За власта

21.04.2014 10:38
За власта

Кога поранешниот германски канцелар на телевизија го прашаа дали сака да биде премиер, одговори со одредено чудење: „Па, секој би сакал да биде премиер“. Ова, пак, мене ме зачуди бидејќи воопшто не сметам дека секој сака да биде премиер. Постојат многу луѓе што за таквите позиции воопшто не сонуваат – не поради тоа што немаат можности за тоа, не затоа што тоа е „кисело грозје“, туку поради тоа што таа работа ја сметаат за грозна; сметаат дека тоа е крајно лудување, дека претставува тешка одговорност, дека однапред се знае оти човекот постојано ќе биде напаѓан, исмејуван, ќе му се припишуваат најлоши намери и сл.

Според тоа, не е баш вистина дека сите „сакаат власт“. Тоа зависи од тоа до која мера ќе ја развлечеме смислата на зборовите. Во најшироко значење, „власт“ нарекуваме сè што ни дозволува да влијаеме на околината во посакуваниот правец – природната или човековата. Малото дете што првпат успева да стане или почнува да оди стекнува одредена власт над своето тело и ние гледаме како се радува на тоа; сигурно дека секој би сакал да има поголема власт над функциите на телото што можат да се контролираат, да речеме над мускулите и зглобовите. Кога ќе научиме странски јазик, или да играме шах, или да пливаме, или кога ќе совладаме некаква област од математика, смееме да кажеме дека сме стекнале одредена вештина, благодарение на која ќе владееме со одредена област на културата.

Толку широкиот поим на власта е дозволен и поради тоа се создадоа теории врз основа на кои сè во човечкото однесување ѝ е подредено на волјата за моќ, сите наши мотивации потекнуваат од стремежот за власт во неговите најразлични форми; околу што и да се трудиме, во суштина се трудиме за власт, бидејќи таа е исконската енергија на човечкиот живот. Луѓето се желни за богатство, бидејќи богатството подеднакво им дава власт над работите, а во одредена мера – понекогаш и во прилично голема – и над луѓето. Дури и сексот може да се толкува во категориите на власта, бидејќи ни се чини дека поседувајќи го телото на друг човек, го поседуваме и човекот или, поседувајќи го, ги исклучуваме другите од тоа поседување и преку тоа исклучување или лишувањето на другите, постигнуваме задоволство на владетел. Сексот, секако, е дело на претчовечката природа; меѓутоа, целокупната природа (според тие теории) е проткаена со истиот стремеж, кој кај луѓето поприма други форми, форми што ги формирала културата, иако тоа во основа е исто. Уште повеќе, и алтруистичкото однесување, со одреден напор, може дури и вака да се толкува: ако на другите луѓе им правиме добро, тоа е само за да вршиме надзор над нивниот живот, односно за да стекнуваме над нив делумна власт, можеби и несвесни за таа скриена мотивација. Според тоа, сè во животот е потрага за власт и ништо друго. Сè останато е самозалажување.

Таквите теории, кои начелно се демантираат, наизглед се веродостојни, меѓутоа малку објаснуваат. Сите теории што го објаснуваат целосното однесување на човекот со еден вид мотив или општествениот живот во целина со еден вид придвижувачка енергија, можа да се бранат, но токму тоа покажува дека сите се неупотребливи, односно, дека на крајот на краиштата, се филозофски конструкции.

Што ни разјаснува, на пример, ако кажеме дека мотивите на човекот се исти, без оглед дали се жртвува за друг или го изложува на тортура, односно ако кажеме дека нема валидни поими со помош на кои би можеле да ги оценуваме тие работи или да ги разликуваме, со оглед на тоа за што се работи во нив, бидејќи секогаш се работи за истото (теоријата, сепак, им погодува на оние што со задоволство ќе си речат: немам причини за грижа на совест поради сите гнасни работи, затоа што сите луѓе се исти). Слично интелектуално искушение откриваме во правците на христијанската мисла – денес ретки, некогаш моќни – според кои што и да правиме, ако ни недостасува божествена инспирација, секогаш правиме зло, а ако ја имаме, задолжително правиме добро. Од тоа, исто така, произлегува дека ако тука немаме инспирација, сеедно е дали им помагаме на ближните или ги изложуваме на тортура, секако ќе одиме во пеколот, бидејќи отишле сите, дури и најблагородните пагани. Во таквите теории секогаш се бара клучот што ги отвора сите врати и што објаснува сè. Меѓутоа, таквиот клуч не постои, културата расте преку разликите, со настанувањето на новите потреби и со осамостојувањето на старите.

Ако теоријата според која во нас не постои ништо освен желба за власт е наивна и објаснува малку нешта, сепак никој нема да оспорува дека власта е многу посакувано добро. Кога зборуваме за власта, најчесто ја имаме предвид најтесната смисла од она за што стануваше збор, односно власта што се заснова на располагање со средствата со помош на кои можеме да влијаеме – со насилство или со закана со насилство – на однесувањето на луѓето и тоа однесување да го регулираме според замислите на владетелот (индивидуален или колективен). Во таа смисла, власта претпоставува присуство на организирани средства за насилство, а во денешниот свет – на државите.

Дали секој од нас сака власт во таа смисла? Сигурно е дека секој сака другите луѓе да се однесуваат онака како што тој смета дека би требало, односно: или во согласност со неговото чувство за праведност или најкорисно според него. Сепак, од тоа произлегува дека секој би сакал да биде крал. Бидејќи, Паскал вели: Само кралот лишен од престолот е несреќен поради тоа што не е крал.

Како што е познато, поседувањето на власта – иако има исклучоци – многу често ги корумпира луѓето. Луѓето што долго време уживале во власт од големи размери, на крајот имаат чувство дека власта им припаѓа по природата на нештата– власта на некогашните монаси им била дадена од Бога, а кога поради некоја причина ја губеле, тоа го сметале за космичка катастрофа. Затоа што борбата за власт е основна причина за војните и сите ужаси на светот, се појавувале детинести анархистички утопии, кои за сето тоа нашле спасоносен лек – целосно да ја укинат власта. Уште повеќе, таквите утопии понекогаш ги изнесуваат мислители кои на поимот на власта му придодаваат најширока смисла, на пример, говорејќи дека власта на родителите над децата по природата на нештата е најморничавата тиранија; од тоа би произлегувало дека родителите, учејќи ги децата на мајчиниот јазик, над нив вршат тиранско насилство бидејќи им ја одземаат слободата и дека најдобро би било да ги остават во животинска состојба, сами да измислуваат јазик, обичаи и целосна култура. Помалку апсурден анархизам има во укинувањето на политичката власт: да ги укинеме секоја власт, администрација и судови и луѓето ќе уживаат во природното братство.

За среќа, анархистичката револуција не може да се изведе по нарачка: анархијата се создава кога, од која било причина, се распаѓаат сите органи на власта и никој не владее со ситуацијата: тоа секогаш резултира со тоа некоја сила, која за себе сака апсолутна власт – а секогаш постојат такви – да го користи општиот хаос и деморализираност и да го наметне сопствениот деспотски поредок. Најспектакуларен пример за тоа била руската револуција – воспоставување на деспотски владеења благодарение на општата анархичност на општеството. Анархизмот, практично, ѝ стои на располагање на тиранијата.

Не, власта не може да се укине, само подобрата може да се замени со полоша, а понекогаш и обратно. За жал, ако политичка власт не постои, нема сите да станеме браќа; со оглед на тоа што човечките интереси по природа на нештата се противречни, и тоа не случајно, невозможно е да се оспорува дека во себе носиме одредено количество на агресија, дека нашите потреби и барања можат да се протегаат до бесконечност и, по некое чудо, ако исчезнат институциите на политичката власт, тоа би резултирало со општ погибел, а не со општо братство.

Ниту имало, ниту во буквална смисла ќе има народна власт, бидејќи тоа и во техничка смисла е неизводливо. Можат да постојат само различни средства со помош на кои народот ја следи власта и е во состојба да ја замени со друга. Секако, кога веќе имаме власт, подложни сме на различни ограничувања и во многу значајни работи немаме избор; немаме избор во тоа дали своите деца да ги праќаме или да не ги праќаме на училиште, да плаќаме или да не плаќаме данок, да положуваме или да не положуваме возачки испит (ако сакаме да возиме), а тоа се однесува и на илјадници други работи.

Ни народната контрола на власта исто така не е безгрешна; демократски избраната власт исто така е подложна на корупција, нејзините одлуки често се во спротивност со желбите на мнозинството, ниедна власт не е во состојба да ги задоволи сите итн. Тоа се работи што се банални и што им се познати на сите.

Народните средства за контрола на власта никогаш не се совршени, но се најуспешни од сè што човештвото измислило досега за да ја спречува самоволната тиранија и се состои токму во следното: да се утврдуваат средствата за надзор над власта и да се ограничува обемот на државната власт, онолку колку што тоа е вистински неопходно за да се сочува општествениот мир. Регулирањето на сè што прават луѓето е тоталитарна власт.

Според тоа, можеме – и должни сме –да ги третираме сомничаво органите на политичката власт, да ги проверуваме што е можно повеќе и, во случај на потреба, да се жалиме на нив (а потребата секогаш постои). Меѓутоа, не смееме да се жалиме на постоењето, на присуството на власта, ако не сакаме да измислуваме некој друг свет; многумина веќе се обидувале да направат нешто такво, иако тоа никому не му пошло од рака.

Извор: kuckamen.com
Слики: Marvellini Brothers

ОкоБоли главаВицФото