Да се биде возбудлив

23.04.2014 10:50
Да се биде возбудлив

Сите ние кои сме заинтересирани за популарноста во својот микросвет (значи, луѓето), како и оној подвид на човекот кој е заинтересиран за рејтинзите во политичкиот свет, често нè измачува одговорот на едно прашање: како да се биде и да се остане запаметен? Или барем забележан, ако веќе не легендарен? По ѓаволите, како да се биде – интересен? Возбудлив? Како што наведува психологот и колумнист на Гардијан, Оливер Беркман, живееме во „Доба на занимливости“, затоа што привлекувањето внимание значи и привлекување пари. Освен што вака било речиси отсекогаш, во секое доба.

Се разбира, културата и уметноста се парадигми на овој феномен. Од „Појадокот на трева“ на Мане до „Фонтаната“ на Дишан, па и наназад сè до Праксител, кој во 4 век пред новата ера прв разголе женски кип – историјата на уметноста може одново да се напише како историја на обиди да се биде интересен. Популарната култура, како и да не се обидува ништо друго освен да биде возбудлива со своите експлозии на хеликоптери во филмовите и блудничењето во рокенрол стиховите и видео спотовите. Дури и во науката, чии работници мора да бидат мотивирани со потрагата за вистината, а не за занимливоста, премногу често сакаат само да не им биде здодевно. А најголемите, највлијателните и најцитираните научници, како на пример Дарвин, Маркс или Фројд, биле сè само не досадни. Се разбира, во своите теории биле фини и пристојни луѓе, освен Маркс. Добро, и Фројд.

Она што важи за возбудливоста на белезите и минатиот труд на овие научни супер херои, важи и за занимливоста на обичните текстови во весниците или на интернет. „Фусноти“ бр.57 („Заразна виралност“) веќе дробеа за тоа што ја прави добра, добрата приказна (за нередовните, тоа се: етос, патос и логос), но сега поентата е во неодоливата привлечност на таа возбудливост. Нов текст за тоа дека одредена тревка од некоја џунгла заборавена од бога помага во губењето килограми? Давај. Статија за седумнаесет видови женски оргазам? Само напред. Ако на децата им го пуштаме „Белиот албум“ наназад, ќе станат поумни? Исклучително. Какви мажи најлесно ги освојуваат женските срца? (Да) голтаме, и така натаму. Дури и ако критичкото мислење не ни е во егзил, па длабоко во себе знаеме дека ова се будалаштини – прстот непоправливо ќе се лизга кон „кликот“. Имено, и занимливоста е старо добро грешно задоволство, како 150 километри на час на автопат или љубовница во мотел покрај патот. Возбудливоста е возбудлива.

Социологот Мареј Дејвис во еден труд од 1971 година се обидел да основа „социологија на интересното“, како подвид на социологијата на знаењето. Веројатно на воодушевување на сите оние студенти на кои им подметнуваат „сувопарна“ социологија на првите години од студиите и кои не осознаваат и не знаат што со неа. И се прашувал како социолошки да ги разликува теориите кои се интересни и теориите кои не се интересни. Неговиот одговор бил едноставен колку што бил и генијален: интересни теории се оние кои ги негираат претпоставките на публиката за која се наменети, а неинтересните теории ги потврдуваат претпоставките на публиката. Со други зборови, оние бубалици кои макотрпно и минуциозно ги потврдуваат постоечките теории брзо се забораваат, а лошите ученици кои ги негираат нашите постоечки идеи и убедувања стануваат легенди.

Значи, каква е содржината на таа возбудливост? Како да се привлече внимание? Споменатиот Беркман ова прекрасно го сумира на следниот начин: во ред е да се тврди дека нештото за кое сме мислеле дека е добро, всушност е лошо – или обратно, дека лошото е всушност добро. Или, на пример, да се тврди дека некој наводно индивидуален феномен, всушност е колективен. Можеме да наведуваме и дека неколку привидно различни нешта се всушност дел од едно исто нешто или процес. Сето тоа се процеси кои го скокоткаат нашето сетило за интересното. Имено, така тврдел Дарвин и покажал дека сите живи битија имаат исто потекло и дека се создадени од ист процес на бавна еволуција со природна селекција. Од друга страна, Маркс истакнувал дека капитализмот е всушност лош, а конфликтот е и добар и неизбежен. И, редуцирал многу феномени на нивните базични економски компоненти. Слично на тоа, и Фројд наведувал дека нашите стравови, неврози, фантазии и недостатоци во говорот – се дел од едно исто нешто. Тоа што за него тоа нешто било еротска желба за родената мајка е друга тема. Меѓутоа, овие великани за своите идеи понудиле сериозни докази и многу работа, напор и труд. Што ќе правиме со многумината кои не го понудиле тоа, односно оние кои се празни и само интересни? Со други зборови, што е со политиката?

Занимливоста или возбудливоста се исто така важен елемент на (секој)дневната политика, како и политичката привлечност. Најпосле, сагата за формирањето на најновата Влада на Србија има изразен драмски аспект, дури и ако расплетот е и познат и веќе виден. Што се сите тие церемонијални состаноци и бистрење на секој збор од последните изјави ако не инфузија на театралност за да се задржи вниманието на гледачите? Политичкиот успех и идеолошкиот велеобрт на Александар Вучиќ можно е да се протолкуваат како израз на фактот дека конечно станал – интересен. И неговите политички изјави и однесувањето го поврзуваат она што не може да се поврзе, додека ја извртуваат перцепцијата за доброто и злото. Како што и упорно ги негираат претпоставките на публиката. На тој начин, и ветувањето на Черчил „крв, пот и солзи“ може да делува свежо, ако од другата страна има потоци со мед и млеко. Се разбира, се користат многу, а никако не се остваруваат. Во врска со тоа, состојките на упокоената ДОС, олицетворени во Војислав Коштуница, Борис Тадиќ, Драган Ѓилас и Чедомир Јовановиќ, делуваат секако само не интересно и возбудливо. Во тоа е суштината на забелешката за потрошеноста или маничната потрага за „нови луѓе“ како глад за нешто, по ѓаволите, интересно. И ако споменатите не сакаат да се вратат во политиката како (по)сериозни играчи, прво мораат да ја вратат занимливоста. Затоа што никој не сака да му биде досадно. Не е доволно да се биде возбуден, важно е и да се биде возбудлив.

„Смелите тврдења бараат исклучителни докази“, гласеше и гласи скептичната максима на Хјум. Кому му е грижа, кога тврдењата се интересни, ќе додаде проклетото кое ни е сместено меѓу ушите. Со други зборови, проблемот со човечкото животно гладно за занимливости се состои во тоа што тоа често ја брка вистината и интересноста. Или пак вистината ја исфрла низ прозорец кога нешто е доволно возбудливо. Дури и во научните списанија во последните неколку децении или подолго, постои тренд научните трудови со атрактивни наслови да се објавуваат побрзо и поефикасно. Кога станува збор за псевдонауките како „алтернативната медицина“, понекогаш изгледа дека колку што тврдењата се поналудничави и поапсурдни – значи, интересни – поподготвено ќе бидат проголтани од прдежот на мозокот со максимата „тука има нешто“. А поевеќемилениумскиот тренд атрактивните политички пораки да се прифаќаат поподготвено од оние кои се досадни се нарекува, едноставно, политика. И затоа, „Ќе се пресметаме со тајкуните“ или „5 начини да ја доведете до оргазам“, сеедно, вистинитоста станува небитна ако тврдењето ги притиска нашите копчиња на барометарот на возбудливоста. А таквата практика може да биде непродуктивна и опасна. Затоа што многуте возбудувања на политичките идеи доведоа до економски колапси, војни и холокаусти. И затоа, „Да, интересно. Но, дали е вистинито?“ мора да биде прашање на устата на секој политички одговорен граѓанин. Најпосле, наместо во политиката и (псевдо)науката, да се обидеме да ја најдеме занимливоста во новата храна или филм, а возбудливоста да ја пронајдеме в кревет. Да ги сочуваме арбитарот на вистината и доказите за сè друго.

Извор: http://www.danas.rs

Слични содржини

Општество / Активизам / Квир / Историја
Општество / Став
Општество / Балкан / Свет
Балкан / Психологија
Општество / Балкан
Општество / Балкан / Свет

ОкоБоли главаВицФото