Полубрат

24.04.2014 11:33
Полубрат

Пред неколку година светските новински агенции пренесоа неверојатна вест: во Стејтлервил, гратче во Јужноафриканската република, се појавило чудовиште кое има моќ да се преобразува!

Сè започнало на еден погреб: повеќемина сведоци ѝ пријавиле на полицијата дека со свои очи виделе чудовиште. Еден човек најпрвин носел костум, кошула и кравата. И тогаш, одеднаш, се претворил во свиња! А потоа во лилјак! Тажната поворка брзо се разбегала, оставајќи го мртовецот сам. Многумина врескале и се колнеле во веродостојноста на она што го виделе.

Во почетокот, чудовиштето што ја менува формата се појавувало исклучиво во околината на црквите. Во една пригода верниците го здогледале како ѕирка низ прозорецот и ги гледа луѓето како се молат. Верниците брзо истрчале надвор, за да го фатат, но таму веќе немало никого. Набрзо чудовиштето толку се охрабрило што почнало да шета низ гратчето. Во друга пригода двајца пријатели чекореле по тротоар кога виделе дека им се приближува човек во црно сако и со кравата. Чекор по чекор, и тие сфатиле дека пред нив се наоѓа личност без глава! Само неколку минути подоцна обезглавениот човек се претворил во куче! Не баш пријателски расположено. Еден човек што се обидел да го фотографира чудовиштето додека дремело под дрво, кога ги погледнал фотографиите сфатил дека регистрирал само некое непознато животно.

Заедничко за сите приказни за појавувањето на чудовиштето е дека тоа го менувало обликот тогаш кога некој човек ќе го погледне в очи. Граѓаните на Стејтлервил му дале и име на суштеството. Името било - Полубрат.

Зборот ми е: редно е и ние овде нашето чудовиште конечно да си го погледнеме в очи. Редно е да се соочиме со стварноста. Редно е најпосле, после осум години подмижување и халуцинирање, да го препознаеме овдешниот Полубрат, под маската на костумосаноста, слаткоречивоста и добрите намери.

Оти, нашиот Полубрат не е само збунка за сетилата, потенцијална туристичка атракција или масовна хипноза; нашето чудовиште е невиден штетник. Овдешниот Полубрат како јато скакулци опустошува полиња, како чопор гладни стаорци ги празни амбарите, хара по подруми и фрижидери како здивеано племе бубашваби, а виден е, богами, и како под костумите и чиновничките маски на големо ги пљачка банките и одеднаш пропаѓа во земја. Стотици рекламни агенции се обидуваат да го насликаат фотороботот на нашиот Полубрат, а народот низ стотици споменици се обидува во бронза и мермер да ја овековечи нестварната преобразувачка природа на локалното чудовиште. Залудно. Понекој залутан странец вели дека не можеме да го снимиме и во камен да го овековечиме Полубратот - оти тој е ние. Стварно не знаете кој ги опустошува нивите, амбарите и банките?!, реторички прашуваат залутаните странци и нè оставаат да си кршиме глава пред формите на Големиот брат, пардон Полубрат.

И Јован Јовановиќ Змај, еднаш, одамна, како да го опишал/навестил нашиот Полубрат...

 

Кој си ти

Во светот и нашето маало
таква беда досега немало:
не е поголем од стаорец,
со брада на дервиш-итрец -
     Кој си ти?

Зошто ѕвераш толку круто?
Што ме гледаш толку луто?
Кој ти даде толкав нос?
Само за да зрачи пркос.
     Кој си ти?

Не се мрда, мирно стои,
како стравот да го крои,
раката се стега в удар
вражар ли е, мурдар -
     Кој си ти?

Тагува, гладува, врагува?
Од кутијата не излегува.
Бегај! - Или јас ќе побегнам!
Само тоа кажи џанам -
     Кој си ти?

Дал си кепец, ил си џин?
Дал си мртов, ил си жив?
На челото зло ти читам,
Ма слушаш ли, прашувам:
     Кој си ти?

Слики: Свирачиња
Сроден текст