Хуман старец од Кисела Вода згрижил 200 фантомски гласачи во својот дом

24.04.2014 12:45
Хуман старец од Кисела Вода згрижил 200 фантомски гласачи во својот дом

Скопје, 24 април 2014

Хуманоста нема граници. Доказ дека ова не е празна максима е Добринчо Добродушев од Кисела Вода. Приказната за овој човек сигурно ќе ве растажи, но и ќе ви го исполни срцето.

Иако овој овој 75-годишен пензионер мака мачи да врзе крај со крај, со својата скромна пензиичка, сепак успева во своето трошно еднособно станче да згрижи уште двесте лица. Станува збор за фантомски гласачи кои никој друг не сакал да ги прибере и да им даде каква-таква шанса за пристоен живот.

„Сѐ почна во 2011 година, кога ги згрижив првите дваесет лица. Им реков: мојот дом е и ваш дом. Им дадов покрив над главата. Живеам во сиромаштија, но си реков, колку имам толку, сѐ ќе делам со овие луѓе. Потоа, во 2013 згрижив уште 50 лица. Главно повозрасни, некои дури и одамна починати. Но, јас не ги делам луѓето на стари и млади, црни и бели, живи и починати. Сите се за мене луѓе. Од пред еден месец, домот го делам со вкупно 200 лица. Никогаш не сум ги пребројал, зашто не ми е важно колку се, битно е и да им е убаво кај мене, а и мене да не ми е здодевно во староста. Никогаш не сум гласал, но не се грижам поради тоа. Моите гости ми велат, чичко Добринчо, не бери гајле, ние ќе гласаме за тебе. Во сѐ ми помагаат“, раскажува старецот-хуманист од населбата Кисела Вода.

За оваа трогателна приказна, поради скромноста на чичко Добринчо, веројатно никогаш немаше да дознаеме да не беше невладината организација „Цивил“, која апелираше за помош и акција од надлежните.

Извор: www.kozanostra.net