Масовно враќање на иселениците во Македонија по песната на Тајзи

13.06.2014 14:01
Масовно враќање- на иселениците во Македонија по песната на Тајзи

Скопје, 13 јуни 2014

По објавувањето на субвенционираниот патриотски хит на Тајзи, повеќе од 300.000 иселени Македонци ги започнаа последните подготовки за враќање во татковината.

Од повратниците, околу 250.000 се родени во Македонија, но има и такви кои се родени во други земји, а доаѓаат во државата од која потекнуваат нивните родители и предци само за да ги искусат убавините за кои пее Драган Величковски Тајзи.

29-годишниот Џо Илиевски, родум од Детроит, решил да дојде во Македонија поради стихот „Никој нема никаде да те љуби ко Македонка“, кој предизвикал силна сексуална возбуда кај него.

„Сум имал девојки од различни националности, но ако е така како што пее Тајзи, засекогаш ќе останам во Скопје“, изјави Македонецот Џо за Пара вести.

Бизнисменот Перо Златевски од Гетеборг, пак, се враќа во Македонија поради просветлувањето на неговиот дух од стихот „мали плати, но душа топла“.

„Сфатив дека не е сѐ во материјалното. Што ако парите одат за создавање на силно здравство, за високи пензии и социјална заштита, за квалитетно образование, за уредување на парковите и средување на јавните површини, кога ја нема топлината на душата? Штом ќе се вратам во Македонија, мојата душа ќе се топли и со задоволство ќе гледам како парите што ги одвојувам за данок одат за снимање вакви музички ремек-дела“, вели Златевски.

Во меѓувреме, премиерот Никола Груевски свика итна седница на владата на која ќе се расправа за мерките што треба да се преземат за Македонија спремно да ги дочека повратниците.

„Ако ефектот е ваков од само една субвенционирана патриотска песна, што ли ќе се случи кога ќе излезат останатите? Освен враќањето на иселениците, несомнено ќе се случи и бејби бум. Но, спремни сме да се справиме со сите предизвици“, рече Груевски.

Добро упатени извори блиски до владата велат дека нема потреба од загриженост поради евентуална пренаселеност во земјата, бидејќи во таков случај, владата ќе ги примени старите мерки кои доведоа до тоа Македонците масовно да се иселуваат од државата.