Вратете ни ја идеологијата

22.04.2014 11:56
Вратете ни ја идеологијата

Летото 1989 година, американскиот магазин National Interest објави есеј со многу смел наслов – „Крајот на историјата?“ Авторот на есејот, политикологот Френсис Фукујама напиша дека големите идеолошки битки на Истокот и Западот се завршени и дека западната либерална демократија победила. Во времето на антикомунистичките демонстрации ширум бившиот Советски Сојуз изгледаше дека текстот ја погоди метата. Фукујама стана ѕвезда на политичките науки, „дворски филозоф на глобалниот капитализам“. Кога три години подоцна се појави неговата книга „Крајот на историјата и последниот човек“, прашалниот знак исчезна.

Тезата за „крајот на историјата“ до денес е доволно пати повторувана за да добие призвук на вистина – иако, се разбира, често е и оспорувана. Некои критичари укажуваа на 11 септември како на главен противпример. Други ги истакнуваа јакнењето на исламскиот фундаментализам и Арапската пролет како докази дека идеолошкиот конфликт сè уште трае.

Но, Фукујама водел сметка за тоа да нагласи дека не рекол оти повеќе ништо значајно нема да се случи или дека на светот нема да остане ниту една земја која нема да сака да му се прилагоди на либерално демократскиот модел. „На крајот на историјата“, пишуваше тој, „не е нужно сите да станат успешни либерални општества, туку само да отстапат од своите идеолошки претензии на застапување различни и повисоки облици на човечкото општетсво.“

Фукујама зборуваше за идеи, а не за настани. Веруваше дека ништо не може да биде подобро од западната либерална демократија, со нејзината елегантна рамнотежа на слобода и еднаквост; дека нејзина придобивка ќе биде општата смиреност на светските односи и дека на долги патеки тоа ќе биде единствената смислена игра на сила. „Сведоци сме не само на крајот на студената војна или истекот на одредениот период на повоената историја туку и на крајот на историјата како таква: односно, крајните точки на човечката идеолошка еволуција и универзализација на западната либерална демократија како конечен облик на човечко владеење“.

Фукујама се потпирал на Хегел, кој ја дефинирал историјата како линеарна низа од епохи. Технолошкиот прогрес и кумулативното решавање на конфликтите на луѓето им овозможиле да напредуваат од племенско преку феудално до индустриско општество. За Маркс, патот завршувал со комунизмот; Фукујама ја означи новата дестинација.

Неговиот аргумент долго беше необично отпорен на предизвиците од левицата. Неолиберализмот е мошне хегемониски дискурс. Меѓутоа, првите пукнатини се појавија во последниве години, во задоцнетата реакција за спасување на банките во 2008 година. Глобалните протести и демонстрации на движењето Occupy против штедењето наведоа многумина теоретичари од левицата – вклучувајќи го францускиот филозоф Ален Бадју во Повторното раѓање на историјата и Британецот Шејмас Милн во збирката есеи Освета на историјата – да се запрашаат дали историјата повторно маршира. „Што се случува?“ прашува Бадју. „Продолженија за исцрпениот свет по секоја цена? Лековита криза на светот измачен од сопствената победничка експанзија? Крај на тој свет? Најава за поинаков?“ Бадју внимателно ги набљудува немирите од 2011 година како промена на играта, со потенцијал да се воведе нов политички поредок. За Милн, исто така, настаните како што се неуспехот на Америка да ги „демократизира“ Ирак и Авганистан, финансискиот крах и процветот на социјализмот во Латинска Америка, јасно укуажуваат на „крај на униполарниот момент.“

Останува отворено прашањето дали тие настани, иако драматични, воопшто ќе имаат какви било последици. Без лидер и со слаба програма, критиката и понатаму не успева да се поврзе, расцепкана на онлајн петиции и кампањи со една изолирана цел. Дали левицата ќе изгради кохерентен предизвик за десницата, или сето тоа се само погранични судири? Дали историјата заврши или не?

Како што некои од левицата одамна сфатија, Фукујама изведуваше идеолошки трик. Дали „западната либерална демократија“, како што тврдеше тој, навистина претставува примена на принципите од Француската револуција? Или, всушност, тоа е средство со кое десницата се маскирала во добродушна неспорна политика? „Универзалното човечко право на слобода“ звучи инспиративно, но кај десницата тоа е второто име за економскиот либерализам. Освен тоа, дури и тоа е фикција: капитализмот се преправа дека сака слободен пазар; во реалноста, тој го приспособува пазарот за елитите.

Во времето кога го пишувал „Крајот на историјата?“ Фукујама бил неоконзервативец. Учел кај протежето на Лео Штраус, Алан Блум – автор на Затворањето на американскиот ум; работел како истражувач во корпорацијата Rand, thinktank на американскиот воено-индустриски комплекс, за потоа да му се придружи на својот ментор Пол Волфовиц во администрацијата на Реган. Своето вистинско политичко лице го покажа кога напиша дека „класното прашање на западот е всушност успешно разрешено... егалитаризмот во современа Америка претставува суштинско достигнување на бескласното општество како што го замислувал Маркс“. Дури и во 1989 година тоа беше крајно тенденциозно тврдење.

Во зората на катастрофалните заблуди на Џорџ Буш помладиот во Ирак и Авганистан во 2006 година, Фукујана се одрече од неоконзервативизмот во книгата со наслов Америка на крстопат. За да ја сочува својата теза за крајот на историјата, Фукујама тврдеше дека неоконзервативците тргнаа по ленинистичка тангента на историски детерминизам и вештачка државотворност, оддалечувајќи се од правилното разбирање на историската еволуција како органски нуспроизвод на материјалната благосостојба и достапноста на потрошувачката стока.

Наспроти сè, неговиот „постидеолошки“ трик успева и понатаму. „Пазарите“ кои ги славеше како мотор на напредокот се сметаат за „природни“ – како силата на гравитацијата или дарвиновската еволуција. Се верува дека тие ги поставуваат „реалните“ граници во политиката; политичкото одлучување за приоритетите се крие зад практичните референци за „јавната потрошувачка“. „Ова е трезвена реалност која денес мораме да ја воспоставиме во нашата земја“, рече британскиот премиер Дејвид Камерон во јуни 2010 година, најавувајќи план за скратување на јавната потрошувачка. „Не работиме затоа што сакаме, мотивирани од некоја теорија или идеологија... Тоа го правиме затоа што мораме“. За време на три децении експерти и спинови, десницата систематски градеше идеолошко движење кое денес се претставува себеси како сè друго, само не како системско и идеолошко.

Фукујама јасно ја оддели својата позиција од социологот Даниел Бел кој во 1960 година објави збирка есеи со наслов Крај на идеологијата. Кон крајот на педесеттите, Бел се најде во „вознемирувачки застој“. Политичкото општество ги отфрли „старите апокалиптични и хилијастички визии“, пишуваше Бел, а „на Западот, истрошени се старите страсти меѓу интелектуалците“. Исто така, Бел беше близок со неоконзервативците, но негираше врска со каква било идеологија. Фукујама не тврдеше дека идеологијата самата по себе е готова, туку дека еволуирала најдобрата можна идеологија. Сепак, аргументите за „крајот на историјата“ и „крајот на идеологијата“ имаат ист ефект: ја сокриваат и нормализираат доминацијата на десницата, бришејќи го поводот за дебата.

Иако идеолошката измама (пазарите како „природни нешта“) ја сметам за несомнена, морам да кажам дека во првобитниот есеј на Фукујама постои аспект на кој му се воодушевувам. Завршува изненадувачки со горчливите зборови: „Крајот на историјата ќе биде многу тажно време. Борба за уважување, подготвеност да се ризикува сопствениот живот во име на апстрактни цели, планетарна идеолошка борба која бара одважност, храброст, имагинативност, идеализам – сето тоа ќе биде заменето со економска калкулација, бескрајно решавање технички проблеми, еколошки прашања и задоволување на софистицираните потрошувачки барања“.

Тешко е да се спротивстави на впечатокот дека овој дел прецизно ја отсликува нашата ера, во која разговорите на младите активисти околу логорскиот оган се водат за релативната концентрација на јаглен-диоксидот; каде и десницата и левицата ги грабнаа политичките манипулации и солуционизмот; а масите кои кампуваат на улиците на Рио де Жанеиро всушност го чекаат отворањето на првата латиноамериканска продавница на Apple.

„Во постисторискиот период“, продолжува Фукујама, „нема да има ниту уметност ниту филозофија, само вечно одржување на музеите на човечката историја. Во себе ја чувствувам, а ја гледам и кај другите, моќната носталгија за времињата кога постоеше историјата“. Дали оваа визија не звучи точно? Изгледа дека го губиме јасното чувство и за историјата и за иднината, живееме во вечното заборавајќи дека нештата биле поинакви некогаш и дека, според тоа, постојат алтернативи. (Наликува на приликите во поп музиката каде владее пост-постмодерна ера на ретро-автентична музичка рециклажа. Песните на современите изведувачи – Adele, Lady Gaga, La Roux – се симулакруми на песните од шеесеттите, седумдесеттите и осумдесеттите).

Јас растев во осумдесеттите, марширајќи против Маргарет Тачер. Левицата ја напаѓаше десницата. Кога наполнив 16 години, во 1990 година, Џон Мејџор стана премиер а идеолошките конфликти во британската политика избледеа. Кампањата на Мејџор, „враќање кон основите“, беше насочена против претенциозните идеологии; беше одрекување од политиката. (Неодамна, советувајќи ги пратениците на конзервативната партија, Мејџор им рекол помалку да се концентрираат на „идеологија“, а повеќе на „прашања кои навистина ги загрижуваат луѓето во нивните секојдневни животи“. Отфрлањето на тврдокорната десница е за пофалба, но од кога секојдневните грижи немаат врска со идеологија?). По Мејџор имавме триангулација на Тони Блер и свето издигнување над левицата и десницата; па повик на Обама на „декларацијата за независност... од идеологијата“; и објавата дека Дејвид Камерон „не го интересираат изми“. Сега, политиката е работа на технократска оптимизација, постапка „со која се одработуваат“ и „завршуваат работите“. Дури и ветеранката меѓу британските политичари, Ширли Вилијамс во 2010 година ја пофали коалициската влада заради ветувањето за „соработка од национален интерес“. „Исчезнува генерацијата на која ѝ припаѓам, вкоренета во идеологија и партиска посветеност“, напиша Вилијамс препорачувајќи го новиот дух на „кооперација“ наместо „сигурните, одамна утврдени конфронтации“. Додека тврдат дека стариот поларитет не важи повеќе, сите главни партии се поместија кон десно.

