Сем Вакнин за лицето и наличјата на нарцизмот (1)

04.07.2014 13:21
Сем Вакнин за лицето и наличјата на нарцизмот (1)

На сликата на Караваџо од 1594 година, Нарцис се огледува во водата, маѓепсан од својот одраз. Просторот е мирен, контемплативен... но лицето на момчето е изобличено од копнеж. „Метаморфозите на Нарцис“ (1937) на Дали отсликува послоевита интерпретација на овој мит. Халуциногениот пејзаж на двојни слики го прикажува Нарцис како клечи во водата држејќи во раката јајце и цвет.

Заледениот привиден мир од првата и играта со делузиии на втората слика, се совршена уметничка рефлексија на лицето и опачината на феноменот на нарцизмот, на заблудите и вистините, површните впечатоци и вистинската психодинамика што го придвижува ова нарушување на личноста.

Иако нарцизмот e сѐ пораширен како феномен, за нарцистичкото нарушување на личноста, за жал, се знае и зборува незначително, дури и во круговите на психолозите и психијатрите.

Уште повеќе, со еволуцијата на современото западно општество и култура, нарцизмот станува не само доминирачки туку и награден, социјално прифатлив и обожаван модел на однесување. Во своето 17- годишно истражување на овој феномен, како и во книгата „Малигно самољубие - ревидирање на нарцизмот“ во издание на „Narcissus publications“ – Скопје, Сем Вакнин, израелски автор на неколку книги на оваа тема, дава мошне интроспективни, јасни и практично применливи согледувања на ова нарушување. И самиот дијагностициран со нарцистичко нарушување на личноста, тој го дава својот длабок увид од една речиси невозможна позиција - однатре.


Кои се според вас најголемите заблуди за нарцизмот?

-На почетокот мораме да направиме јасна дистинкција меѓу она што нарцистот го чувствува за себе и она што навистина се случува. Типичниот нарцист чувствува дека е посебен, единствен, перфектен, брилијантен, семоќен, сезнаен... Па како може да не се сака такво божествено суштество, дар на човештвото или пак дар за жените ако станува збор за соматски нарцист? Вистина е дека нарцистот е вљубен во себе. Ја забележувате разликата - не велам се сака себеси, туку - вљубен во себе. Станува збор за речиси сексуализирано, ертотично чувство што во психологијата се именува како хомоеротично или автоеротично. Нарцистот, всушност, е маѓепсан, заведен од самиот себеси. Тоа чувство е слично на она кога првпат ќе се заљубите во некого - не ги гледате неговите недостатоци, лошите страни, туку само позитивните нешта низ розови очила. Кај нарцистот тоа е константно чувство за себе. Ако разговарате со некој класичен нарцист, тој ќе ви каже: па да, како може да не се сака некој како мене?

Но, клиничката вистина за оваа психодинамика е сосема поинаква. Ова самољубие (како што по грешка го нарекуваме), ги прикрива и ги компензира длабоките чувства на инфериорност, дури би рекол садистичка самоомраза. Нарцистот во себе е на постојано преиспитување, на суд, константно се прашува дали навистина сум совршен? Тој има нереални, грандиозни очекувања од себе, но никогаш не може да биде толку брилијантен колку што самиот од себе очекува. Дури и ако стане претседател на САД, сѐ уште е далеку од божество. Без оглед на неговите достигнувања и успеси, тој секогаш чувствува дека потфрлил, дека е измамник, инфериорен, се мрази себеси. Никој не би можел да живее со вакви чувства предолго. Ако не ги потиснете и ги оставите да доминираат, на крајот ќе се самoубиете. За да ги потисне овие негативни и мошне опасни чувства, нарцистот уште на рана возраст измислува нешто што се нарекува лажно јас. Тоа лажно јас е сѐ што нарцистот би сакал да биде, а не е. Лажното јас знае сѐ - не можете на нарцистот ништо да му кажувате, тој е секогаш во право. Лажното јас е семоќно - нема нешто што нарцистот не би можел да го направи, само ако посака. Лажното јас е брилијантно, перфектно - сѐ што нарцистот не е. Присвојувајќи го лажното јас, и потиснувајќи го вистинското јас, нарцистот привремено се ослободува од чувствата на инфериорност. Но тука почнува проблемот. Нарцистот знае дека лажното јас е - лажно и дека постои голем јаз меѓу вистинското и лажното јас.

