Ветар во магла

10.05.2014 14:35
Ветар во магла

КАКО 'РЃОСУВА 'РЃАТА

'Рѓата дојде од - не знам каде:
со снегот или со дождот слезе,
низ клучалка, низ оџак се вдаде
и оголсама дома ни влезе.

И започна низ куќа да лази
и со воздишката да нè плаши
и почна да гризе и да гази,
да одвинтува, да крцка, да праши,
да се провира, да душка, да зоди
и почна да се шири ко вода
(и во мракот со мрак да си свети)
и сешто на патот што ќе срети
со голата душа да го глоди...

Оти 'рѓата, 'рѓа за да биде,
погладна е и од секој гладен,
но кога изеде сè што виде
и кога немаше - како и каде,
почна и од својата 'рѓа да јаде.

и почна да се аби, да слаби
и - 'рѓата - 'рѓоса од своите заби.

ВЕТАР ВО МАГЛА

Сонцето на врвот од ридот се скина,
лелекот негов над глава ни помина...
Крушата без круши има болки гласни
и светулките јасни - чкрапни угасни -
веќе немаат огнило и оган за нас
оти застуде и сè ветер во магла стана.

Годината се погоди пак како лани
и секаде стави дежурни органи...
Плугот, како полжав, си остана в нива
со кртот и жабата да се успива...
Денот ни доцни со посветлата страна
оти застуде и сè ветар во магла стана.

И дождот, затекнат во маглата густа,
остана зачуден и со прстот в уста
и веќе не може, ко другпат што можел
да излезе од својата гола кожа...
Коњите и враните од патот свој странат
оти застуде и сè ветар во магла стана.

И гравот во грнето скока од боли
- водата ја моли да не го пресоли -
па се мири, ко во штркот што се мират
Северот и Југот со прст што си свират.
Полето на полјакот му г' опасе слана
и неговата радост ветар во магла стана.

КОЈ ЗНАЕ КАКО И КОГА

Еднаш - кој знае како и кога
сонцето си шина една нога,
се препна и, сред поле, со пискот,
падна лошо и премногу ниско.

Се искваси, му угасна жарот
и ние мигум: младо и старо
од сите села - кој знае како -
се најдовме сами среде мракот.

И, по години, векови векот,
ја дознавме болеста и лекот:
потемница го најдовме него,
оголголо заспано на снегот.

Па в кола го однесовме дома,
ко насланет и помодрен домат
и го греевме на сите места
додека не му се врати свеста.

Ама тогаш тоа нешто дозна,
нешто свое во оганот позна,
си го зеде и - кој знае како -
одново го израстури мракот...

Потем кој знае по какви скали,
на небо се качи пак да се фали
и ќе се фали дур да се сети
дека со нашиот оган свети.

СЛОБОДА БЕЗ ЖРТВИ МИНАТО БЕЗ МРТВИ

Кога говедата наши
би оделе в школо,
којзнае како би седеле
зад клупите, на столот?...

Којзнае што би рекле
за грашокот и гравот
и дали нешто би знаеле
за омразата и стравот?...

Дали врбата сè уште
грозје ќе им раѓа
и дали само по потреба
дождот ќе им паѓа?...

Којзнае дали би краделе
моливи и разни гуми
или тие само умно
би се служеле со умот?...

Дали би пишувале надолу
или надесно од рогот,
би имале ли краснопис,
би го делеле ли слогот?...

Што би знаеле повеќе:
да делат ил да множат
и дали би се срамеле
од својата гола кожа?...

Би дознале ли како лесно
и тешкото се крева
или тие и натаму
би паселе шума, трева?...

Дали и нивната слобода
ќе им бара жртви
или ќе се со иднина
без минато и без мртви?...

Би имале ли незнаен јунак
или сè ќе им е знајно
и дали од детството свое
би имале нешто позначајно?...

(од збирката за деца Шарам барам)

Слики: Stasys Eidrigevicius

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото