Приказни за името (2)

23.05.2014 13:08
Приказни за името (2)

Томе Арсовски

Мандаринот и мачката
(според кинеска приказна)

Си беше еднаш еден фин,
малку необичен мандарин,
си гушкаше маче, бело, нежно, в рака
и - бидејќи многу, многу си го сака -
го викаше Ѕвезда.

Но пријател еднаш го виде и рече:
-Има, господине, посилно нешто;
облак, пријателе, којшто многу вешто
ќе покрие ѕвезди, па и сето небо...
Не, на мачка име Ѕвезда не треба!

-Прав си - се согласи мандаринот чуден.
-Од денеска мачево најмило мое
Облак ќе го викам.

По ден-два, еве, му дојде на чај
пак многу фин, но друг мандарин:
-Па зар може мачка Облак да се вика?
Што е еден облак? Па ветерот, братче,
сто облаци брка и бегаат тие...
Ах, ветерот силен и бучи и рика,
зар личи на мачка Облак да се вика?

Од што беше многу љубезен и фин
нашиот чуден мандарин,
ја погали мачката прекрасна в скут,
а беше така - ни весел ни лут,
и ја нарече Ветра.

Помина недела, помина втора,
а таму, од градот зад блиската гора
во свилен кафтан син
со највисок чин
му дојде личност угледна и важна,
ја виде мачката прекрасна и тажна
и му рече: -Какво неприлично име
за вакво бело преубаво маче!
Па ветрот ќе запре и ветрот ќе плаче
штом ќе се најде пред некој ѕид!

-Низ ѕидот, вистина - домаќинот рече -
не може ветрот да мине, да дува.
Па мачето, кое со гордост го чува,
го нарече веднаш со името Ѕида...

-Ха, Ѕида! - се смее еден учен гостин.
-Па секој ѕид, брате, најмалото глувче
да го гризе може, да проврти дупче
за да си направи кон дувлото пат!
Се замисли мудриот славен мандарин,
си помазни брада и најпосле реши:
-Отсега моето сакано маче
така ќе се вика: Глупчо! Или Грицко!
Кој инаку мисли, да знаете, греши!

-Глувчо? - се насмеа весело синот,
или беше можеби внук на мандаринот.
-И Грицкото знае, жими бога,
посилно нешто и пострашно многу:
на мачката мислам што секое глувче
знае да го фати
и да си го ручне без да плати!

И дури тогаш мандаринот учен
по чело се удри и најпосле разбра:
од мачето, виде, пораснала мачка
и, среќен - најде убаво име -
ја нарече мачката: Мачка.

Глигор Поповски

Имињата

Ако си Драган -
на сите биди им драг,
Ако се викаш Благој,
како мед биди благ.

Ако си Цвета -
треба да личиш на цвет,
Ако се викаш Петко,
петици реди со ред.

Ако си Тихо -
тих биди како сон.
Ако се викаш Ѕвонко,
разлевај смев како ѕвон.

Ако си искра -
заискри како пламен.
Ако се викаш Здравко,
биди здрав како камен.
--------------
Ако си Вера,
Снежана, Ленче,
ако си Борче,
Гордана, Менче,
ако си дете -
мил мајски цвет,
биди ми живо
биди ми здраво,
биди ми украс
на овој свет!

Стојан Тарапуза

Сè си има свое име

Сè си има свое име...
Кравата и - млечно виме,
мајмунот и - густа коса,
тревата и - бисер роса,
каменот и - тврдо чело,
јајцето и - лице бело,
јарболот и - цветно знаме,
дрвото и - вишно раме,
славејот и - песни медни,
човекот и - раце вредни,
небото и - жолто око
што нè гледа од високо.

Сè си има свое име,
свое име и презиме.

Слики: Adam Oehlers (насловна), Leonard Weisgard (пожарникарите), John Burningham (птиците) и Brian Wildsmith

Сродни прилози

Приказни за името (1)

Приказни за сонцето (1)

ОкоБоли главаВицФото