Почина Тимоти Џон Бајфорд, режисерот кој го одбележа детството на многумина

05.05.2014 16:22
Почина Тимоти Џон Бајфорд, режисерот кој го одбележа детството на многумина

На 73-годишна возраст почина режисерот Тимоти Џон Бајфорд, познат како автор на култните детски серии „Неделен забавник“ „Невен“, „Полетарац“ „По трагите на птицата Додо“, „Бабино внуче“, „Метла без дршка“...

Бајфорд е роден на југот на Англија 1941 година. Доаѓа во Југославија во 1972 година како млад режисер со екипата на Би Би Си за да направи детска емисија во копродукција со Телевизија Белград, и останува да живее таму.

Неговата серија „Неделен забавник“ на која беше режисер и еден од сценаристите е снимена во продукција на ТВ Сараево.

Бајфорд во последните години се бореше со тешка болест.

„Ако повремено чуете вресок од Звездара, можно е тоа да сум јас, бидејќи зависам од одреден лек против болка кој повеќе го нема во аптеките. Знам дека не сум сам, но би сакал да чујам за некој политичар што останал без лекот од кој зависи“, напиша пред една година на својот фејсбук профил.

Минатата година Бајфорд конечно доби и национална пензија од Србија, чија култура толку ја задолжи.

Со ракот се бореше во последните девет години од животот. Во почетокот одеше на хемотерапија, а подоцна зависеше од лековите кои содржат морфиум неопходен за пациентите со силни болки.

„Почнав со 25 микрограми на час пред три-четири години, а сега ми се потребни сто микрограми. Една кутија од тој лек може да ми трае 15 дена, значи потребни ми се две месечно. До сега лековите ги набавував на рецепт во аптека и можеа да се најдат. Меѓутоа, сега настана оскудица, како што ни е објаснето, поради некој закон кој се чека. За овие осум години, колку што сум болен, ракот ми беше најмал проблем. Многу поголем проблем е бирократијата, нивното постојано инсистирање да се донесат некакви хартии, па закони, докази... Често знам да кажам - нема да умрам од рак туку од бирократија“, велеше Бајфорд во април 2013.

 

Извор: radiosarajevo.ba