Режимот или културата на беззаконие

24.04.2014 09:11
Режимот или културата на беззаконие

Achtung, Banditen! Македонија е зона заразена со бандити, а бандитите знаеме, се наоѓаат на власт!

Некои сакаат Груевски да го испратат во историјата како најголем крадец и криминалец на Балканот. Но, не разбираат дека таквата етикета, колку и да е на место и е соодветна, е пред сѐ политичка етикета. А, патот од политичкото до правното или од симболичкото до практичното, е навистина голем. Конечно, јас не би сакал Груевски да замине во историјата само како крадец, тоа е премногу редукционистичка дефиниција за него. Според мене, Груевски пред сѐ треба да отиде во историјата како касапот на нашата демократија, држава и иднина, како уништувачот на здравиот разум, на нашиот идентитет и култура, негаторот на нашата слобода и на нашите права.

Втор важен проблем е што јас лично не разбирам како некој планира таа криминална етикета да ја направи политички профитабилна во општество каде владее културата на беззаконие и неказнетост. Македонецот е убеден дека секој политичар е валкан, дека секој политичар е корумпиран, дека повеќе или помалку, сите се исти. Никогаш не видел некоја крупна риба да плати за таквото аморално и незаконско поведение. Но, видел како режимот селективно и политички ги прогласува, ги осудува и ги затвора своите противници како криминалци.

За Македонецот важи стереотипот: „Крадат сите, значи - не краде никој“. Ама, опозицијата ќе грака: „Груевски крадел повеќе од другите, за Груевски имаме докази“?! Докази?! Да бевме само држава со висока стапка на криминал и корупција, а не држава каде не постои независен јавен обвинител или судство, па да ги викавме под тоа име. Но, во услови на режим, докази против власта не постојат! Кој ќе ги признае или процесуира тие докази?! Постои една позната и цинична фраза која вели: „За пријателите, законот се интерпретира, за непријателите, се применува“.

Воедно, во јавноста, зборот на главниот режимлија е далеку посилен и повеќе се јаде од зборот на лидерот на опозицијата. Така, воедно, влегуваш и во игранката на режимот, кој покажа дека и самиот има што да каже за криминалот и корупцијата меѓу одредени опозиционери. Мене ми е јасно дека на опозицијата не ѝ е до судски процес сега, веднаш, и дека овие афери се последниот очајнички обид да се смени исходот на изборите на 27 април, но искрено, колку и овие афери да му нанесат штета на Груевски во иднина, а ќе му нанесат, тоа нема да биде доволно за во недела на избори!

Опозицијата не разбира дека во услови на режим, со фокусирање само на криминалот и корупцијата, самата го зајакнува тој ментален порок или таа културна навика кај Македонецот, дека сите се крадци. Тоа суштински е популизам, да, оправдан во услови на изразит криминал, но неефикасен во состојба на режим. Како и во ноќта на Хегел, така и во нашиот мрак, сите крави се црни. Ете, тоа е еквивалентноста која владее кај Македонецот. По македонското ментално стојалиште: „Крадете сите, значи, сите сте виновни“, се појави режимското: „Краделе сите, значи, ние сме невини“, и конечно доаѓа Заев кој сака да го додаде релативно точното, но воедно и најнеубедливото: „Крадел само Груевски, и само тој е виновен“!

Се разбира дека реалноста е далеку покомплицирана од кој било од овие стереотипи. Покрај криминално-коруптивните логики на режимот, економски затворениот систем, колаборационизмот на бизнисмените, клиентелизмот на општеството, културата на неодговорност, ние живееме eднo општо, сеприсутно, вертикално и хоризонтално моралнo пропаѓање. Додека пактот помеѓу власта и нејзините олигарси е експлицитен, двонасочен и е диктиран од хегемонијата на режимската фамилија, пактот помеѓу власта и народот е имплицитен, премолчан, но ништо помалку ефикасен и ефективен.

Докажувањето дека режимот е бандитски е едно такво измислување топла вода, укажување на нешто толку банално и општоприфатено, па навистина, не го гледам ефектот од истото. Доброто кај Заев е што барем се обидува нешто да каже, но не знам што се случува со поубавата половина од лидерското дуо, некако ја снема од аферашкиот бомбардер. Впрочем, таа и прва најави бомбардирање, но изгледа додека Заев бомбардира, а Шеќеринска си го отвори падобранот?!

Како и да е, сега сакаме Груевски да го прогласиме за најголемиот бандит и така - да го поразиме?! Премногу глупав пристап за средина и народ кој веќе знае за криминалите на власта, како и за криминалите на нивните братучеди, бизнисмени, директори и апаратчици и, за жал, притоа е крајно помирен со таквата реалност. Не разбираме дека една од најголемите несреќи на Македонецот е што тој историски е помирен со економската мизерија и сиромаштија, како и со апашлакот на властите и нивното неодговарање за тој бандитизам. Од таа несреќа потоа се израѓа и мојот заклучок дека Македонецот никогаш нема да се дигне или да се побуни од економски или социјални побуди, и второ, дека режим на избори нема да ти дозволи да го победиш, па колку и тој да бил криминален или перцепиран каков таков.

