Човечкиот ум и научните вистини: Од каде потекнува отпорот кон теоријата за еволуција?

28.06.2014 10:02
Човечкиот ум и научните вистини: Од каде потекнува отпорот кон теоријата за еволуција?

Американската научна заедница, особено кадарот вклучен во основното и средното образование, доби сериозна шлаканица. Минатата недела, Галуп објави резултати од истражување, според кои 46 проценти од возрасните Американци го поддржуваат следното тврдење: „Бог го создал човекот во неговиот сегашен облик, во минато не подалечно од 10.000 години“. Освен тоа, само 15 проценти од испитаниците веруваат дека човекот еволуирал, без што било божествено да имало удел во тоа.

Иако процентите самите по себе се впечатливи, особено е загрижувачка нивната стабилност. Речиси и да не се променети во однос на истражувањето во кое истата агенција поставила исти прашања, пред точно 30 години. Од 1982 година, бројот на оние кои веруваат во еволуцијата се зголемил за четири проценти, додека за исто толку опаднал бројот на „цврстите креационисти“.

Според резултатите на компаративната студија, објавена во списанието Science, во 2006 година, Америка, мерено според процентот на оние кои сметаат дека е вистинито тврдењето дека човекот е продукт на процесот на еволуција, сериозно заостанува во однос на Европа и Јапонија. Благодарение на Турција, каде помалку од една третина од возрасното население го прифаќа дарвинистичкото објаснување за потеклото на човекот, САД не се наоѓаат на последното туку на претпоследното место на ранг листата која опфаќа вкупно 34 земји. (PDF верзија од студијата можете да преземете тука).

Иако постојат типично американски причини за масовно отфрлање на теоријата за еволуцијата, како што се политизацијата на науката и фактот дека американскиот протестантизам, за разлика од европскиот, се темели на буквално толкување на библијата, сепак се поставува прашањето зошто, генерално, некои научни вистини тешко ги „прифаќа “ општата популација. Што е тоа што човечкиот ум го прави затворен за одреден вид факти, дури и кога се поткрепени со неверојатна количина докази?

Вродените теории

Сосема случајно, во моментот кога во медиумите се појавија резултатите од истражувањето на Галуп, во списанието Cognition е објавен трудот на Ендру Штулман, професор по когнитивна психологија на Колеџот Оксидентал, кој се занимава токму со проблемот на тешкото прифаќање на научните вистини. (PDF верзија од студијата можете да преземете тука).

Иако когнитивната и развојната психологија веќе најмалку две децении го сугерираат спротивното, училишното образование е базирано на претпоставката за умот на детето/ученикот како празен лист хартија (tabula rasa), на кој при процесот на учење се втиснуваат фактите. Студијата на Штулман е само една во низата од оние кои ја негираат тезата дека на свет доаѓаме празни и едвај чекаме да асимилираме нови знаења. Напротив, се раѓаме подготвени да прифатиме низа интуитивни теории за светот што нè опкружува, а кои не мора да бидат, и по правило не се на линија со научните вистини.

Внимателно дизајнираните психолошки експерименти покажуваат, на пример, дека природно веруваме дека топлината е супстанца, додека сознанието дека воздухот е материја е крајно контраинтуитивно. Имајќи го предвид интересниот парадокс на еволуцијата – фактот дека нашите погледи на природата на светот и човекот многу тешко и бавно еволуираат – тешко е да се преувеличат импликациите на ваквите наоди на образованието како процес. За почеток, усвојувањето научен поглед на светот очигледно не се состои само во асимилирање факти и теории, туку и во одучување од вродените, интуитивни објаснувања на светот – фолк теорија, како што би рекле когнитивните психолози.

Научната војна против интуицијата

Студијата на Штулман поаѓа од хипотезата дека научните сознанија на кои сме изложени за време на школувањето мора да бидат во спрега со интуитивните теории, кои ги поседуваме и без образованието. За да го докаже тоа, смислил многу едноставен тест, во психологијата применуван како тест за верификација.

Типичниот тест за верификација се состои од низа тврдења на кои испитаникот одговара со „да“ или „не“, односно „точно“ или „неточно“. Истражувачите со оваа техника не тестираат знаење; првенствено ги интересира времето кое поминува помеѓу прашањата и одговорите. Методот се темели на премисата дека побрзо ги потврдуваме тврдењата кои се во согласност со нашите лични убедувања.

Субјекти во истражувањето на Штулман биле студенти кои за време на школувањето ги поминале само основните курсови на тврдите науки и математиката. Со притискање копче требало што побрзо да сигнализираат точност или невистинитост на тврдењата, фотографиите и видеата презентирани на монитор. Тестот се состоел од искази кои се точни и според факти и интуитивно (на пример, „Месечината кружи околу Земјата“), но и фактички точни тврдења кои се противат на интуицијата (на пример, „Земјата се врти околу Сонцето“).

Очекувано, на студентите им било потребно повеќе време да ја проценат вистинитоста на афирмациите кои се во конфликт со нивната интуиција. Иако знаат, владејат со фактот дека воздухот е материја или дека топлината создава притисок, им било потребно значително повеќе време за да ја потврдат нивната вистинитост.

Значењето на таквите резултати можеби не е очигледно, но тие се важен чекор кон подобро разбирање на функционирањето на човечкиот ум. Ако ништо друго, покажуваат дека совладувањето на научните сознанија самото по себе не ги брише вродените теории. Би било попрецизно да се каже дека со образованието и учењето всушност ја совладуваме способноста да ги игнорираме овие другите. Со други зборови, новите (научни) теории ги потиснуваат старите (вродени), но не ги бришат.

„Природниот“ конфликт со теоријата за еволуцијата

Изгледа дека студијата на Штулман и понатаму не одговара на прашањето зошто постулатите на теоријата за еволуцијата се потешко прифатливи за Американците и Турците отколку за Норвежаните и Французите. Ако сите имаме исти интуитивни теории, зошто сите подеднакво не ги прифаќаме и/или отфрламе научните теории?

Па, сите немаме ист однос кон идејата за бог. Видливо е од резултатите на сите истражувања дека односот кон научните вистини, религиозноста, т.е верата во бог, е во силна корелација (позитивна) со отфрлањето на теоријата за еволуцијата. Со други зборови, прокламацијата „верувам во бога“ често имплицира став, „теоријата за еволуцијата не е точна“.

Џон Милер, професор на Универзитетот Мериленд и коавтор на компаративната студија од почетокот на текстот, токму со религиозноста го објаснува интригантниот факт дека Турција и Америка одат рака под рака во поглед на неприфаќање на теоријата за еволуцијата. Имено, ригидното толкување на библијата од страна на американските протестанти, исто така, оди рамо до рамо со ригидното толкување на куранот од страна на хардкор муслиманите. Според графиконот кој ја следи студијата на Милер, веднаш над Америка и Турција се наоѓа Кипар, земја поделена по верска линија, по кои следат државите од поранешниот источен блок, кои по падот на комунизмот, во помал или поголем степен се насочиле кон јакнење на религиозниот сентимент.

Накратко, атеистите и верниците имаат ист сет интуитивни теории, со тоа што верникот дополнително ги зајакнал со своите религиозни убедувања. Оттука, верникот потешко ќе се бори и ќе се избори со своите интуиции.

„Oh shit“ неврони

Експериментите на Штулман се темелат на тестот за верификација. Иако неговата методолошка вредност е одамна потврдена, сепак, тоа не е егзактно мерење. Пред Штулман, во 2003 година, Кевин Данбар, професор по еволутивна психологија на Универзитетот Мериленд, успеал да ѕирне во мозокот на испитаниците соочени со контраинтуитивни научни тези.

На своите субјекти, студенти кои за време на школувањето не посетувале курсови по физика, Данбар им прикажувал краток видео клип: две топки со различна големина, во слободен пад. Постоеле две верзии од видеото: во едната, двете топки паѓаат со иста брзина; во другата, поголемата топка побрзо се спушта кон земјата. Резултатите од експериментот укажуваат на тоа по природа сме поблиски до Аристотел отколку до Галилео: Веруваме дека поголемата, односно потешката топка мора да паѓа побрзо.

Дел од испитаниците го правеле овој тест престојувајќи во fMRI (функционална магнетна резонанца). Снимките покажале дека гледањето на опишаното видео, кај студентите кои биле лаици по физика, го забрзувало метаболизмот во дел од мозокот кој се нарекува anterior cingulate cortex (преден зглобен кортекс или ACC). Станува збор за парче од предниот дел на мозокот кој во невронаучен жаргон е познат и како Oh shit brain, затоа што е поврзан со перцепцијата на грешките.

Потоа, Данбар го повторил истиот експеримент со студенти по физика. Очекувано, тие непогрешливо го детектираат точниот приказ на гравитацијата. Меѓутоа, снимките од функционалната магнетна резонанца покажале дека гледањето на истото видео, кај оние што имаат знаења, е следено со поинаква неврална активност. Имено, додека ја следат експерименталната снимка, кај студентите по физика се активира дорсолатералниот префронтален кортекс (DL-PFC) – дел од мозокот лоциран веднаш зад челната коска.

Зошто е важен овој наод?

Најпрвин, дорсолатералниот префронтален кортекс е поврзан со потиснување на несаканите репрезентации. На пример, една личност на диета мора да го напрегне овој дел од мозокот за да не мисли на кутијата сладолед што ја има во фрижидерот. Второ, станува збор за оддел од мозокот кој е потполно формиран дури во раниот возрасен период; заради тоа на децата и тинејџерите им е потешко да се ослободат од несаканите ментални слики и мисли, што ги прави поизложени на искушенија.

Значи, студентите по физика потиснуваат нешто додека го гледаат видео записот за гравитацијата. Претпоставката на Данбар е дека ја пригушуваат интуитивната теорија за гравитацијата.

„Лудата“ еволуција

Изгледа дека животот би ни бил полесен кога законите на физиката би биле во согласност со нашите наивни убедувања или кога еволуцијата не би била точна. Нема да има потреба да се измачуваме за да разбереме дека живиот свет еволуира преку генетски мутации, за што, пак, наивно (и погрешно) веруваме дека тие мора да бидат штетни. Од друга страна, ако фолк теориите се вродени, како што тврди современата психологија, тогаш тоа значи дека и тие се производ на еволуцијата. Зошто ги чува природната селекција? Зошто не нè ослободи од наивните објаснувања и на тој начин да ни го олесни прифаќањето на вистинитата слика за светот?

Иако погрешни, фолк теориите претставуваат предност во преживувањето. Детето не мора да ги дочека првите часови по физика за да научи дека предметот што ќе го фрли ќе падне, дека некои материјали се кршливи, а дека инсектите или растенијата во паркот не е препорачливо да се јадат. И светот на возрасните во извесна мера се базира на фолк теории. Фолк психологијата – низа здраворазумски убедувања за човечкиот ум – ни овозможува да стапиме во многу комплицирани интерперсонални односи благодарение на, помалку или повеќе, (не)успешно толкување гестови, гримаси, боја на глас... други луѓе. Можете ли да замислите свет во кој не живееме со претпоставката дека сите други луѓе, токму како и ние самите, имаат ум, внатрешен живот, емоции...?

За крај, мала дигресија. Колку пати ви се случило, или барем сте слушнале дека на некого му се причинило, дека набљудувајќи ја полната месечина гледате човечко лице? Верниците се особено наклонети во небото, водата, песокот... да гледаат пораки во форма на човечки лик. А сега, погледнете ги нештата обратно! Дали некој некогаш ви рекол дека му се причинило дека личноста која му оди во пресрет му личи на месечината? Речиси е извесно – не. Ако имате предвид дека сме социјални битија, нели е логично еволуцијата да нè обликувала лесно да го воочиме човечкото лице, дури и понекогаш да грешиме заради тоа, а на штета на вештините во перцепцијата на небесните тела?

Најпосле, го имаме предвид и следното. За да стане мејнстрим, на коперниканскиот пресврт му биле потребни петстотини години. Теоријата за еволуцијата е дури на половина пат.

Извор: mindreadingsblog.wordpress.com

ОкоБоли главаВицФото