Во меѓувреме, продолжува изведбата на конфронтацијата. Мнозинското незадоволство со владеачката политика се изразува како критика на нејзиниот трибален, кавгаџиски стил. Процедурата на редовните неделни прашања за премиерот се оспорува затоа што е премногу бучна, што е тривијалност која го свртува вниманието сега кога разликите помеѓу политиките се незабележителни. Проблемот не е во „поделеноста“, туку, напротив, во недостатокот на демократски избор.

Во неодамнешните осврти по повод смртта на Тони Бен, стариот лабурист често се опишува како еден од последните претставници на политичката култура на јасни граници. „На современиот набљудувач ќе му изгледа како некој што разбива калапи: дрзок, аристократски идеолог во ерата на триангулација на средниот слој и третиот пат“, пишува уредникот на сајтот ConservativeHome. „Ако тоа денес изгледа чудно, тоа не е затоа што Бен беше исклучок, туку затоа што е последен од својот вид“. Изумирањето на политичките убедувања се прифаќа како даденост без оглед на која страна припаѓаат, но левицата има најмногу да изгуби.

Во книгата „Крајот на историјата и последниот човек“ Фукујама пишува дека овој „извонредно продуктивен и динамичен економски свет, создаден со напредна технологија“ има „страшна хомогенизирачка моќ“: глобалната политичка хармонија е „конечна победа на видео-рекордерот“. Но, дали конзумеризмот и технологијата, како што тврди тој, навистина се прогресивни? Интернетот стана полнолетен, истата година кога и јас. Некогаш, домашните задачи ги пишував со рака, за во трета година да го испратам својот прв мејл преку зелениот Pine интерфејс. Писмата од детството ги чувам во неколку картонски кутии, но за време на деведесеттите им се губи трагата. Сè останато се наоѓа на мејл налозите во сопственост на корпорациите со инфантилни називи; некои од тие налози се изгубени.

Дали случајно дигиталниот атак на границата помеѓу историските ери, работата и играта, оваа или онаа книга, се одиграл во исто време кога и привидниот крај на секаков вид масовни движења, клутурни и политички? Носталгијата што ја чувствувам за своето детство е поврзана со носталгијата за политичката опозиција и материјалниот пишан збор. Ми недостига историјата, токму како што ми недостигаат и личното минато и младешките визии за иднината. Во своите свечени моменти се чувствувам како отелотворение на Животот на крајот од времето од Жижек, додека жално пребарувам по стриминг каналите, загрижена за интелектуалното банкротство на левицата.

„Модерната ера беше време кога човечките битија, секое за себе или заедно, со длетото на волјата можеа да го изрезбаат каменот на историјата“, вели писателот и активист Франко Бифо Берарди. Денес, тоа исчезна. „Нема повеќе... прогресивни временски димензии“.

Како што доаѓа крајот на застарените модернистички станбени блокови, сè потешко е повторно да се повика искреноста од Светот на утрешнината или научната фантастика која не е ироничен футуризам или steampunk. Дури и на левицата ѝ е тешко да ја артикулира утопијата. Дали е така заради доминацијата на неолиберализмот над идеолошкиот пејсаж или затоа што сме во постидеолошка ера во која интернетот е или симптом или причина? Сликата на патници во воз кои гледаат секој во својата мала осветлена справа е речиси вулгарна визија за дистопијата. Изгледа дека дигиталниот конзумеризам нè прави премногу пасивни за револт или спасување на светот. Ако го прифатиме како неизбежен, навистина ќе доведе до крај на историјата, на повеќе начини.

Прерано е да се каже дали неодамнешното преиспитување на тезата на Фукујама би можело да биде темел на новиот оптимизам. „Ова што ни се случува во првите години од новиот век“, пишува Бадју, „изгледа како да нема јасен назив на ниту еден јазик во светот“. Самиот Фукујама претпоставуваше дека отсуството на идеализам и борба сепак би можело повторно да го запали жарот: „Можеби токму вековната можност во досадата за крајот на историјата“, пишуваше тој, „ќе може да послужи историјата повторно да започне“. Зрак перверзна надеж лежи во фактот дека досадата е луксуз кој повеќето од нас не можат да си го дозволат.

Извор: http://www.theguardian.com

ОкоБоли главаВицФото