Тоа што особено ме иритира, е што ја имаме таа дополнителна констатна која повеќето како да ја негираат, дека сме под режим каде сите столбови на власта, а и не само на власта, се под контролата на една партија. Реакцијата на режимот е толку самоуверена пред овие напади и обвиненија, што дури преку првата полицајка реплицираат во еден помалку комичен дух: „Запрашајте се дали целиот овој легализам што го фурате, е всушност легален?! И ве носиме на суд за клевета, па таму докажувајте ги аудиоснимките“! Или, пак, со медиумската доминација која ја уживаат, успеваат јавната етика да ја трансформираат во празно морализирање, каде се разбира, морализаторот, продавачот на вредности и принципи, е токму самиот режим. „Видете го Заев кој само плука по власта и се служи со негативни кампањи, и споредете го со нас, кои шириме позитивна енергија, сложност и нудиме реални проекти и дела“. Не сакам ни да помислам каква ќе биде нивната реакција во борбата против криминалот и корупцијата по 28 април. Можеби тогаш некои ќе се потсетат дека не постојат народни борби против криминал, туку само борби за слобода.

Ќе наведам два многу сродни примери од регионот во услови на авторитарен и недемократски режим, кој притоа се однесува крајно криминално, што конечно е природна последица на еден режим. Во Хрватска владеењето на Туѓман беше своевиден режим, кој покрај одредени неслободи, значеше и крајно разграбување и присвојување на народното богатство од страна на режимските тајкуни. Кажете ми - дали режимот на Туѓман заврши поради криминалите на Туѓман и на неговите тајкуни?! Не, заврши прво поради среќната околност што наводниот татко на нацијата природно почина и што потоа останатата политичка олигархија на ХДЗ го задржа само криминалот, но ја изгуби режимската компонента. Настрана кратката и недоволна транзиција на Рачан, по само 4 години се врати ХДЗ со криминалните пракси кои кулминираа во ликот и делото на Санадер. Но, Хрватска на Санадер, колку и да беше корумпирана и криминогена, таа не беше недемократска власт, а камо ли речиси тоталитарен режим. И во тие услови, по 7 години крадење, но и на евроинтеграциски напредок, градење и инвестирање во демократските процеси, се создадоа услови за Санадер да падне поради криминалот. Ја разбирате ли разликата?! Хрватите прво го надминаа режимот, лажливо си го оправдаа како резултат на српската агресија и на југословенскиот конфликт, но си го надминаа. Туѓмановото владеење и без тоа ќе беше режимско. Но, дури по тоа, дури по падот на режимот, беа во ситуација и имаа услови да се занимаваат со криминалната власт, корумпираното општество и со клиентелистичките структури и тајкуни.

Треба ли воопшто да објаснувам до кој степен режимската компонента беше подраматична во една Србија на Милошевиќ од Хрватска на Туѓман? И во Србија, како последица на режимот, се случи невидена кражба на јавното и државно богатство, па дури и на приватното. И, дали, можеби, криминалот и корупцијата под Милошевиќ беа причината и поводот за неговиот пад? Се разбира дека не беа, затоа што тоа им беше на сите јасно, но луѓето, наивните луѓе се бореа, за нешто далеку поголемо и повредно, за својата слобода и достоинство. Дури откако падна режимот на Милошевиќ, настапија криминогени и корумпирани власти, кои се откажаа од желбата за апсолутна власт, кои тргнаа кон демократска обнова и парцијално се соочија со одредени криминални структури. Србите до ден денес се уште расчистуваат со криминалните структури од ерата на Слобо. Сепак, Србите малку поискрено, но тоа е поради евидентната објективност за суровоста и тоталитарноста на нивниот внатрешен и надворешен режим, се помирија со режимот, кога стана јасно дека е погребана големосрпската идеја. Но, се помирија, си најдоа оправдување, се опаметија, и повеќе не се режим, иако е недискутабилно дека се општество со висока стапка на криминал и корупција. И само откако престанаа да постојат како режим, почнаа да се соочуваат со тие наследени, стекнати или новонастанати криминално-коруптивни навики.

Ја гледате ли поврзаноста со Македонија?! Македонија, како и Хрватска и Србија, и порано имала криминал и корупција, се разбира во далеку помали размери, но разликата е што Македонија подоцна или последна станува режим! И токму поради фактот што Македонија последна станува авторитарен режим, таа и последна ќе расчистува со криминалот и корупцијата, со културата на беззаконие и неказнетост. И тоа ќе се случи само и евентуално тогаш, кога овој режим ќе падне. Не додека трае режимот.

