Луѓе, го затворија „Театарче“!

21.04.2014 18:16
Луѓе, го затворија „Театарче“!

Не знам точно за колку време станува збор. Долго, во секој случај. Време што не се брои во години, туку во децении. Цел еден живот. Толку време, имено, речиси, и да немаше ден, а да не поминев таму. Од волја, од желба, а најчесто од навика... На мастика, на пиво, на кафе, некогаш на шарска, а многу често на – ништо... само да се поздравам и да видам дали стои на истото место.

Ете, тој понеделник не поминав. Поминав следниот ден. Глетката беше морничава. Ни маса, ни столче, ни слики по ѕидовите, ни чадори за сонце... Ни Борче, ни Мишо... Ништо. Празно и морничаво.

„Театарче“ го нема повеќе!

Наводно кафеаната должела многу. Наводно дошле извршители со камион и го натовариле со целиот ентериер. Наводно и персоналот им помагал... И, ова веќе не е наводно, туку дефинитивно фактички, цел еден свет се урна.

Веќе го слушам нетрпеливиот читател како се прашува (донекаде има право) зошто е потребна толкава жал по една и не толку респектабилна меана. И тоа во времето кога Уставниот суд пресудува дека новинарите се исфрлени од Собранието за нивно добро? Кога највисоките владеачки елити ги тресе веројатно најголемиот коруптивен скандал во поновата македонска историја? Кога нè чека уште еден круг избори што сосема регуларно ќе бидат прогласени за нерегуларни? Кога илјадници луѓе останаа без работа...

Но, работата е токму во тоа: настаните се причинско-последични, врзани во маѓепсаниот круг на пропаста. Едноставно, ако постоеше смисла за урбаната традиција, ако постоеше разбирање за разбирливото постоење на „Бифе Стар МНТ“, како што беше официјалното име на сега веќе благопочившата кафеана, тогаш ниту корупцијата ќе беше корупција, ниту стечаите ќе беа стечаи, а уште помалку изборите ќе беа такви какви што се...

Зашто, под целосна морална одговорност (материјална повеќе и онака нема) тврдиме дека кафеаната „Театарче“ беше една од највозвишените културни и културолошки, а пред сè урбани, институции во републичкава ни престолнина. Во „Театарче“, во текот на неговото постоење (а често тоа знаеше да биде и во текот на еден ден) беше собрана најголемата концентрација на интелектуалниот, научниот, политичкиот, уметничкиот... ум. Многу поголема од онаа што кога било се прибрала во Македонската академија на науките и уметностите, или во кој било од размножените универзитети, или во кој било институт, или на која било премиера, или на која било промоција... или каде било и кога било во оваа не многу среќна земја.

„Театарче“, значи, не само што не смееше да биде опустошено од извршители, туку таа трошна барака требаше и мораше да биде под заштита на државата, да биде национален споменик на културата од прв ред, да биде субвенционирано онака како што се субвенционира еден производител на тутун, на пример... И да не се разбереме погрешно, прашањето на судбината на оние што го имаа под наем и на вработените во кафеаната, иако е неизмерно важно и значајно од солидарниот аспект на ова општество (нешто што, за жал, е одамна исчезнато) не е примарно во овој случај. Тука зборуваме за нешто што би можело да се нарече традиција. На пример, за начинот на кој Прага ја чува својата најстара пивница и сепарето каде што седел еден Богомил Храбал. Во „Театарче“, имено, поминаа (и седеа) и новинари, и актери, и академици, и полицајци, и сликари, и ѕидари, и лекари, и професори, и камионџии...

И повторно ја слушам таа забелешка дека нема никаква потреба од толкава патетика, како божем да се работи за жив човек, а не за еден ординарен угостителски објект. И, да, повторно станува збор за погрешно размислување. Имено, „Театарче“ беше токму тоа – еден жив организам, со сите негови атрибути: со екстремитети, со крвоток, со бубрези, со мозок, со бели дробови, со коса и нокти, а пред сè со срце. Смртта на „Театарче“, колку и да изгледа скромна во сенката на ветените илјадници проекти, а уште повеќе во сенката на неветените и направени проекти, е крајот на една надеж, крајот на амбицијата на неколку генерации дека може и тука, во центарот на Скопје, да се живее нормално. Или барем блиску до нормалното.

Едноставно, секоја од оние маси што повеќе ги нема, секоја од оние кич-слики што висеа по ѕидовите, секое столче, секоја чинија, конечно и секоја чаша што по некој случај остана здрава во оваа кафеана, имаше некоја своја приказна. Многу повешта и многу пореална од која било легенда за Аминта Трети или за семејството на Александар Велики. А без тие приказни, верувајте, нè нема ни нас.

Авторот на овие редови, во свое име и во името на неговата генерација, е подготвен да ја преземе одговорноста или барем еден нејзин дел за она што ни се случува. Да, не водевме доволно сметка за „Театарче“ дури беше живо. Го земавме здраво за готово, како воздухот што се дише или водата што се пие, како право на сон и право на храна, со еден збор како стекнато право кое никој не може да ни го одземе.

А не било така.

Веројатно ќе никне некаква кафеана на истото место. Ама тоа ќе биде некакво „Сушико“, некоја „Арабеска“, некаков егзотичен ресторан..., во секој случај нешто каде што редовната клиентела на „Театарче“ нема да го најде своето место. За нив во Градот повеќе нема место.

Смртта на „Театарче“ е само последниот (иако и последователен) чекор што се случи во одземањето на Градот од Граѓаните. Сега сме немоќни и ништо повеќе нема да помогне во каква било битка со семоќните извршители. Затоа што уништувањето на Градот не е повеќе работа на нечија желба или волја, туку систем што функционира како беспрекорна апаратура. Едноставно, не успеа Градот да ги создаде своите одбранбени механизми, антителата што требаше по природен пат да ги отстранат туѓите тела. И затоа е немоќен и немоќно ја гледа сопствената деструкција.

Ова е, ете, омаж за една егзекутирана урбана институција. Дури е и бесцелно нешто да се зборува за ова. Едноставно, само обид да се остави некаква трага дека и тука постоеше некаква урбана традиција.

Затоа, во духот на сите омажи, и нам не ни останува ништо друго туку само да кажеме: Слава ти и спиј мирно „Театарче“. Ние одамна задремавме.

Слики: Едуар Мане

Сроден текст

 

ОкоБоли главаВицФото