Линчот на новинари што го вршеше „Вечер“ доби судска заверка

27.05.2014 11:27
Линчот на новинари што го вршеше „Вечер“ доби судска заверка

Во декември 2009 година „Вечер“ објави список од 17 македонски интелектуалци и новинари за кои тврдеше дека се странски платеници, кои здружени во „кратери“ работат против интересите на Македонија, а во корист на Грција. Посочените јавни личности го тужеа весникот за клевета и по пет години влечкање низ судските лавиринти, деновиве судијката Весна Калковска jа отфрли тужбата затоа што не може да се утврди авторот на текстот?!

 

Основниот суд Скопје 2 минатата недела ја отфрли тужбата на група јавни личности против „Вечер“ за текст од 2009 година, во кој весникот ги прогласува за странски платеници и шпиони, кои работат против интересите на Македонија, а во корист на Грција.

Во декември 2009 година, во текст под наслов „Грција ги плаќа нивните, а во Македонија своите новинари за да помине грчкиот предлог“, „Вечер“ објави список од 17 македонски интелектуалци и новинари за кои тврдеше дека се странски платеници, кои здружени во „кратери“ работат против интересите на Македонија, а во корист на Грција. Во текстот без потпис се тврдеше дека „во Македонија се плаќаат новинари за ширење на пропаганда со која би се помогнало прифаќање на грчките предлози за промена на името на земјата… Двата кратера се платени за да помине грчкиот предлог за рушење на македонизмот. Еден од кратерите е организиран од Фондацијата Сорос. Оваа фондација плаќа од нив одбрани новинари како Никола Гелевски, Бранко Геровски, Владимир Милчин, Ивица Антевски, Маја Бојаџиевска, Џабир Дерала, Лидија Димова, Гордана Дувњак, Ѓунер Исмаил, Жарко Јордановски, Ема Маркоска Милчин, Ида Протуѓер, Ерол Ризаов, Билјана Секуловска…“ И двата кратери имаат една цел - притисок врз македонската Влада да се постигне договор со Грција, по секоја цена. Новинарите од двата кратери вршеа притисок за одреден хонорар, односно големи пари...“

На овие обвинувања посочените одговорија со зедничка тужба според тогашниот Кривичен законик, а подоцна, кога со новите закони за медиуми овие дела се префрлија во граѓанска постапка, покренаа и граѓанска тужба. По многу одлагања и ескивирања од страна на тужените, судијката Весна Калковска во четвртокот донесе одлука со која ја одби тужбата во граѓанската постапка поради „непостоење пасивна легитимација“ на тужениот Бобан Богдановски-Андревски, односно непостоење доволно докази дека тој е автор на спорниот текст, како што беше посочено во тужбата.

Според адвокатот Филип Медарски, застапник на тужителите, ова е скандалозна одлука и предлага истата задолжително да биде обжалена.

„За судот доволен доказ не беше ни признанието на самиот тужен, дадено во претходната кривична постапка, каде истиот беше сослушан како сведок, а исказот го имаше дадено опоменат дека лажно сведочење претставува кривично дело. Записникот со тој исказ беше предложен од наша страна и изведен како доказ во тек на постапката“, вели Медарски.

Во тој записник Бобан Богдановски Андревски, инаку во тој период директор на весникот, признава дека е автор на спорниот текст, заедно со новинарката Билјана Зафирова:

„Јас лично сум автор на овој текст заедно со мојата колешка Билјана Зафирова, која е новинар во дневниот весник Вечер. За да бидам појасен, јас и колешката Билјана Зафирова заедно го составивме текстот на написот, а потоа јас го одобрив, односно авторизирав, за да може да се објави… Јас стојам зад текстот и сѐ што е објавено во него.“ - изјави Андревски во кривичната постапка. Со оваа изјава од одговорноста беше ослободен тогашниот главен и одговорен уредник на „Вечер“, Драган Павловиќ Латас, кој ќе требаше да биде единствен одговорен во случај ако не беше познат авторот на непотпишаниот текст. Оваа изјава на Андревски не беше прифатена од судијката како доказ за неговото авторство.

Дел од тужителите велат дека ова е уште една „срамна одлука на партизираното судство на Груевски“, а некои, воопшто не се изненадени.

„Не знам, зошто воопшто не сум изненаден. Што друго може да се очекува од ова судство. Ќе бев изненаден ако добиевме коректна постапка“, вели Ѓунер Исмаил.
Уредникот и колумнист Ерол Ризаов со доза на иронија коментира дека ова е „поучна сторија за македонското судство и новинарство“ од типот на оние сатири како „Јазовецот пред суд“ на Петар Кочиќ.

„Одговорниот според законот за оваа тешка клевета веднаш како кукавица го избегна судот и рече јас не сум автор на овој текст. Се јави доброволно јунак и големиот патриот директорот на весникот и рече храбро пред Судот јас го напишав ова и јас стојам зад ова херојско дело. На крај се јави шепкачот на ВМРО-ДПМНЕ во судот и рече никој не е виновен. Судијата пресуди нема докази кој е автор. Текст има, автор нема, казна нема. Кој не е задоволен може да се жали на повисока инстанца во судовите на вождот Никола Груевски“ - пишува Ризаов.

Извор: Слободен печат
Слики: Патрик Чарлс