивно и неславно ќе заврши. Немам јас обврска да се секирам за твојата кариера, Никола. Мене ми е важно мојот премиер да ме убеди дека никогаш не учествувал во ваква валкана зделка и никогаш немал ниту посредни контакти со луѓе како газда Нини. Зашто, ако е спротивното, тоа ќе значи дека живеам во една корумпирана и посрана држава, да простиш, од која моите и твоите деца еден ден ќе мора да се иселат, ако сакаат да живеат нормален живот.

Тужбата против Зоран Заев, според Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, не е ниту уверлив, ниту правно издржан одговор на она за што јавно си осомничен. Граѓанскиот суд не може да донесе квалитетна одлука во овој случај, бидејќи тој нема капацитет да утврди дали снимките се автентични и дали целата приказна за кешот е вистинита. Ти веројатно можеш судијата да го притиснеш да донесе осудителна пресуда против Заев (а и да не го притиснеш, тој веќе знае како треба да пресуди), но тоа нема да те испере од срамот. Ова не е случај за граѓанска парница, туку за многу сериозна кривична истрага, бидејќи си осомничен за многу сериозно кривично дело, токму како и твојот поранешен колега Иво Санадер од Хрватска.

Затоа, Никола, лично те замолувам да му се јавиш на јавниот обвинител Марко Зврлевски и да го замолиш веднаш да поведе истрага за овој случај. Тој веќе најави дека нема да постапува по допрен глас, бидејќи не можел да ги троши ресурсите секогаш кога некој нешто ќе каже, но ако е доволно сериозно, тогаш ќе реагира. Јасно ти е дека Зврлевски смислува смешно алиби да не реагира (зарем допрениот глас од лидерот на опозицијата, кој те обвинува дека си зел 1,5 милиони евра во кеш, не е „доволно сериозен“?). Биди храбар и како засегната страна во случајот, ти побарај да се отвори кривична истрага. И уште повеќе, бидејќи обвинителот очигледно има резерви, побарај во истрагата да се вклучат независни обвинители од САД, од Германија и од други земји, кои ќе обезбедат професионална и непристрасна истрага.

Ако ти велиш дека тонските снимки и другите докази што ги презентира Заев се монтажа, истрагата тоа мора да го потврди или да го отфрли. Нам, како на лаици, ни се чини дека човекот што говори во тонската снимка си ти. Го препознаваме твојот специфичен глас, темпото и сите одлики на твојот говор, кој го слушаме често. Но ние, велам, сме лаици. Независна експертска комисија, во која мора да има независни и високопрофесионални странски експерти, лесно може да утврди дали тонските снимки се вистинити. Освен тоа, ако ти тврдиш дека снимките се монтирани, те молам веднаш ангажирај ги ДБК и МВР да ги најдат монтажерот и нарачателот. Со Јанкуловска постојано се фалите колку е способна и успешна нашата полиција. Ајде да ја видиме на дело.

Истрагата треба уште еднаш сериозно да ја претресе продажбата на Македонска банка. Во тонските снимки се спомнуваат гувернерот Љубе (Трпевски), Ден Дончев во улогата на посредникот, некоја си Зоре како човек од доверба, некојси Марјан на кој засега не требало нешто да му се каже, некој Борис... Не може ли да се утврди кои се тие луѓе? Може, секако. Порталите веќе објавија кои се некои од нив. Истрагата треба итно да ги распраша. Прво Ден Дончев. Каде е тој? Истрагата може да побара изјава и од газда Нини, иако тој е човек кому навистина не може да му се верува. Обвинителот може да наложи уште многу сериозни дејства за да се дојде до вистината. Но, ова само под еден единствен услов – странски експерти, чиј избор ќе го одобри и опозицијата, да помогнат во истрагата и да ја гарантираат нејзината непристрасност.

Без ова, Никола, без оглед како ќе заврши твојата тужба за навреда и клевета, јас и никој сериозен човек во оваа земја нема да ти поверуваме дека си невин. Меѓу другото, и затоа што во првите два-три дена по пресовите на Заев, ти не собра сили директно да одговориш на директните обвинувања. Ти велиш – тие нека се служат со црна кампања (лаги и клевети), ние ќе водиме позитивна кампања (проекти и ветувања). Никола, баш ми е гајле каква кампања ќе водиш! Од тебе очекував да застанеш и јавно да кажеш – не, јас немам врска со продажбата на Македонска банка; не, јас немам врска со никаков кеш; не, кеш немало; не, Ден Дончев никогаш не преговарал со газда Нини; не, јас никогаш не сум водел разговор со Ден Дончев или со кој било друг посредник на оваа тема. До моментот кога ова мое писмо до тебе влегува во печат, ти ништо од тоа не кажа. Зошто, Никола?

Конечно, дај, те молам, охрабри ги националните телевизии и весниците да известуваат за овој настан. Да кажат што вели Заев, да ги објават тонските записи и транскриптите, да ги објават и твоите деманти. Па погледни, човече, како ги срамотиш! Ко усрани голуби се, не смеат да гугнат, како да живеат на Филипините. Вестите на МТВ и на националните телевизии под ваша контрола наликуваат на „Филмски новости“, кои, ако се сеќаваш, се емитуваа пред секој филм во кино и во кои се зборуваше за патувањата на Тито по белиот свет и за успесите на работничката класа и на партијата. Како, бе, не ти е срам да гледаш телевизија, Никола? Или гледаш само цртани филмови?

Сосема на крајот, Никола, сакам да ти посакам добро здравје, но не и успех на изборите. Не, јас сакам и се борам твојот режим да падне, зашто тој ја запусти Македонија и зашто создаде една виртуелна стварност што ги заблудува масите. Ако победиш на овие валкани избори, верувај, тоа мене ништо нема да ми значи. Победата на вакви избори е како водење љубов со камењаркине крај Вардар за 600 денари. Нема да бидам ни изненаден ни разочаран. Знам дека после ќе се одмаздуваш, како по секои избори. Ќе апсите, ќе шиканирате, ќе затворате весници, телевизии, портали...

Ако, Никола, ако... Прави што сакаш и што си наумил. Сѐ во животот има своја цена, а животот е долг и фактурата ќе ни стаса. Се надевам дека кога ќе одлучуваш, ќе помислиш малку на твоите, на моите и на сите наши деца. Заради нив, Никола, мораме да ја поправиме оваа параспур држава. И заради нас двајцата, бидејќи утре, кога нема да бидеш премиер, ќе треба да се сретнеме на улица и да се погледнеме в очи.
Поздрав,
Бранко Героски

Слики: Свирачиња
Извор: Плусинфо