Чума

19.04.2014 11:07
Чума

“Змејот: ...Моите луѓе се ужасни...Јас ги создадов.

Ланселот: Но, сепак се луѓе.

Змејот: Но само од надвор... Кога би ги видел нивните души... Ти би побегнал... Не би умирал заради сакати... Јас лично... ги осакатив... Човечките души се издржливи. Ако го пресечеш телото на пола – човекот цркнува. Ако ја искинеш душата – станува попослушна... вакви души нема никаде да најдеш. Само во мојот град. Безраки души..., глувонеми души..., души на синџир, птичји души, проклети души..., продадени души, озлогласени души, мртви души...

Од драмата „Змеј“ на Е.Шварц; Ланселот е витез кој се бори со Змејот; Змејот е метафора за тоталитарен систем кој ги упропастува човечките души и создава тешко повратни општествени процеси... (преземено од „Естетика“, Јуриј Борев)

 

Го започнувам текстов со цитат од друга книга, но на ум ми е и делото “Чума“ од Алберт Ками, роден пред точно сто години.

Уште на почетокот би сакала да посочам нешто, за да биде јасно: Да се направи подлабока општествена анализа и споредба меѓу „Чума“ и реалноста во Македонија или драмата „Змеј“ и нашата реалност - не е моја работа. Ова што го пишувам не е моја обврска. Споредба треба да направат господата писатели, естетичари, теоретичари, како тие кои пишуваа реферати по повод обележувањето на јубилејот на Алберт Ками. Тие сигурно веќе и забележале ваква аналогија во своите научни кругови или приватно низ своите размислувања. Дали овие господа мислат дека обележувајќи го јубилејот кажале нешто индиректно - тивко, бешумно, без да се конфронтираат со никого, и така суптилно го изразиле протестот за тоа што го препознаваат во нашето општество, и дека тоа е доволно? Е па, не е доволно.

Сега е моментот кога треба јавно да се разгласи аналогијата помеѓу нашата реалност и делата како „Чума“, драмата „Змеј“ или слични дела. Треба да се реагира за аномалиите во нашето општество во вистинскиот момент, да се зборува отворено, јасно и гласно во вистинскиот момент, да се учествува во формирањето на јавното мислење во вистинскиот момент, да се пишува за вистината и да се осуди лагата во вистинскиот момент, да се укажува што е добро, квалитет, вредност (демократија, слога, единство, разбирање), а што не е добро (корупција, мито, омраза, раздор) итн. - во вистинскиот момент. Треба да се биде современ и актуелен во согледувањата и да се критикуваат сите отклонувања од нормалноста, да се погоди целта, одредена негативна општествена појава, која е во движење, кога сеуште е во зародиш...

Нема повеќе граница меѓу литературата - уметноста и реалноста -општеството. Испреплеткани се тие две реалности.

„И сега Чумата е управител на градот. ...Таа се шири, зафаќајќи ги и работата и приватниот живот на луѓето... Се чини дека веќе сиот свет е под власта на Чумата. Еден од основните принципи на новиот поредок е мрачниот јазик на демагогијата, кој ништо не изразува, ништо не одразува и чија смисла не е можно да се разбере. -Тоа е за да можат да се навикнат на мракот - вели секретарката. -Колку помалку ќе им биде јасно, толку подобро ќе маршираат.

Чувство на напуштеност и безнадежност ја зафаќа масата и секој човек во неа. Народот е маса, безоблична и пасивна, збир на разединети луѓе, толпа осаменици. Бујно цвета егоизмот: во несреќата сите мислат само на себе.

Ками го докажува сеопштиот егоцентризам. Секој умира за себе, и секој живее за себе...Еден од жителите на градот, Диего, ја дознава тајната на Чумата: таа владее само над оние што се плашат, а ако луѓето го презираат стравот, таа останува беспомошна. Само оној кој е бестрашен и однатре независен, е во состојба да ù се спротивстави на Чумата: „Највисокиот закон, кој јас го знам: секогаш е доволно човек да го совлада својот страв и да се спротивстави, за да почне машинеријата да чкрипи. Јас не велам дека ќе застане. Но најпрвин треба да зачкрипи и на крајот навистина ќе заглави.“ („Естетика“, Ј. Борев)

Овој цитат и премногу говори за јас нешто повеќе да коментирам, но секако има простор и други наши писатели или книжевни теоретичари или други културни работници да додадат уште нешто ако се инспирираат од нашето секојдневие.

Ова е Машинеријата: На сите ни е јасно дека постои список на сите гласачи кои сигурно ќе гласаат за власта, список со име и презиме, матичен број и телефонски број. Што не е јасно тука повеќе? Секој кој добро агитира (значи, создал група од 20-50-100 сигурни гласачи со име и презиме, матичен број и телефонски број) е наградуван со вработување (во администрацијата, во “Шуми“, не знам каде се’ не). Оние кои не добиле работно место, мора да го заслужат на тој начин што треба да агитираат ревносно и списокот го зголемат со 5-10-15 нови сигурни гласачи - не ме фаќајте за збор, не знам која бројка треба да се постигне за да се добие одредена награда - до следниот круг вработувања. До бескрај ќе се отвараат нови работни места (во зградите за администрацијата веќе нема каде да се сместат новиве луѓе, па некои од нив воопшто не одат на работа, а добиваат плата; но затоа сега се градат нови објекти на министерствата, бастионите на оваа власт, кои ќе ги сместат овие 10% и уште повеќе вработени од целокупното население); ќе се отпишуваат долгови итн. (мака ми е да го набројувам сето тоа) за да се добијат резултати какви што се добиваат на овие избори. И што сега не ни е јасно на нас, другите, кои не сме во тој список?

Нека донесат заклучок-поука господата кои прават компарации меѓу книжевноста и реалноста на нашите животи. Или нашава реалност не ги засега? Си живеат во својот свет на литературата, уметноста, науката или не знам каде?!

Безнадежноста на овој свет е заклучокот на Ками, но не и мојот, се разбира.

Оваа мисла треба цело време да ни е на ум нам во Македонија: „Змејот (тоталитарниот систем), упропастувајќи ги човечките души, создава тешко повратни општествени процеси.“

Прво треба машинеријата да зачкрипи и на крајот навистина ќе застане. Како ќе го постигнеме тоа, ние кои не сме ниту сакаме да бидеме во оној список - не знам.

Цртежи: Татјана Миљовска

ОкоБоли главаВицФото