За нокаутот и трите „У“

30.04.2014 13:23
За нокаутот и трите „У“

Голем дел од животот поминав по асфалтите на скопските спортски терени. Знам што е спортска етика, знам што е ферплеј, и на терен и во теорија. Токму и заради таа своја исклучително важна етичка димензија спортот ми е мошне интересен, не само како игра, туку и како светоглед и филозофија.

И затоа немам никакви дилеми кога тврдам: Никола Груевски е токму на спротивната страна на спортот сфатен како ферплеј! Дури би рекол: во земјава нема поголем антиспортист - во најважната, морална смисла - од Никола Груевски. Водачот на ДПМНЕ не е натпреварувач туку тепач. Водачот на ДПМНЕ не е некој што ја почитува спортската светост - правилата, туку тој правилата си ги прилагодува себеси, како секој брутален маалски хулиган.

Затоа боксерските метафори на Груевски се несоодветни и депласирани. Неговата приказна за „нокаутот“ е само уште едно од неговите безбројни бладања од зоната на самракот (колку што се разбира во архитектура и уметност, толку се разбира и во спорт - помалку отколку магаре во музика).

Што значи: Груевски може да нокаутира некого само ако дотичниот за рацете е држен од двајца бабачковци-телохранители, а цеваниците долу му се фатени во челустите на најмалку два питбула (плус целата сцена на злосторот мора да ја заштитува дискретна полициска екипа). Само во таква констелација - при такви правила - Груевски може да нокаутира некого.

(Угадат, угодит, уцелет /погаѓање, угодување, преживување/ - во тие три „У“ се содржел целиот кодекс на однесување на сите луѓе распоредени околу Сталин. На Сталин првенствено морале да му угаѓаат, да му ги погодуваат вкусот, хирот, расположението, наумот, со единствена цел - преживување. Во Централниот комитет, на пример, Сталин имал своја група, „дрекавци“, кои се јавувале секогаш кога некој се обидувал да го критикува водачот. Тогаш настапувала групата и со своите упаѓања и дофрлања му оневозможувале на говорникот да ја изнесе критиката. Токму тој модел, „Три У“, пренесен е во бедна Македонија осумдесет години после сталинизмот и фашизмот.)

А дека нокаутира нашиов Боксер - Малиот-Големиот, Златниот-Црниот - факт: нокаутира. Еве осум години шета, небаре Тајсон, од нокаут до нокаут. Неговите маалски придружници досега избројале девет тешки нокаути во низа. Без пораз. Нашиов железен борец - не губи. Расте митот за Боксерот со своите питбули и своите железа скриени во ракавиците. Нефер?! Кому е гајле! Битно е претендентите да се спружени низ сокаците и буништата на темниот вилает. Се брои - патосирањето. Во оваа игра - правила нема. Правилата се на оној што тепа. И не само тоа: само Груевски во земјава има право да тепа, зашто има „монопол за користење сила“. Државата е тој монопол, оти „државата е пред сè“. (Некни, на „победничката вечер“ на ДПМНЕ, го броев спомнувањето на зборот „Македонија“ во триминутниот говор на Ѓорге Иванов. Во 180 секунди „Македонија беше спомната 24 пати! На секои осум секунди по еднаш! Просто да ти се згади од зборот!) Оти, само државата - претворена во бандитски посед, таа исклучиво нивна, национализирана и приватизирана „Македонија“ - овде е единствениот извор на моќ. И само таа може да тепа. Всушност, може да тепа само Фамилијата, овластена од самата себе, од својата приватна држава, олицетворена во најнеспортскиот Боксер од сите борци што во поново време се натпреварувале на просторов.

Да се вратам на основната тема: за вистински „спортсмен“, за кој било човек со минимум чувство за праведен натпревар, клучно е условите на натпреварувањето да бидат подеднакви за противниците. Дури и најмалите неправилности, малите привилегии и малите хендикепи, фрлаат големи сенки на завршниот резултат.

Така што, „победите“ на груевизмот, за оние луѓе кои имаат чувство за ферплеј, повеќе наликуваат на бурлеска отколку на праведна борба. При гладијаторските борби во Рим робовите имале поголеми шанси за победа и имале пофер контекст за натпревар - отколку што груевизмот тоа го овозможува за своите противници. Затоа, се разбира, е сосема бесмислено да се почитуваат и честитаат лажните победи на една силеџиска банда.*

Ќе завршам со една весела слика од времето на Сталин револуционерот, како завршна илустрација за тоа колку беа исполнети предусловите да се одржат демократски избори во Македонија летото 2014 под чумата наречена груевизам. Во својот роман „Јан Непомупки“ Јара Рибникар опишува како, среде градот Саратов на Волга, во револуционерното време на црвената коњица, во ледено студена сала, полусмрзнатата и гладна публика очекувала почеток на пијанистички концерт, комплет со репертоар на револуционерни и други мелодии. Осамениот клавир неподвижно и долго на студената сцена го чекал својот пијанист. И тогаш, како од некој друг филм, на сцената се појавил млад, заруменет црвеноармеец со две вреќи од коишто ги истресол белите и црните, извадените клавиши од клавирот. Уште и додал, смеејќи се: „И ова припаѓа овде“.

Без клавиши тешко дека во Македонија наскоро ќе засвири клавирот.

* Еве извадок од вчерашен текст на еден млад човек, како мала илустрација каде и во каква атмосфера живееме:

„Мојата совест сведочи за стравот пред секое објавување на нова колумна, а со зголемувањето на прегледите на Слободен простор тој страв се движи правопропорционално со нив. Сведочи и мојот глас, кој толку пати се изгубил и ме изневерил во директна дебата со противници. На крајот, сведоци се и моиве раце две, кои се тресат додека ги притискам копчињата на тастатурата.

Го имам и секојдневниот притисок од блиските. Ми велат да престанам за да не го оберам бостанот и на крајот пак сам да останам. И поблизок и подалечен и пријател и познаник и владин и опозиционер истото ми го велат – да запрам и да си го соберам долгиот јазик оти со оваа власт нема играње.

Ова што ви кажува? Така е. Многу јасно. Сите тие што ми зборуваат за мое добро се плашат. Се плашат повеќе од мене и стравот не можат да го скријат.

Сигурно се сеќавате на петтиот дел од филмот Роки со Силвестер Сталоне, кога непосредно пред борбата со противникот му вели на својот син дека стравот го одржува и дека благодарение на него тој ќе има подобар резултат во рингот.

Јас не сум Роки, јас сум Сотир Габелоски, Влав со место на живеење во Крушево и го поседувам и негувам својот страв.“

Фтографиите се од филмот Funny Games (1997) на Michael Haneke

 

Слични содржини

Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото