Робовладетели заинтересирани за инвестирање во Македонија

23.06.2014 11:29
Робовладетели заинтересирани за инвестирање во Македонија

Скопје, 23 јуни 2014

Познатата мултинационална компанија Слејвмаер, заедно со Angarija & Co и Синџир-долар покажале огромен интерес за инвестицискиот рај Македонија, соопштија министерот за финансии Зоран Ставревски и премиерот Никола Груевски на прес конференција во затворот Идризово.

Иако брендирањето на земјава како најпосакувана дестинација за инвеститорите ширум светот започна пред само неколку години, интересот за вложување во робовладетелски индустриски објекти во Македонија веќе достигнува сериозни размери и може да се смета за повеќе од задоволителен.

„Успехот пред сѐ се должи на пожртвуваноста и посветеноста на нашите економски промотори, како и на внимателно промислената кампања 'Купи роб во Македонија'“, изјави премиерот Никола Груевски.

Тој додаде дека стапката на безделништво и незаинтересираност за работа во Македонија постојано опаѓа, а токму благодарение на интересот на робовладетелите за македонска работна сила, економската состојба во земјата и во иднина ќе се подобрува.

„Работното време кое е флексибилно и зависи од потребите на робовладетелот, работењето на празници и неработни денови, прекувремената работа, необврзувањето на здравствена и социјална заштита за работниците, како и форсирањето на минималната плата, се услови кои нѐ прават поконкурентни во однос на земјите од регионот“, рече министерот за финансии Зоран Стравревски.

Ставревски откри дека огромна робовладетелска компанија за изработка на окови и полициски лисици е заинтересирана за влез во Македонија, но нејзиното име сѐ уште не смее да се открие, бидејќи така налагаат правилата кога преговорите се во завршна фаза.

„Остануваат уште инфраструктурните подготовки. Сѐ уште не е одлучено дали ќе се гради нов затвор во некоја од индустриските зони во Македонија, или ќе се адаптиран некој од постоечките. Сѐ зависи од слободната волја на инвеститорот“, изјави Ставревски.

Неофицијално, интересот на робовладетелите за македонски работници предизвикал загриженост кај кинеските власти, кои стравуваат дека фабриките како Фокскон можат да се преселат во новиот инвестициски рај на Балканот.