Концлогор

18.04.2014 16:05
Концлогор

Првиот круг на претседателските избори покажа дека граѓаните сè уште живеат во страв, под притсоци и закани од дпмнеовската диктатура, која од Македонија направи изолирана држава и голем концентрационен логор. Граѓаните се опкружени со високи ѕидини изградени од страв, самоволие, беззаконие, лаги, од сè што градеше и гради дпмне-диктатурата. Само за да биде и остане на власт.

Сите граѓани се заробеници во ист концентрационен логор, во самоизолирана држава - Северна Кореја на Балканот. Заложници се и оние кои сè уште му веруваат на дпмнето и не гледат, не сакаат или не можат да видат дека живеат во концлогор во кој сè е под контрола. Мнозинството граѓани исплашени и беспомшни се свесни дека живеат во заложништво, присилени да гласаат за дпмнето, поради закани дека ќе останат без работа и егзистенција.

Дпмнеовци за осум години од Македонија направија сиромашна и изолирана држава. Уредена како голем концентрационен логор во кој владее режим на сила и присила и во кој под контрола се и животите на граѓаните, кои за власта се само изборни бројки. Се злоупотребуваат сиромаштијата и безработицата, отворено се манипулира со маката на граѓаните. Вработените живеат во постојан страв од отказ, невработените се уценуваат со партиски книшки, а на социјално загрозените им се фрлаат трошки.

Осумгодишното владеење на дпмнето се слави како време на демонтажа на поранешниот „комуњарски“ режим. Наместо демократизација, економски и социјален просперитет и општочовечки вредности, намонтирани се дпмнеовска диктатура, режим на тотална изолација, делби и разнебитување на државата. Наместо иднина на граѓаните им се нудат лажна историја, митови, национализам, со кои се манипулира, а концлогорот се држи во покорност и под контрола.

Неговите ѕидини се изградени и од постојаното сè поголемо оддалечување на Македонија од членството во Европската унија (ЕУ) и НАТО. Повторувањето на истатата фраза дека нема компромис за името, дека е во прашање идентитетот, кој никој не го оспорува, ја доведоа државата до тотално оддалечување и изолација. На сметка на името дпмнеовци од Македонија направија Северна Кореја на Балканот.

Дпмнето не сака доближување и членство и во ЕУ затоа што ќе мора да се откаже од самоволието, безвластието и тортурата во концлогорот. Ќе мора да престане со расипничкото трошење на сметка на осиромашување на народот, да ги ограничи дефицитот и задолжувањата. Мора да се воспостават демократски норми, права и слободи кои во концлогорот одамна и насилно се укинати.

Каде оди и до каде ќе стигне Македонија затворена во концлогор и изолирана? На тоа прашање дпмнето никогаш не одговори. Поновата историја на Балканот покажува дека лидерите кои мислат на идината на своите граѓани и држави, кои имаат визија, донесуват храбри одлуки, прават тешки компромиси. Примерите на Србија и Косово, на Словенија и Хрватска, покажуваат дека компромисот, колку и да е тежок, секогаш е подобар од стагнација, назадување, изолација...

Дпмнеовци не само што не сакаат во ЕУ, туку за тоа немаат храброст, доблест и државничка визија. Бегаат од компромис. Бегаат од одлуки од кои не може да се избега. Купуваат време. Сопствената некадарност ја претвораат во општа немоќ и безизлез. Граѓаните ги заслепуваат и заглупуваат со национализам, фалсификувана историја и лажни митови, ги затвораат во концлогор и изолација.

Талентираните дпмнеовци немањето храброст го користат да владеат со сила и со цврста рака за да бидат и останат што подолго на власт, макар и во држава од која направиле концентрационен логор. Вистинските национални и интереси на граѓаните остануваат во втор, трет, којзнае кој план. Колку повеќе се одлагаат вистинските одлуки, толку подолго дпмнеовци можат и сакаат да останат на власт.

Сега дпмнеовци, на чело со Груевски, бараат уште еден мандат од 62 пратеника за да го завршат она што го започнале. Бараат неограничена власт, како досега да ја немаа, за да си владеат „спокојно“ со логорот, да ги завршат разнебитувањето на Македонија и проектот Северна Кореја на Балканот.

Дали дпмнето ќе продолжи да биде над и против народот? Дали Македонија ќе биде држава со која владее вожд опкружен со фамилијата и партиска врхушка на кои сѐ им е малку, па и неограничената моќ со која владееја? За тоа одлучува народот кој на претседателските и вонредните парламентарни избори има можност да ги урне ѕидовите од логорот.

Народот сам треба да одлучи дали ќе продолжи да живее во концлогор, во изолација и диктатура, да тоне во сиромаштија и безизлез или конечно ќе се ослободи од стравот и уцените. Граѓаните одлучуваат дали ќе застанат простум, решени конечно да си го вратат човечкото достоинство, или ќе продолжат да молчат, со наведнати глави да живеат во концлогор и да го трпат камшикот на диктатурата, незаситна од власт. Одлуката е и лесна и тешка.

Извор: Глобус, 15.04.2014
Слики: Свирачиња