Криминалот и корупцијата се нормални појави и во едно демократско општество и тоа се проблеми кои во демократско општество се решаваат, се разбира, доколку постои политичка волја и силна граѓанска свест. Но, ние живееме во средина каде отсуствуваат елементарните принципи на легалитет и безбедност, на поделба на власта, на еднакви политички права, на слободна информација, па потоа и на слободни и фер избори. Зборуваме за режим кој иако сѐ уште не го достигнал фашистичкото ниво, сепак, е неверојатно блиску. И без анализа на културолошкиот аспект, на идеолошката фикција дека сите треба да станеме вмровци, на ревизијата на нашата историја, чисто гледано од аспект на либерал-демократските предуслови, ние сме еден нов вид режим кој го уништува секој вид слобода, секој вид на либерално-демократска институција, како и јавниот етос на кој тие би требале да се оддржуваат. Овде владее деспотизмот на една тесна олигархија, која успеа својата некултура и морален банкрот да го пренесе на целата нација. Македонија денес е постмодернистичка верзија на феудално општество и „ancient régimе“.

Енигмата за консензусот кој го ужива власта, лежи токму во таа режимска комбинација од културолошко и идентитетско трансформирање, медиумско доминирање, правно и демократско обезличување, и да, и криминално господарење со државата и парите на народот. Значи не е енигма, туку многу е просто. Во Македонија бандитите не се само на власт, туку се и меѓу опозицијата, меѓу народот, па и се дел од самиот народ. Како што спомнав дека олигархијата или фамилијата експлицитно владее со бизнисот, така владее имплицитно и со народот. Тоа е затоа што сета нелегалност која ѝ е дозволена на власта, на нивните бизнисмени и директорчиња, на еден перфиден начин, му е дозволена и на народот. Кај нас се градат најскапи столбови од стиропор во светот, кај нас се најскапи бронзата и мермерот, кај нас километар автопат е најскап на светот, но кај нас и народот за најевтино ќе си го купи дворот, за евтино ќе поткупи службеник, за џабе ќе оди на бања, ќе се вози бесплатно во автобус, ќе добие субвенција за помалку да работи, ќе добие државно вработување. А, еве, сега на некои и ќе им се отпишат долговите.

Да бидеме искрени, македонскиот народ, што преку евтин поткуп или клиентелизам, е дел од коруптивниот систем на режимот, во една шема на привилегии-нелегалност-неказнивост. Одамна тврдам дека ДПМНЕ владее затоа што ја озакони злоупотребата, беззаконието, затоа што мнозинството го вовлече во таа своја шема. Секој може да прави криминал, додека дејствува како филијала на фамилијата, а широките маси се слободни да се снаоѓаат или да уживаат во трошките што им се фрлаат, сѐ додека како размена ја даваат својата послушност и својот глас.

Таа култура на беззаконие и тој принцип на неказнивост на фамилијата станува народен феномен поради премолченото соучесништво на мнозинството граѓани на Македонија. Живееме масовен бандитизам, асиметрично распореден, засилен со демагогијата за лажните соништа и популизмот на лажната национална гордост, сѐ тоа, засилено преку медиумската доминација на власта.

Останува уште еден аспект на енигмата кој од почеток се обидувам да го објаснам. Тоа е несфатливата грешка на опозициското раководство кое преку концентрирање само на криминалот и корупцијата, преку идејата дека Груевски ќе го разобличат како криминалец, мисли дека ќе го добие консензусот од народот. Народот подобро од нив ја разбира пропорцијата на корупцијата и криминалот, нивото на соучесништво, и верувам дека често се срами, но и понатаму останува во валканата игра. Само опозицијата глуми лудило дека тоа не го разбира или пак дека не е дел од истата шема. Е токму ваквиот мазохизам уште долго време ќе нѐ држи неспособни обединето да констатираме кој навистина ни е проблемот, и како да се поставиме кон истиот.

Режимот во Македонија не дојде одеднаш, туку постепено, чекор по чекор, во хомеопатски дози, нѐ трансформираше и нѐ освои. Ние сме режим како резултат на сумата на сите злоупотреби, криминали, неслободи и неправди. И тешко на тој што мисли дека ќе нѐ спаси со вадење на зајакот од шеширот. Треба и ние да создадеме сума од демократски решенија и процеси, за да се одглавиме од оваа ситуација.

Се лажеме ако оставиме на времето, ако чекаме да се уморат, или се надеваме дека катастрофата ќе биде толку голема за сами да си отидат. Деспотот владее додека деспотијата постои. Сѐ додека се одржува како режим, Груевски или неговите прозелити ќе владеат. Во моментот кога ќе падне режимот, сите би требало да завршат во затвор. Токму затоа се толку организирани и се дисциплинирани. Конечно, нашиот проблем е што структуралните или антрополошките трансформации кои ги направи режимот, можат да го надживеат и самиот режим. Што значи, ни треба радикална опозиција, радикална демократија.

Овој народ чека некој да му понуди слобода, да му понуди навистина нови правила и нови луѓе, нови логики и визија кои ќе ја растурат оваа воспоставена шема. Народот е дел од бандитизмот, меѓу другото, затоа што и никаде не гледа промени.

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото