Грлати поглавици, маалски кукавици!

21.05.2014 07:45
Грлати поглавици, маалски кукавици!

Дајте ми 62 да го победам Ахмети, дајте ми, дајте ми, дајте ми… Дајте ми 25 за да ве направам горди, консенсуални и свои на своето…

Во деновите на изборната кампања крекаа од секој град и село Античкиот Вожд и Племенскиот Команданти. И изборите завршија горе-долу, така како што БАРАА де, да не речам спакуваа ЕФИКАСНО за нив, се разбира.

Зарипнаа и двајцата од, да ми простат, урликање, за да не останат сами во, сѐ ми се чини последната секвенца од мрачниот филм на пеколната коалиција, Грујо-Али, која ете јас мислам дека ќе биде КОБНА за Македонија.

Завршија изборите и види чудо, нема тепачки по училиштата меѓу Македонци и Албанци. Стивнаа и крвавите пресметки во автобусите на ЈСП. Има ли сега некој дилема дека се тие спонтани и немаат врска со политичарите, поточно власта, иако се предигра на секои избори – локални, претседателски или парламентарни. Боксерот реди нокаути, команданти историски победи.

А граѓаните, што добиваат тие од сите нивни кобајаги БИТКИ… Да,ќе заборавев. Има и што добиле или ќе добијат, оние де, лепачите на плакати и нововработените кои за клатење врата ќе земаат плата од нашите пари, ама ќе бидат послушници на Фалангата или на Балистите, кој на кое племе му припаѓа.

Да, да, драги мои, сакале да признаеме или не, сите ние сме во КАШАТА која со години ја мешаат ГРУЈО и АЛИ за да си го билдаат рејтингот, да ја имаат власта, да си крадат, пардон да си ги делат нашите пари за нивните ќефови. А колку се храбри и колку зборот им тежи, чинам не треба да се навраќаме низ годините. Еве ви го Ѓорче. Класичен пример како од едно трагично убиство со криминален бекграунд за секунда сме на работ на меѓуетничка војна. Многу адреналин, многу гнев, многу поделби…

И сега јавно да ги прашаме овој нашиов уфилман Никола велики и оној нивниот команданти Али, сите заеднички без разлика на вера и нација: КАЈ СТЕ БЕ ФРАЕРИ ноќеска и вечерва во Ѓорче?

Има ли во такви ситуации поодговорни да ги смират страстите од овој, според мене, пеколен ДУЕТ, кој ете јас мислам ниту ѝ донесе ниту ќе ѝ донесе ПРОСПЕРИТЕТ на Македонија. Напротив, поделбите како никогаш досега ќе се продлабочуваат, омразата ќе расте… А тие? Е, тие, како секој неодговорен политичар на кој му дале да му се може, ќе си гледаат сеир.

Едниот ќе дрочи на Илинденска број 2 и кобајаги ке работи 24/7 за ПРЕРОДБА, другиот ќе дише чист воздух на бачилото во Шипковица, а народот, е тој малку ќе го пуштат да се потепа, онака контролирано, а финалето ќе го означат гардистите на Гоци, чесни професионалци, но меѓу нив и криминалци облечени во униформи по партиски клуч.

А Грујо и Али, ко секоја маалска КУКАВИЦА, ќе си седат во папучи и ќе чекаат извештај, до каде е тепачката и како завршила. Но, не се тие виновни, во нивните ИСТОРИСКИ победи колку и да крадат на избори донираме и сите ние. Затоа, ако веќе се тепате, не ги чекајте нив да ви кажат КАКО понатаму… Едноставно за наша несреќа тие се ГРЛАТИ на митинзи, а КУКАВИЦИ на тепачки.

Попусто ќе чекате да се појават каде што е густо и да ја смируваат толпата која тие со години ја потпалуваат.

Извор: Либертас, 20.05.2014.