Нини, Ники, Трпе и Маркес!

23.04.2014 14:35
Нини, Ники, Трпе и Маркес!

Нини му дал на Ники еден кома пет милиони јуроси! Ники, пак, му дал на Нини десет или дваесет пати повеќе! Пари на Трпета! Кој, пак, добил гласачко ливче и отишол да гласа за вмро оти парите се пари ама името и достоинството не сакал да ги даде ниту за пари ниту за ништо. Ники му се видел многу цврст по тоа прашање, а Нини му се сторил многу драг човек кога видел дека за две-три банки исто така е спремен да стои на браникот на идентитетот! На Трпета! И на жена му на Трпета, оти и таа имала идентитет и била некоја достоинствена жена, плус немала мастило на палецот и можела да гласа за вмро односно за проектот за поделба на парите! Нејзини и на Трпета!

Во извештаите на меѓународната заедница за напредокот на Македонија стои дека лопужаната прави многу важни реформи со напомена дека би било добро ако Нини, Ники, Трпе и Жена му на Трпе најдат заемно прифатливо решение за името. За името на парите оти се покажало дека за стандардите на светот Трпе ќе престане да постои без пари и дека како таков, односно како непостоечки субјект, ќе може да се вика како сака! Сите биле задоволни! Трпе бил воодушевен!

Заев ни го откри тоа што сите ние го знаевме: дека зад Потемкиновите кули на преродбата, на Скопје 2014, на антиквизацијата и на сите други процеси за кретенизација на Македонецот, се одвиваше и се одвива општа пљачка која нема само финансиски пропорции туку длабоко го поткопува тоа што така театрално се брани - идентитетот на луѓето, на нивната заедница и на просторот! Но, сеедно, кога ги читате транскриптите (независно од конкретната временска локација) или додека ја слушате снимката на инкриминираните разговори, доживувате некоја интересна возбуда не само зашто добивате потврда за тоа што сте го знаеле туку, уште повеќе, затоа што добивате директна информација со каква проста стока си имаме работа, какви бескрупулозни простаци ги диктираат општите работи, судбината на милиони луѓе, на државата, на нацијата, на регионот...! И уште нешто многу важно: добивате докази дека некои фактори во таканаречената меѓународна заедница, од финансиски, политички, геополитички или други причини, со константната поддршка на лопужаната и тешката изневерба на нормалните, либерални, демократски ориентирани луѓе, се дел од коруптивниот процес на македонското распаѓање, за што срдечно ги препорачувам анализите на господинот Зеколи.

Неверојатно!

Односите на моќта и психопатологијата на власта и на народот претворен во маса можат да донесат на висока државна функција и еден коњ (атот на Калигула во улогата на сенатор од почетокот на новата ера, на пример), а можат на едно општество да му турат за претседател и еден друг вид срамота: Иванов! Ѓорѓе Иванов! Неговите 440.000 гласови во првиот круг на изборите во кои сака да дојде до втор мандат, покажуваат дека ако утре некој сака на избори да ја победи кобилата на Груевски или, дури, неговите потрошени црвени кондоми со жолт вентилатор на главата, ќе мора да смета на фиксна предност на страната на сперматоблокаторите од 400.000 гласови на луѓе што додека ја влечат санката на обожаваниот шеф на Горското началство, размислуваат помалку од хаските со кои Тричковски тргна на Јужниот Пол да ги депонира влакната на последните нормални Македонци.



Кога ќе се земат предвид историските контексти, политичката кариера на Хорхе и фиксовите на вемеровскиот лидер, се поголем срам за Македонија отколку атот на Калигула за Рим! Дури, се осмелувам да тврдам дека срамотните капацитети беа примарни при неговиот избор за кандидат за шеф на една држава во распаѓање и дека се, всушност, битен елемент на тоа распаѓање: тој не е одбран, како што вообичаено се мисли, за да има некој што нема да му пречи на Груевски, туку за да му помогне така што на хистеризираните граѓани и на светот ќе им покаже, покажувајќи се себеси, дека македонската национална и државна идеја надвор од строгите комунистички координати закономерно се трансформира во флуидна циркузантска појава чија единствена смисла е да се демонтира самата себе! Пред себе ја имаме големата слика на Тајната вечера на која Никос и апостолите на вемерето ја кркаат Македонија: на централната позиција е малото шатковидно диктаторче, во заднината е жената чудовиште која во креацијата на Галијано лета на метлата на Уставниот суд како изнајмен убиец на важната институција, тука се неколку медиумски шарпланинци што претходно биле планирани за фрлање в река, но се вратени од лопатата да лаат и лаат, лево се брилјантизираните идиоти во министерски фотелји, кои се задолжени од образованието да прават фабрика за кретени, а од болниците терезијански одделенија на смртта, десно се газлевците задолжени за засерување на секое слободно ќоше и на самата идеја на урбанизмот и на архитектурата како многу важни, би рекол клучни културни форми на заедницата преку делата на исклучителните поединци и како шери на тој огромен пандишпан од расипани јајца е Хорхе како претседател! Да, во последен момент до мене допре доволно сериозен глас дека задната лева нога на масата има форма што многу личи на другарот Марко!

Така што може да се каже дека на Територијата под контрола на Внатрешната антимакедонска контрареволуционерна организација, се одржаа уште едни избори на кои најмногу гласови освои кандидатот на инсталацијата што стопанисува со долината на реката Вардар и со блиските предели, кон Охрид на југозапад и кон Табановце и Деве Баир на север односно североисток! Вообичаен ритуал што власта го прави за да ја прекине досадата - во што се претвора секое долготрајно крадење енормни количества пари и едноличната слика што ја формира погледот врз толку многу овци!

Слушам дека ќе имало и втор круг од таканаречените претседателски избори, плус избори за телото што тука сѐ уште го викаат парламент, на кои вемерето ќе истрча на теренот во својата стандардна постава со околу 400.000 гласачи на платен список или со депонирана волја по други основи, со неограничени финансиски, административни и секакви други ресурси, со Ники, јебо те бог, со Ники, со неговите еден кома фајф милион јурос пута којзнае колку пати, а конкурентите ќе стартуваат од Штип! Или од Велес беше...!

Дали да гласаме?!

Да гласаме зашто гласањето е спротивно на здравиот разум! А тоа е знак на нашата политичка доследност и принципиелност! Иванов никогаш нема да може да биде избран ако ние не гласаме за Пендаровски!

Имам впечаток дека сме на самиот почеток на нашите „Сто години глупост“! Така ќе се вика новиот роман што Маркес ќе го пишува на небото гледајќи ја Македонија!

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат