Драгстор

12.05.2014 11:17
Драгстор

Има ли во Скопје драгстор? Ова прашање, кое неодамна ми го поставија, искрено ме фати во незнаење. Не знам дали во Скопје има драгстор. И ако има (во „Златната книга“, на пример, наредени се неколку драгстори), тоа сигурно не е оној класичен драгстор што го помниме од некои поинакви времиња, туку некаква бакалница, која од некои причини добила дозвола да работи во работното време на македонската влада.

А прашањето на драгсторите воопшто не е наивно и невино, како што се чини на прв поглед. Првиот драгстор во Скопје е отворен со отворањето на Градскиот трговски центар. Поточно, отворени се два – еден (сега веќе култен за повозрасните скопјани) на приземјето на Трговскиот центар, а вториот во подрумот. Нивната појава, таму некаде во 70-тите години на минатиот век, претставуваше сигурен сигнал дека со социјализмот, односно со комунистичката идеологија нешто не е во ред.

Имено, социјалистичките земји живееја во своевиден нежен полициски час. Дуќаните затвораа во 20 часот, кафеаните работеа максимум до 22, телевизиската програма до 23 и потоа сѐ паѓаше во заслужен сон. Ноќта, едноставно, беше наменета за одмор на Работниот човек. Во неа можеше да ровари само Непријателот кој никогаш не спие. Добро, работеа некакви ноќни барови и некои ќумези кај Железничката станица (дури и диско-клубовите затвораа околу 23 часот), но тоа беа места каде што лесно можеа да се надгледуваат Елементите. Од друга страна, да се прави таква вообичаена дневна работа, како што е купување крекери и млеко во 2.35 после полноќ – тоа веќе делуваше девијантно и беше дозволено да се види само во американските декадентни филмови.

Драгсторот, значи, ја урива онаа анимална поделба меѓу денот и ноќта и создава мизансцена на град што живее 24 часа дневно. Овозможува чувство на слобода и на моќ, бидејќи можноста да го распоредите сопственото време по сопствена волја, всушност, е највисокиот степен на слободата. Велат дека ако постои само еден човек што сака да врисне, тогаш демократијата треба да обезбеди простор тој човек да може да врисне. Во таа смисла, ако постои само еден човек што сака да купи пиво, на пример, во глуво доба, тогаш градот треба да му обезбеди простор тоа и да го направи. Онаму каде што се затвораат кафеаните и продавниците со декрет и со директива, а тоа е белким познато, таму на ист начин се затвораат и луѓето.

И, ете, социјализмот падна, а „драгсторската контрареволуција“ го најави раздвижувањето на градот. Веќе во времето на тогашниот југословенски премиер Анте Марковиќ, кое денес се прераскажува како своевидна урбана утописка бајка, еден куп дуќани и дуќанчиња ги тргнаа своите влезни врати како технолошки вишок и прогласија „отворено општество“. Ноќниот живот процвета, создавајќи една неповторлива урбана сцена и правејќи илузија дека и Скопје може да биде дел од светот. Но, ете... Влеговме во новото време, мислејќи дека влегуваме во плурализам, а всушност зачекоривме во една нова монолитност. Се разбира, онаа антемарковиќевска клика (да се послужиме со вокабуларот од тоа време) одамна е растерана од градското милје. Полицискиот час е повторно воведен, бидејќи Новиот Македонец мора ноќе да одмора, да биде подготвен за Преродбата што е во тек и евентуално да го проширува своето семејство.

И – драгсторите исчезнаа!

Со еден збор, умно беше сфатено дека драгсторот е субверзивна институција. Преку неа не се добива општествено послушна единка, туку напротив, таа ја негува политиката на „отворени порти“, на солидарност, емпатичност и пред сѐ го негува слободарскиот дух. Појавата на драгсторот е знак на ентузијазам, на нови времиња, додека, следствено, неговото затворање, или, подобро кажано, оневозможување да работи е знак за појава на репресивност, на желба да се уредуваат не работите (или, во случајов, градот), туку луѓето, граѓаните.

Инаку, патем речено, не успеав да разберам зошто драгсторот се вика токму така. Зборот е очигледно англиски (поточно американски) и во речниците стои дека drug-store е продавница во која се продаваат лекови, козметика, печат, лесна храна и безалкохолни пијалаци. Со други зборови, Американците го употребуваат овој термин за аптека. Прелистав неколку енциклопедии и неколку од оние дебели книги што имаат претензии за универзално знаење, сѐ со цел да научам некој податок околу историјата на драгсторот, на пример, кој, кога и каде отворил прв „all night shopping“. Се разбира, нема ни буква. Ама затоа научив сѐ за Иван Грозни. Според овдешното сфаќање на енциклопедизмот, секојдневните поими се небитни. Битна е „големата историја“, која, како што знаеме, најчесто е создадена од масовни убијци. Но, „научната непризнаеност“ на драгсторот не го побива фактот дека тој постои. Станува, значи, збор за мал, но неверојатно значаен придонес кон задоволството од урбаното живеење. Неговото означување дека градот пулсира 24 часа дневно е доволен факт за одредување на важноста на драгсторот. А град што пулсира 24 часа е сложен организам што бара внимание, љубов и одржување. За да ви биде убаво во него.

Скопје, за жал, не е (повеќе) тој организам. И сега кога ја ставам точката на овој текст, со жалење морам да констатирам дека не можам да излезам на една ноќна прошетка. И да си купам крекери и пиво.

ОкоБоли главаВицФото