Воени профитери

13.05.2014 10:47
Воени профитери

Одеса. Десетици луѓе се во пламен, се гушат, скокаат низ прозорец. Западните медиуми ги нарекуваат „проруски сили“. Надвор аплаудираат нивните противници. Луѓето кои ги фрлиле запаливите бомби се Украинци. „Скокнете, ќе ве спаси Путин“, се слушаа повици. Неодамна граѓаните на Украина ги славевме како херои на слободата. Изгледа дека се излажавме.

Во Украина постојат завојувани страни, а не поддржувачи на демократијата и деспотијата. Станува збор за моќ и борба за територија, а не за слобода. Дали прозападните пиромани ни се подраги од проруските тепачи?

Ангела Меркел деновиве го угости Петр Порошенко. Овој милијардер, кој се занимава со производство на чоколада, бродови и медиуми, е најверојатен кандидат на претстојните претседателски избори во Украина. Беше во владата и кај Јулија Тимошенко и кај Виктор Јанукович, како министер за надворешни работи и економија. Тоа му оди во прилог кај Ангела Меркел - канцеларката е слаба на прагматични луѓе.

Зошто се мешаме во внатрешната политика на оваа поделена земја? Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер не даде одговор на ова прашање во својот промислен текст во Frankfurter Allgemeine Zeiutng. Предупреди на динамиката на судирот кој самиот генерира виновници и жртви на двете страни, но премолчи дека Западот одамна е една од страните во овој судир.

Русите, Американците и Европејците повторно учествуваат во украинската „голема игра“ - отворен судир за сфери на влијание. Прашањето на демократијата е оттурнато настрана, а интересите на граѓаните се на последно место. И тоа е основната особина на империјалната политика, била таа западна или источна.

Желбата на мајданските демонстранти конечно да се ослободат од корумпираниот режим, противречните соништа за Русија на младите луѓе во Доњецк и Луганск - сето тоа повеќе не е важно. Ако во овој регион се борите за мир, набрзо сфаќате дека војната има премногу поддржувачи.

War! What is it good for? Absolutely nothing! Од војната нема корист, пееше некогаш Едвин Стар. Погреши. Има многу кои профитираат од неа. Во Украина тој ред е подолг: на прво место стои Владимир Путин гонет од надворешната и внатрешната политика, зад него е десничарската опозиција од САД која својот претседател го нарекува слабак и го турка во судир, па генералниот секретар на НАТО додека ужива во својата новооткриена важност, а по него доаѓаат источноевропските земји за кои военото присуство на Западот значи повеќе девизи.

Во украинскиот судир учествуваат две воинствени страни слепи за сопствените жртви и поддржани од надворешни сили. Оваа земја набрзо би можела да се претвори во бојно поле и тогаш би се остварило мрачното пророштво на Стајнмаер: „Лудилото започна.“

Извор: Spiegel

ОкоБоли главаВицФото