Честит Први мај!

01.05.2014 11:43
Честит Први мај!

Честит Први мај!

Едно мало моме
по улици кружи,
в раце носи китки
со црвени ружи.

Па го кити секој
со црвена ружа,
потоа за поздрав
и раче му пружа:

-Чичко, ај честит
овој убав мај,
радост нека блика
в сиов роден крај.

Пред семафор

Кога сум пред семафор,
застанувам, стојам,
чекам да се запали
зелената боја.

Ама пак погледнувам
право, лево, десно,
зашто минувањето
не е така лесно.

И на другарчињата
негде што гладуваат
дајте им слободица
за да се радуваат.


Чук-чук

Клукајдрвец чука
на кора од бука:
-Чук-чук,
клук-клук!

Митре вели -
столар ќе е,
а јас велам -
не е, не е!

Тој си чука
в пролет, зима,
оти тука
црвци има!


Шумски закон

Во една шумичка
на грбав брест
ти објавил Медо
и ваква вест:

-Од денес да знаете
кој в кражба се фати
најсрамно пред сите
со глава ќе плати!

Живот тих, пријателски,
започнал да тече,
сите ѕверки мислеле
мирот ќе е вечен!

Но еднаш од улиште
бил украден мед.
Крадец била мечката
што барала ред!


Северко

Свирнал Северко лош,
пресекол како со нож,
Северко лош,
Северко лош!

Каде зашол,
чуда нашол:
и мечки нескриени
и палта нешиени
и полжај неслепени
и шалој несплетени
и штурци без зимница
и зајаци без скривница
и Митревци, Анки
без скии и санки.

Зашто свирнал
одненадеж
Северко лош,
Северко лош!

Слики: Свирачиња

Васил Куноски (1916-1993) е најпознатиот (веројатно и најдобриот) македонски писател за деца. Автор е на поголем број книги: Волшебното ливче (поема, 1951), Гатанки и прашанки, во коавторство со Ванчо Николески (1951), Белиот гостин (поема, 1952), Песни (1953), Каде е клучето (загатки, 1955), Вредна рака црта вака (сликовница во стихови, 1956), Ѓерданче (1956), Зајче безопавче (1957), Претпразнични вечери (1960), Страшно, пострашно и најстрашно, (1963), Ха-ха-ха и две-три ах (1964), Светулки над треви (1964), Тошо, Снешка и 101 смешка (хумористични песни, 1970), Згоди и незгоди (1972), Избор (1973), Оро весело (поезија за предучилишна возраст, 1979), Избор (1980), Оро широко (поезија за предучилишна возраст, 1984), Птици над рудини (1985), Избрани дела I-II (1987)...

ОкоБоли главаВицФото