Приказни за сонцето (1)

24.05.2014 23:32
Приказни за сонцето (1)

Томе Арсовски
Сказна за сонцето
(според никарагванска сказна)

Во едно старо, дамнешно време,
кога и чудата не беа чуда,
во долина речна
под планина дива во темнина вечна
живееше мало индијанско племе.
Ниту зракче златно од небесно платно:
сè црно беше и темно и матно -
и водата в река и домашен праг,
а луѓето гледаа ко бувот што гледа,
ко рисот што гледа во ноќниот мрак...

И гонеше така ловецот Кјави
дивокоза брза. И високо стаса
на сртот планински и потаму вјаса
низ шумата страшна - кон другата страна.
Глеј - огнена топка на небо се јави,
па блесна модрото прекрасно небо,
а водата езерска како сребро светка,
со восхит го плени чудесната глетка!
Невидено лична девојка се смее,
ко ѕвончиња златни таа среќно пее...

Се врати тој брзо во вечната тема -
не верува никој, ни мудриот водач:
-Не, тоа го нема. Ти нешто си сонил.

Но Кјави знае: „Очиве мои
видоа друг свет! Имам силни нозе.
Мој дом се сите планини и шуми.
Пак таму јас одам. Не го сакам мракот!“

Кога го виде девојката пак
со радост му рече: „Не, Кјави не сони!“
А смеата сега сребрено ѕвони...

-Во мојата земја - се натажи Кјави -
небото е црно, воздухот црн;
со мене дојди, моја лична срно,
им кажав за сонцено, за тебе им кажав,
не верува никој, си мислат ги лажев...

-Со тебе ќе дојдам, мој ловецу убав!
Но сонцето дење ни свети, а ноќе
кај водачот спие на нашето племе...
Ти води ме таму! Другото е мое.

И сонцето Кјави таа ноќ го зеде,
со момето тајно дома си се врати.
И минеше време... Но момето сега
запеа со тага: „Ах, срце ме стега,
на твоите луѓе ти сонце им најде,
на моине таму сонцето им зајде.“

-Вистина е, лична - се согласи Кјави.
-Но сонце кој видел над родниот праг,
тој не може веќе да живее во мрак!

Го обеси тогаш тоа златно сонце
на небото горе над планинскиот врв
и оттогаш тоа, штом ќе се јави,
ни истура зраци, а тоа се знаци
на радост што грее... Да, така се смее
невестата на Кјави...


Глигор Поповски
Сонце за сите

Да ги избркаме маглите и облаците,
и чадот кренат од оџаците,
и насекаде да биде речено:
сонцето има да грее непречено!

Сончевите зраци ги чека
рипчето в езеро, в река,
сонцето му треба на ќосето црно,
на мравчето,
на житното зрно.

Сонцето му треба на славејот да пее,
сонцето треба и бубачките да ги згрее,
сонцето им треба на нивите,
на сливите,
на смреките,
на реките,
на ливадите
и на зградите,
на луѓе, птици, елки и борови,
на дедовци и баби по дворови.

Сонцето и на поетот му треба
во сончева песна да го стави
и убавината на светот
да ја слави!


Стојан Тарапуза
Грее Сончко и нè кани

Грее Сончко и нè кани
в поле сите да сме збрани,
в поле рамно, младолико,
плодородно, шаролико,
кај што птици запеале,
булки лице насмеале,
а житата бујни, вити,
како море брановити,
тенки лисја разгрнале,
зелен килим распослале!

Грее Сончко и нè кани
в поле сите да сме збрани!

Слики: Jiří Trnka (насловна), Adrienne Adams и Adam Oehlers (последната)

Сродни прилози

Приказни за името (1)

Приказни за името (2)

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото