Фашизам со лице на феминизам

19.04.2014 12:07
Фашизам со лице на феминизам

Една од најголемите заблуди на „феминизмот од Западот“ е дека жената која е на позиција на моќ во општеството, е „пољубезна и понежна“ (изразот го осмисли Џорџ Х. В. Буш во 1988 година за да ги придобие женските гласови). Всушност, таканаречениот „втор бран“ на феминистичката теорија изобилува со тврдења дека војната, расизмот, наклонетоста кон хиерархијата и општата репресија му припаѓаат на „патријархатот“; жените лидери, наспроти тоа, природно создаваат поинклузивен свет, во кој подобро се соработува.

Проблемот е во тоа што тезава тешко се докажува во реалноста: подемот на жената на водечките позиции во партиите на крајната десница во Западна Европа, треба да служи како потсетник. Лидерките како што се Марина Ле Пен од францускиот Национален фронт, Пие Кјерсгард од данската Народна партија и Сив Јенсен од норвешката Напредна партија, укажуваат на значајна приврзаност на жената од егалитарните, инклузивни, либерално -демократски општества кон неофашистичките движења. Минатото е само вовед - последната книга на Венди Лоуер Hitler's Furies: German Women in the Nazi Killing Fields носи уште податоци за долгиот попис на жени кои ги прифатиле насилните десничарски движења.

Подемот на крајната десница во Европа- често со жени на чело - нѐ соочува со фактот дека наследството на фашизмот од 1930 година има своја родова димензија.

Очигледна причина за успехот на жени како што се Ле Пен, Кјерсгард и Јенсен, лежи во нивната способност да ги промовираат своите партии на одреден начин. Токму како што Буш настојуваше да го поправи имиџот на ладнокрвните елитисти и мизогините републиканци, така и денешните партии од крајната десница мора да му се допаднат на граѓанството така што нема да делуваат екстремно опасно. Најпосле, колку едно движење може да биде опасно ако го претставуваат жени? Таквите партии повеќе се доживуваат како mainstream, а нивното гласачко тело, традиционално тешко за да се придобие, сега полека расте.

Како што вели авторката Лоуер, нацистите имале посебни програми - од организирање на домаќинствата до колонизација на освоените територии на Исток - кои им го овоможувале на жените од работничката класа она што го посакуваат - чувство на припадност кон нешто поголемо од самите нив (главна добивка!) потпомогнато со комплексна официјална иконографија во која традиционално девалвираните улоги на сопруга и мајка држат клучна улога во националната драма.

Младите, немажени жени кои биле на раководна положба во окупираните територии добивале можност за авантура и напредување во кариерата.

И за сите тие жени, како и за која било подредена група каде било на светот, фашизмот давал простор за манифестирање на она што социолозите го нарекуваат last-place aversion - чувство на супериорност над другите групи. (...)

Денес се соочуваме со слични околности кои ги туркаат современите жени кон десничарската идеологија. Можеме да го додадеме и фактот дека десничарските движења имаат корист од ограничувањата кои произлегуваат од пост-феминизмот, пост-сексуалната револуција и духовната и емотивната празнина што ја произведува секуларниот материјализам. Повеќето жени во Европа денес работат за ниски плати „женските“ работи што ги исцрпувааат и не нудат баш многу можности за напредок. Неретко се самохрани мајки. Лесно е да се сфати зошто страдаат по минатите времиња, вредности и по чувството на сигурност.

За жените во таа положба, минатите времиња кога општествените улоги биле недопрени и женскиот традиционален придонес наводно ценет, тешко дека можат да бидат сфатени како „тегобни“. Десничарските партии промовираат токму такви идеализирани визии на минатото на жените - посебно оние кои се навикнати на својот низок статус, иако претставуваат најголем дел од работничката сила во земјата. За нив, тие не се само безлични трошки во постмодерната маса. Вие, понизната административна работничка, сте „вистинска“ данска, норвешка или француска жена.

Вие сте наследничка на благородното културно наследство, а со тоа не само што сте подобри од масата доселеници, туку сте дел од нешто поголемо и поуверливо од она што го нуди мултирасното секуларно општество.

Оваа врска меѓу десничарските партии и жените би требало да биде преиспитана, а не само осудувана. Ако општеството на своите граѓани и граѓанки не им нуди повеќе од тоа да бидат запчаник во производството, доколку некритички се одвои од наследството на просветителството и прогресивните општествени идеали, тоа ќе предизвика неволји. Негувањето на тие идеали не подразбира расизам или пејоративен став кон другите култури - но политички коректната програма веќе и не се обидува да го прави тоа.

Сѐ додека не престанеме да го гледаме културниот плурализам како нешто што е некомпатибилно со легитимните универзални вредности, фашистичките движења ќе ги привлекуваат оние на кои им е потребна лажна надеж и чувство на сопствена вредност какви што нудат тие движења. И тоа без разлика на полот.

Извор: h-alter.org

ОкоБоли главаВицФото