Глупавите матки и нашите сестри мајмунки

24.06.2014 08:45
Глупавите матки и нашите сестри мајмунки

Еволутивните биолози се склони да тврдат дека основната улога на жената е да раѓа и одгледува потомство. Сите други биолошки функции на жената се подредени на оваа, главна функција, па дури и се условени од неа. Едноставно кажано, родени сме за да раѓаме. Ако не можеме или не сакаме да го направиме тоа, не сме сосема свои, а ни присебни. Иако не е свесна за тоа, сè што прави и сè кон што се стреми жената е во служба на тоа да најде еден, единствен, вистински, плоден маж, чии „полноглавци“ ќе се запознаат со нејзините јајце клетки, а потоа прегрнати ќе се вгнездат во матката и тоа ќе резултира со нов живот. Приказната е завршена, смислата на постоењето на жените е постигната! Заклучок: жените според природата се моногамни, бракот е нивна творба, мрежа во која мора да биде фатен и добро заплеткан мажот за да не може да се извлече.

Пред да се изнервирате заради тоа како еволутивната психологија гледа на жената или пак да се сложите со тоа гледиште, должни сме да ве известиме дека една жена со научни аргументи успеа да ги собори овие тврдења уште во 1999 година. Заради околностите, книгата Жена – Интимна географија на авторката Натали Енџиер кај нас е објавена дури неодамна во издание на белградскиот ННК, точно пред 15 години по излегувањето на првото издание во САД. За среќа, деценија и половина, гледано од перспектива на научниот развој и откритијата и не е премногу долг период, па временската разлика не се чувствува претерано. Оваа книга подеднакво е актуелна и денес: женската физиологија подеднакво е точка околу која се плетат разни општествено-политички конструкции денес, како и пред 15 години.

Доколку Симон де Бовоар имаше можност да ја прочита книгата на Натали Енџиер, сигурно ќе се сложеше со неа, иако го помина животот посветена на еден маж. Освен тоа, без оглед на својот феминизам, Бовоар веруваше дека жените секогаш се во позиција на губитнички во војната на половите.

Женки и мажјаци

Енџиер, добитничка на Пулицерова награда и долгогодишна авторка на статии на тема биологија, и воопшто наука, во „Њујорк тајмс“, поаѓа од старата претпоставка на еволутивната психологија дека жените се детерминирани да раѓаат и да бидат моногамни. Преку сликовит приказ и темелна анализа на женската физиологија, здраворазумски ги соборува двете претпоставки. За да докаже дека жената не е природно детерминирана за ништо од наведеното, Енџиер го разложува женското тело до последен молекул. Претпоставката која тежнее кон моногамноста ја соборува сосема лесно, повикувајќи се на проучувањето на однесувањето на приматите.

Крајна цел на оваа анализа е да покаже дека целата наука, а особено еволутивната психологија и со неа здружената биологија – е „андроцентрична“, односно дека жената и женската физиологија и однесување ги толкува со машки очи. Ништо невообичаено, ќе рече Енџиер – и во животинскиот свет има безброј примери на мажјаци кои се обидуваат да ја контролираат сексуалноста на женките. Ако шимпанзото мажјак гледа дека женка од неговата група чисти од вошки друг мажјак од друга група, тој ќе ја гризне или ќе ја удри. Дали така ќе успее да ја натера да има потомство само со него? Па, нема: ДНК анализата на шимпанза направена во Гомбеи, покажа дека само половина мајмунчиња имаат татковци од кланот на кој му припаѓаат мајките. Женките шараат. Мажјаците се лутат заради тоа.

Во што се состои главната разлика помеѓу жените и, како што Енџиер сака да каже, нивните сестри мајмунки? Некој погрешно ги убедил жените дека мораат да се зближат со мажјак, ако сакаат топол дом, храна и удобна егзистенција за себеси и своето потомство. Веруваат дека се помалку способни од мажјаците и дека им треба заштитник и старател. Женките од повеќето животински видови немаат вакви заблуди. Сосема добро сами се снаоѓаат за храна и покрив над главата.

Уште една заблуда, која неодамна Енџиер многу успешно ја разби, доби и научна потврда: женската сексуалност не се разликува многу од машката. Жените сакаат секс подеднакво често како и мажите. Андроцентричната наука со векови нè убедува дека сексот е нешто што мажите го сакаат повеќе од жените. Ако е така, вели Енџиер, зошто тогаш мажот не е способен за уште еден сексуален однос веднаш по првиот, додека жената може да има секс колку што сака, едноподруго? Кога сме веќе кај тоа, Енџиер поставува прашања кои и денес се актуелни: каква е еволутивната функција на клиторисот, зошто жените живеат подолго отколку што трае функцијата на нивните репродуктивни органи, дали естрогенот е навистина исклучително женски хормон?

