Неколку капки осветена чешмовача

06.04.2009 10:38

Осветување, мал млаз вода, камен темелник, премиер, лопата и освојување територија. Абе толку треба. Во некои поедноставни времиња цели војски се мобилизирале, крв и кал оформувале патека, глави се тркалале за парче земја. Сега освојувачките претензии се облекле во свилена руба. Нема збрцани знамиња. Само малку вода, песна, премиер, поп и лопата. Сосема доволно да се прогласи победа. Да се освои територија. Оче наш, штрак, штрак блицови, камери, насмевки и што е најтрагично - слегнати раменици. Осветено место не се гиба. Ако решил Николче Наш да озваничи ограда доволни му се поп, песна и вода. За лопата ќе се снајдеме. Тука се љубопитните новинари кои веста ќе ја пренесат до најзбутаните вукојебини низ нашата држава. Важно е да се знае дека штом поп испее и попрска нема тука бунење. Голташ кнедла и се надеваш дека следниот пат ќе бидеш побрз од чинот на осветување.

Чудно е колку сум воодушевена од однесувањето на моите кучиња. Ги имам две. Малото и Големото ги викам. Малото почна да живее со Големото пред неколку месеци. На сосема нова територија. На малото му беше потребно да зграби дел од просторот кој беше заеднички. На моја голема жалост тоа освојување се одвиваше низ мочање. Да, низ мочање. Кога ќе му се допаднеше некој агол од станот едноставно клекнуваше и се олеснуваше. Големото не смееш да припари на тоа место повеќе. Во спротивно добива р`жење, лаење и ситни грицкања во бутините. Сега станот ни е мегдан за мочковци. Големото е смирено, мудро и умно куче. Малово е узурпатор и мочко. Измоча речиси две третини од станот. Тие делови кои баздат на доместос се негови. Попусти се сите обиди да го превоспитаме. Тврдоглаво е до немајкаде. Слегнавме со раменици и му попуштивме. Малото и слатко успеа да ги победи разумните и мудрите.

Визии, идеи, ставови, слики, аргументи... сè потклекнува кога во игра влегува светата вода. Неколку капки испеана чешмовача се посилни од сите разумни аргументи. Неколку капки испеана чешмовача значат конечно освојување, апсолутна вистина, непроблематична вистина. Кога велеа дека водата е златото на 21 век никогаш не претпоставив дека со неа и територија се освојува. Мислев дилемата е флаширана или од чешма. Ма која заблуда. Осветена или не, испеана или не, благословена или не... тоа е разликата. Вода има за пиење и за обележување. Едната е за живот, за жед, а другата за територија, за моќ. Штом слетаат осветените капки на земјата никој од нас нема право да се спротивстави на узурпацијата.

Ви раскажувам приказна за светата вода, каменот-темелник и кутрата лопата. Во оваа приказна работите не се доволно диференцирани, доволно јасни. Нема тука лоши и добри туку лукави и наивни. Лукавите навреме ја сфатија нашата илузија за градот. Градот како наш заеднички дом. Во време на заедништво и споделена одговорност лукавите своите освојувања не можат да ги водат под победоносен барјак. Во таква атмосфера најполезно е сојузништвото со добрите момци. Во име на Таткото, Синот и Светиот Дух. Колку досадно а? Веќе видено? Сакате да ја спознаете најголемата кражба на светот?

Навлажни и узурпирај. Освети и освои. Штом се попрска јавниот простор со светата вода тој престанува да биде наш, заеднички. Тоа е простор на Македонската православна црква. Осветувањето е агресивен и апсолутистички чин. После попрсканата вода никој веќе не смее да има подобра идеја за тој простор. Секуларната територија се сакрализира. Штом парче земја од профано преминува во сакрално можностите се бришат. Некогашниот јавен простор стана божји простор. А знаеме кој е божјиот претставник на земјава. Татко на небото, крал на земјата. Тој.

Моето куче бележи територија мочајќи, останативе пеејќи. Додека паѓаат капките вода на почватата - ние губиме. Губиме право на глас, право на визија, право на идеја. Неколку капки вода ја прават слободата на говор непријатна, некултурна, невнимателна, неприфатлива. Тие капки вода се непроблематично освојување на нашиот простор. Тие капки вода се нашиот пораз.

Илустрации: Camilla Engman

ОкоБоли главаВицФото