Алан Форд

02.06.2014 11:36
Алан Форд

Деновиве се покажува дека не само поплавите, туку и некои други работи длабоко ги поврзуваат народите и народностите на некогашна Југославија. Имено, на крајот на мај буквално во сите држави произлезени од некогашната заедничка татковина беше одбележана 45-годишнината од појавата на првиот број на италијанскиот стрип „Алан Форд“. Колкав интензитет имаше (и има) култот на овој дефинитивно највлијателен стрип на овие простори, покажува и фактот дека во Италија, родното место на Алан Форд, овој датум беше многу поскромно одбележан.
На почетокот треба да се напише она што прилега во вакви поводи: автори на стрипот се сценаристот Лучијано Секи (попознат како Макс Бункер) и цртачот Роберто Равиола (познат под псевдонимот Магнус). Според зборовите на Бункер, идејата за ваков еден стрип му дошла уште во средината на 60-тите, а со појавата на филмовите за Џејмс Бонд, идејата за пародија на „американскиот сон“ добива вистински рамки. Имено, Алан Форд е своевиден анти Џејмс Бонд: таен агент кој нема пари, нема луксузни автомобили, не поседува оружје, нема среќа во љубовта... И воопшто целата идеја на стрипот е направена врз база на некаква инверзна перспектива, живот во обратно огледало. Иницијалното сценарио е направено во август 1967 година, дијалозите во април 1968 година. Веќе во иницијалното сценарио се споменуваат сите главни ликови (Алан Форд, Боб Рок, Шефот, Сир Оливер, Еремија и Грунф), иако во првиот број не се појавува Сир Оливер, затоа што се сметало дека премногу карактери можат да ја збунат публиката. Карактерот на Број 1 се појавува во 11-тата епизода и станува заштитен знак на стрипот, а кучето Носко (името во оригинал му е Сирано) се појавува во 18-тата епизода. Нешто подоцна, со појавата на папагалот Клодовик, групата тајни агенти ТНТ, кои се на платниот список на Министерството за истражување на руди и за губење време, се комплетира. Легендата вели дека првиот број поминал катастрофално лошо, следниот уште полошо, но во принцип продажбата одела многу слабо. Првиот број е продаден во за Италија небитните 22.000 примероци, а вториот поминува уште покатастрофално. Продаден е во 8.000 примероци. Долго време тандемот размислувал да се откаже од јаловата работа, но тогаш доаѓа до пресврт, односно до 16-тата епизода кога се појавува најпознатиот непријател на групата Суперхик, некогашниот уличен чистач, кој изнервиран од ѓубрето во градот краде од сиромашните и им дели на богатите.

Во суштина, според едно интервју на Бункер, стрипот го одржал успехот во „соседна Југославија“, каде што епизодите на „Алан Форд“ се продаваат во просечен тираж од над 70.000 примероци, а нивните обновени изданија во повеќе од сто илјади. Во Југославија стрипот го издава загрепски „Вјесник“, а почнува да излегува во 1972 година (според сведочењата, по големото инсистирање на неговиот голем фан и подоцна преведувач на стрипот Ненад Брикси). Преводот на Брикси останува еден од клучните моменти за успехот на стрипот. Духовит, јасен и логичен во целата своја нелогичност, преводот инстантно инсталираше низа синтагми и реченици од стрипот во тогашната мошне развиена југословенска поп-сцена.

„Сакавме да му се додвориме на југословенскиот пазар, па во една епизода членовите на ТНТ се сретнуваат со Тито, ама таа никогаш не е објавена во Југославија“, вели Бункер. Таа епизода никогаш не е објавена на овие простори и оттогаш авторите веќе не размислуваат како да се додворат на југословенските читатели. За тоа, едноставно, нема потреба. Југословенската цензура, инаку позната како многу полиберална од земјите на реалниот социјализам, делува уште неколку пати врз овој стрип. Нацистичките свастики прилично невешто се бришат, а во една епизода високо кренатата десна рака на „нацистот во душа“ Грунф завршува до неговата нога. Сепак, се појавува Грунф во некои епизоди со класичен нацистички поздрав, на пример кога изговара „Снегот беше до тука висок“, токму со намера и во стрипот да го скрие своето нацистичко минато и својата определба. И успева во тоа, дури и пред овдешните цензори. Сепак, има некои апсурдни состојби со нашата цензура, кои во суштина најдобро го објаснуваат духот на стрипот и неговиот успех кај нас. На пример, во епизодата „Не гласајте за Нотакс“, Нотакс во оригиналниот стрип вели „Прво, ви ветувам дека ќе ги откачиме црнците... Ова е земја на белата раса и кој не мисли така ќе биде казнет“, додека во југословенското издание тоа е преведено како „Прво, ви ветувам дека ќе ги откачиме нашите непријатели. Ова е наша земја и кој не мисли така ќе биде казнет“. Ете, токму таа целосно извртена логика на естаблишментот можеби најдобро придонесе за создавањето на плодна почва за прифаќање на еден сосема извртен хумор што жестоко ги исмева сите видови стереотипи, културолошки матрици, корумпирани и некомпетентни општества.

