Ненад Јолдески е добитник на наградата Новите за 2009

25.12.2009 15:37
korica_kniga.jpg

Од 17-те пристигнати ракописи збирката раскази на Ненад Јолдески се издвои со своите литературни квалитети. Освен што жирито смета дека овој ракопис беше најквалитетен во однос на понудените, исто така сметаме дека збирката раскази на Јолдески е значителна и интригантна појава и надвор од конкретниот конкурс, во контекст на целата македонска проза.

Сметаме, значи, дека Ненад Јолдески не е само вистинско откритие на овогодинешниот конкурс туку дека неговото прво печатено појавување е важен настан и за македонската книжевност. Неговата проза е мошне свежа и духовита и навистина убедливо зборува за појавувањето на исклучително талентиран млад писател.

Најинтересното кај Јолдески е што во неговите раскази совршено се преплетуваат традиционалното и, би рекле дури, хипермодерното. Мекиот, речиси „битов“ реализам се вкрстува со некои мошне современи „постмодерни“ книжевни постапки (интересни се, на пример, реферирањата на важните претходници: Чачански, Крле, Константин Миладинов, Чехов...).

Расказите најчесто се минималистички сведени. Авторот ја поседува дарбата текстот да го прочисти од сето она што би го оптоварувало, па затоа не се соочуваме со претерувања и застранувања од она што е главен тек на приказната. Иако некои од расказите на прв поглед делуваат адегдотално, функционалноста на раскажување и хуморот ги ослободуваат од можната баналност. Јолдески има одлично чувство за заокруженост и целовитост на приказната, без разлика на нејзината должина или тема.

Ненад Јолдески е автор кој сосема опуштено, би можеле да речеме во кроки манир, ни ја скицира реалноста што нè опкружува, при што во неговите раскази поминуваат многубројни необични, гротескни, но истовремено и за нашиот контекст препознатливи ликови. Сите тие се портретирани во стилот на добродушен хуморист кој се насмевнува на човечките слабости и откачености со хумана и емпатична насмевка.

На ниво на јазикот, исто така, дијалектот, сленгот и литературниот македонски се ставени во мошне суптилни созвучја. При сета таа стилска слоевитост крајниот резултат не изгледа вештачки и исфорсирано туку совршено складно: книжевните алузии се ставени во функција на непретенциозните и мошне духовити драмски ситуации од секојдневниот живот, што придонесува питките раскази (без ронка баналност!, што е ретка вештина) на Јолдески да течат со леснотија и да се читаат со пријатна топлина околу срцето.

Уште еднаш честитајќи му ја наградата на авторот, им се заблагодаруваме и на сите други учесници на овогодинешниот конкурс кои заедно со наградениот автор придонесоа да имаме квалитетен конкурс.

Благодарност упатуваме и кон генералниот спонзор на наградата „Новите“ - „Комерцијална банка, А.Д. Скопје”, која традиционално, веќе четврта година по ред го поддржува доделувањето на наградата.

Честитки!!!!

Честитки!!!!

Честитки! Време беше да се

Честитки! Време беше да се укоричиш. Сега останува да те малтретирам да ги издадеш и другите пишуванки :)

Za Ivan- da se koricis i ti,

Za Ivan- da se koricis i ti, nemoj mnogu -mnogu :)
Ic da ne znae covek koj e podobar od vas dvajcata :)
Cekame i na Ivan :)

Честитки за авоторот. Е од

Честитки за авоторот.
Е од кај може да се набави сеа? Од точка?
м? 

Книгата на Јолдески до крајот

Книгата на Јолдески до крајот на декември може да се најде во Точка по поволна цена од 150 денари (во склоп на акцијата со 30% предновогодишен попуст).