Поматувањата на воспитаникот Терлес

29.05.2014 15:16
Поматувањата на воспитаникот Терлес

Романот „Застранувањата на воспитаникот Терлес“ е прв роман на Роберт Музил, објавен 1906 година. Во него се опишани доживувањата на младото момче Терлес, кое е испратен на школување во еден австриски интернат, каде се соочува со сите круцијални езгистенцијални, морални, сексуални прашања, дилеми и проблеми, со кои се судира еден млад адолесцент.

Иако романот без многу „грижа на совест“ можеме да го наречеме bildungsroman или квир роман, секое „ставање во фиока“ би било редуктивно. Комплексноста на делото на Музил се состои во оригиналноста и острината на неговиот стил. Диференцирачката психологија на опсервациите на писателот продира до најдлабоките слоеви на човечката душа, за да ги регистрира и нејзините најмали реакции со ретка видовитост. Таа во вистинска смисла е одраз на уметничката особеност и способност на Музил да ги обедини јазичката јаснотија и мисловната длабочина, високото духовно ниво со кондензацијата на исказот, острата анализа со крајната непосредност.

Со својата неверојатна вештина, Музил создава комплексен лик за кој голем број (позитивистички расположени) критичари и толкувачи на делото на овој писател сметаат дека во преголема мера носи обележја на самиот автор, и покрај тоа што Музил во неколку наврати негирал каква било поврзаност на дејството во романот со неговите лични доживувања.

Духовната состојба на младиот Терлес е некаква чудна мешавина од женскиот (пасивен) елемент и машкиот (активен принцип), повлеченост во себе, а истовремено и интерес за надворешниот свет, или - кажано со зборовите на Музил - мешавина на „конвексни“ и „конкавни“ чувства, „рациоидни“ и „нерациоидни“ особини, бесчувствителност и благост, кукавичлук и храброст, хетеросексуални, хомосексуални и инцестни привиденија и соништа. Сите тие противречности се обединуваат во младиот Терлес. Таа внатрешна лабилност и распнатост, која Музил на друго место ја нарекува „невоедначеност“, според него има свој корен во некаква замислена праобединетост на женските и машките особини, во некакви „хермафродитски“ црти и желби кои постојат кај човекот и кои водат далеку назад, во правремето кога машкиот и женскиот елемент биле неразделно поврзани. Психолошкото доживување на неговото детство, кое длабоко е врежано во него како наизменични бранови од многу студени и топли чувства постојано на тој начин подоцна е темел на посебниот поглед на свет кој Музил го поставил во својот роман.

Една од доминантните теми кои провејуваат во романот, секако, е и тематиката на сексуалното осознавање или себеосознавањето преку сексуалноста. Впрочем, токму тие елементи во романот предизвикуваат шок и скандализираност кај голем број читатели во времето кога се појавила книгата. Хомосексуалните мотиви се и една од причините поради која романот „Застранувањата на воспитаникот Терлес“ не бил омилена лектира и се нашол на црната листа на нацистичката германска власт. Некои конзервативни критичари инсистирале на „ублажување“ на значењето на хомосексуалноста, велејќи дека хомосексуалните експерименти на ликовите се „депримирачки“ и дека таквите „испади“ се само надворешна рамка на приказната. Сепак, ниту тие не ја одрекувале книжевната вредност на романот.

Денес, повеќе од сто години од објавувањето, сѐ уште можеме да го сметаме романот „Поматувањата на воспитаникот Терлес“ за провокативно и привлечно четиво. Се разбира, не во смисла на првичната „шокантност“ која ја предизвикувал мотивот на хомосексуалноста, туку пред сѐ поради стилската брилијантност и филозофска комплексност со која романот вибрира и зрачи.

Извадок од романот може да прочитате овде.

ОкоБоли главаВицФото