Му ја спуштија завесата и на Театарче!

22.04.2014 02:55
Му ја спуштија завесата и на Театарче!

Аман, сè сотреа дивтариве!

Авдо, Боро, Мишко... - извинете!

Извинете што не Ви бев верен до крајот, што последниве два-тринаесет години Ве мамев со едно мое/наше (со Сидор, Геро Омладинац, и другите, де...) „Театарче“, на неколку километри од Вас, во кое ме (нè) дочекаа како брат/комшија и исто како и Вие, ми (ни) дозволуваат да плаќаме кога имаме (иако и тие знаат дека со „преродбава“ чесните луѓе, оние кои работат, сè поретко имаат нешто во џебовите) и што Ви доаѓав само кога нозете самите ќе ме донесеа до Вас... Од `ал за младост, носталгија, желба да се врати нешто што е дамна уништено... Ама, бевте дел од мојот живот и секогаш ќе бидете дел од моите спомени. И на цела една генерација...

Извинете и сите Вие, илјадниците гости (актери, писатели, џандари/кодоши, новинари, шпедитери, ороспии - во душа /не мислам на пријателките на ноќта/, директори, политичари во најава, спортисти, криминалци...), со кои и покрај кои колку-толку созреав, гостите на кафеаната во која буквално израснав (младинско/приправничкиот стаж во комшиското маалско бифе во Драмски ми е занемарлив во однос на целиот „живот“ поминат во МНТ), храмот во во кој се одеше по секоја претстава и пред секој број од печатницата (уште од „Студентски збор“, па преку сите весници од „НИП“-от)...

Театарче беше местото каде некогаш се продаваа најубавите „гирици“, каде на времето, пред мобилните, „тројката“ од почетокот на текстот ги знаеше до детаљ актуелните состојби во браковите и во вонбрачните врски на сите гости, и така се однесуваше кога ќе ја кренеа слушалката на фиксниот чиј број го знаев наизуст до пред некоја година... Театарче е местото каде на првото рандеву со сопругата го чекав Мишко да се врати со моторчето од месарница и од дисконтот во Трговски, за донесе кременадли и троа поасолно вино, за да се покажам асли фраер... Театарче е местото каде Авдо, малаксан, на „Пулсовци“, со гостите од цел Југославија, ни оставаше гајба пиво и тенџере кафе (уринирање дозволено само зад бараката на Институтот за македонски јазик!!!) и заминуваше оставајќи нè во бавчата (кафеаната ја заклучуваше; сепак и во тоа време дотолку не им се веруваше на новинарите!), чисто за да дремне 2-3 саата пред да се врати и да ни направи свежо кафе... Театарче е местото каде Боро, на секои 2-3 месеци, кога ептен ќе доцнеа платите, најкултурно ќе нè опоменеше дека тетратката не му се затвора од потпишаните а неплатени сметки... Театарче е местото во кое секогаш доаѓав со кеиф и си живеев како дома безмалу две децении, од кое ме испраќале со почит, дури и кога ме „искипувале“ во такси или ме молеле да не правам скандали, не за друго туку поради жбирот на соседната маса, кој не е виновен, кутриот, ама мора и тој да ја искодоши дневната норма, оти деца рани...

Сè сотреа дивтариве, „градејќи“ виртуелна стварност од стиропор, го испоганија сето она што вредеше. И можат да ми плукнат под пенџер сите кои ќе евентуално ќе аздисуваат дека сум патетичен... Сè помалку има места во кич-Скопјево (во Паланкава - во што мутираше градот во кој сум роден, сосила загаден со вирус на моронштилак) кон кои нешто би ме привлекло за да отидам и да поминам троа време како обичен, нормален човек.

Нè избришаа...

Збогум Театарче.

 

Сродни текстови:

Театарче

Луѓе, го затворија „Театарче“!

Слични содржини

Јавни простори / Став
Никола Гелевски
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Став / Екологија

ОкоБоли главаВицФото