Еве уште една тривија: Ликот на Алан Форд е нацртан според британскиот актер Питер О'Тул, ликот на Сир Оливер е направен според Оливер Рид, ликот на Шефот е портрет на самиот Макс Бункер, а ликот на Боб Рок е автопортрет на Магнус... „Ако некогаш решат да снимат филм по стрипот барем ќе имаат готов кастинг“ ќе рече Макс Бункер. Станува збор за сарказам, јасно, бидејќи, иако дејството се одвива во славната цвеќарница во Њујорк, стрипот никогаш не е преведен на англиски, ниту пак стасал до американскиот пазар. Едноставно, тој не е по нивен вкус. (Ако е за утеха: фамозниот „Корто Малтезе“ на Хуго Прат првпат е објавен во САД во 2012 година).

„Алан Форд“ е стрип кој се обидува да ги предефинира категориите на авантуристичкиот и црниот стрип, кои дотогаш биле доминантни, но да ги предефинира и забавните стрипови од типот на „Мики Маус“. Конечно, за разлика од другите стрипови, во Алан Форд не се врти дејството околу главниот јунак, туку околу еден куп јунаци. „Алан Форд“ е неверојатно саркастичен кон секаков вид сеграгација, жестоко осудувајќи го голиот капитализам, сите варијанти на нацизам и расизам, секаква некомпетентност и коруптивност. И сето тоа е спакувано со циничен хумор на кој не може да му се одолее. Алан Форд, се разбира, е анти-херој, роден губитник, но во сето тоа има некаква оптимистичка субверзија, некаков оптимизам дека ако доволно сакаш и доволно долго ја работиш својата работа сѐ ќе биде подобро. Ќе биде урнат светот на неправдите. Ќе има хепиенд. И на крајот ќе разбереш дека ништо не се променило.

Постоеја неколку обиди да се преведе „Алан Форд“ на македонски, но без поголем успех (цената на чинење, авторските права и новите технологии се главните фактори на неуспехот на овие потфати), како што не успеаја ниту во другите држави од некогашна Југославија (буквално во сите, вклучувајќи го тука и Косово). Сепак, речениците и особено апликациите на блузите на Грунф останаа како трајна придобивка на овдешната поп-култура, како некој знак за распознавање на културното милје од кое што доаѓаме. Еве дел од најпознатите: „Не е важно да се учествува, важно е да се победи“, „Кој спие, не е буден“, „Подобро е цел живот да бидеш богат, отколку недела дена сиромашен“, „Кој лета – вреди, кој вреди – лета, кој не вреди – не лета“, „Ако сакаш да победиш, не смееш да изгубиш“... А има и низа реченици чие разбирање е можно само во аланфордовски контекст, како што е славната реплика на Сир Оливер „Здраво Бинг, како е брат... Цена? Вистинска ситница“. Конечно, денес станува многу појасно и значењето на онаа реченица на вечно болниот Еремија: „Сѐ ме боли и уште многу други работи“.

„Алан Форд“ денес е вистинска културолошка референца. Групата „Суперхикс“ го носи името на херој од овој стрип, во филмот „Црн мачор, бела мачка“ еден од јунаците чита „Алан Форд“, истарскиот бенд „Идијоти“ во песната „За тебе“ има стих „Кога срцето прави би-бам ба-бам“, инаку наслов на 32-та епизода на „Алан Форд“, режисерот Слободан Шијан вели дека „Алан Форд“ му е главната естетска платформа за филмот „Маратонците го трчаат почесниот круг“... И така натаму.

ОкоБоли главаВицФото