Талкачкиот орган

Енџиер посветува особено внимание на матката, и тоа не без причина. Машките и женските полови органи можат да се набљудуваат аналогно: клиторисот е реплика на пенисот, јајниците се реплика на тестисите, усните се реплика на скротумот. На тој начин гледано, женското тело изгледа како чорап превртен наопаку. Машки чорап, се разбира. Сè би одело лесно со повлекување такви аналогии помеѓу машките и женските органи – доколку не е матката. Машки еквивалент за овој орган едноставно нема. Тука, на сцена повторно стапува науката со своето машко гледиште на нештата: уште од Хипократ кој ја нацртал матката со рогови и утврдил дека таа е „талкачкиот орган“ кој плута по телото како што сака и го контролира однесувањето на жената, преку хистерија, специфично „женска“ болест предизвикана од постоењето на матката, до денешен ден кога мноштво гинеколошки тегоби се решаваат со едноставно сечење, хируршко отстранување на овој орган, матката всушност останува голема мистерија за науката. Сè до седумдесеттите години од дваесеттиот век, официјалната медицина сметаше дека матката има исклучително пасивна улога, да се снабдува со храна што ја произведува телото, а за возврат да не му даде ништо. Дури тогаш е откриен простагландинот, хормон што го произведува матката и кој е најодговорен за контракциите на меките мускули, со кои е обложена. Претставата на Хипократ за матката владеела сè до времето на ренесансата, кога Леонардо да Винчи го нацртал првиот цртеж на фетус обвиткан со папочна врвка и матката како орган со само еден отвор.

Матката е важен орган. Секое човечко суштество удобно лебдело во неа додека не дошло на свет. Очекувано е официјалната медицина и наука да покажат малку повеќе почит кон неа. Но, токму тука почнуваат проблемите: сè до крајот на 19 век лекарите тврделе дека матката се натпреварува со мозокот за снабдување со крв. Колку прекрасен аргумент против образованието на жените: го имаат тој орган кој им пречи на нивните мозоци за да работат како што треба. Ако решат да се занимаваат со образование, нема да имаат доволно крв за да раѓаат деца. Ако, пак, решат да раѓаат деца, матката ќе им го испие мозокот.

Иако денес знаеме дека никој не е глупав само затоа што има матка, „војните за матката“ се водат и понатаму: дебатите за правото на абортус не се ништо друго туку обиди женското тело да се стави под контрола и управа на некој друг, а не под нејзина контрола.

Живот по животот

Добро поткована со знаење и око за детали, Енџиер во деветнаесет поглавја го мапира женското тело: јајце клетки, матка, гради, хормони и мозок, повикувајќи се на изобилство научни студии и малку познати факти (клиторисот има 8 000 нервни завршетоци, двојно повеќе од пенисот), за да понуди феминистички поглед на биологијата. Заради пример, Енџиер до детали ја објаснува чудесната моќ и комплексноста на женскиот хромозом, заслужен за развој на илјадници гени, за разлика од својот машки „сопарник“, кој вкупно учествува со неколку десетици.

Западната претстава за менопаузата како период кој за жената значи живот по животот, некаков непотребен период во кој жената живурка откако ја извршила својата биолошка функција, Енџиер ја разбива преминувајќи на полето на антрополошките истражувања. Племето Хаџиопи живее на северот од Танзанија. Хаџиопите се заедница ловци собирачи. Значи, живеат во услови во кои еволуирал човечкиот вид. Иако меѓу нив не владее матријархат, постарите жени, оние кои ја поминале менопаузата, се најпродуктивни и најкорисни членови на заедницата. Тие се најдобри ловци и највредни собирачи на бобинки. Својот улов го делат со оние членови на заедницата кои не се во состојба да се грижат за себе: децата, трудниците и новопечените мајки. Секоја мајка која дои и не може да собира храна, има постара помошничка која се грижи за нејзините постари деца. Затоа токму жените кои ја поминале менопаузата се најценети и најпочитувани.

За тоа време, ние, прогресивните западни луѓе, ги бојадисуваме косите, ги пегламе брчките и се клукаме со хормони, затоа што младоста е добра, а староста лоша. Слично е и со мастите. Естрогенот е најголем „виновник“ за тоа што женското тело има повеќе масти отколку машкото. Но, западната цивилизација сè уште не најде начин за да се справи со мастите. Ги затрупуваме девојчињата со слики на слаби манекенки, а гојазноста има статус на модерна чума. „Лудо и самопоразително“, вели Енџиер.

Една од најдобрите страни на оваа книга е тоа што, иако поставува многу повеќе прашања за науката, отколку што нуди одговори, Натали Енџиер на читателите и идните генерации им нуди еден патоказ. Книгата ја завршува со личен спомен на вечерта од 1987 година кога седела со својата мајка, баба и осумнаесетгодишна роднина. На прашањето, дали, доколку можат, би избрале да се родат како мажи, сите четири рекле: да. Десет години подоцна, Енџиер ја потсетила мајка си на тој разговор. Двете се сложиле дека веќе не мислат така. „Верувам во перманентна револуција на умот и волјата. За мојата мајка и за мене промената на мислењата настапи како резултат на сознанието дека нашата сила доаѓа од тоа што сме жени и од размислувањето за тоа што значи да се биде жена – овде, сега, во оваа култура“, завршува Енџиер, инаку заколната атеистка и страсна следбеничка на науката и знаењето.

Извор: http://www.vreme.com