Па како да се покрие тој јаз кој јас го нарекувам јаз на грандиозност? Како да се компензира јазот меѓу изјавите за божествени моќи и реалноста за која нарцистот е сосема свесен? Има различни механизми за кои подоцна ќе зборуваме...

Кога зборувате за нарцизмот користите главно заменки од машкиот род. Зошто?

-Според статистиките, 75 отсто од луѓето дијагностицирани со ова нарушување се мажи, а само 25 отсто се жени. Станува збор за главно машко нарушување на личноста. Генерално, целата наша цивилизација и култура ги поттикнуваат нарцистичките особини и однесувања како: натпреварувачки дух, амбициозност, безмилосност, недостиг на емпатија итн. - особини што мошне изразено се манифестираат во некои сфери како што е на пример бизнисот и сл., каде мажите се доминантни. Имаме психолошки, но и социолошко-културни компоненти кои го поддржуваат, поттикнуваат и охрабруваат нарцизмот.

Како се создава нарцистот?

-Нарцистот обично е пораснат покрај дисфункционални и насилни родители кои правеле тој да се чувствува безвреден ако не ги исполнува очекувањата, да се чувствува лош(о) или да мисли дека е инфериорен. Нарцистот како дете бил злоупотребуван, малтретиран, трауматизиран и доаѓа момент кога детето вели: реалноста е премногу за мене, сега јас се разведувам од неа! Сега сум супермен, суперхерој, брилијантен, никој не може да ме допре. Ако мајка ми ме тепа, ме злоупотребува или ме понижува, таа тоа му го прави нему, не на вистинскиот јас. Вистинскиот јас е овој суперхерој кој е недопирлив. Вистинското јас ја чувствува болката, јас станувам лажното јас со цел да не ја чувствувам.

Исто така, голема грешка е да се мисли дека насилни родители се само оние кои ги тепаат, сексуално ги злоставуваат или ги запоставуваат своите деца. Злоставувачки родители се и оние кои не согледуваат дека нивното дете е посебен ентитет и кои го искористуваат за сопствени цели. Може да го злоставувате детето така што ќе го натепате, па ќе се чувствувате дека сте моќни или во право. Но можете да го злоставувате и така што од него ќе направите ваш идол, ваш бог. Може тоа да го направите и ставајќи го на пиедестал или со тоа што ќе му кажете: јас имав сништа што не ги остварив - ти ќе ги реализираш за мене! Во моментот кога ќе му го кажете тоа, детето се претвора во ваш инструмент, алатка. Во мигот кога ќе му кажете ти си господ, ти си совршен, ти никогаш не грешиш, вие го претворате во објект, не го гледате реално. Ако го погледнете, ќе ги видите неговите мани, недостатоци, грешки, ограничувања. Кога го гледате само како објект, идеал, правите сериозна форма на злоупотреба. Го разгалувате детето и го инструментализирате за остварување на вашите сништа и надежи. Ова се опасни форми на злоупотреба исто како што се и сексуалната злоупотреба или тепањето.

Имате напишано низа книги на оваа тема и имате многу следбеници на вашиот ЈуТуб канал... Зошто Македoнците не знаат речиси ништо за вашата работа и за ова нарушување генерaлно?

-Не само Македонците, туку и добар дел од светот. Можеби само САД, донекаде Австралија, Велика Британија и неодамна Германија, се единствените земји во кои постои некакво знаење и свесност за нарцизмот. Во Америка, генерално, постои повисока свесност за темите што се однесуваат на менталното здравје и самопомошта, но има и многу помала стигма ако одите на психијатар, ако сте членови на група за самопомош, или пак сте во ментална институција. Остатокот од светот воопшто не е свесен за овој проблем. Е сега, ќе се прашаме зошто ваков недостиг на свест? Можеби станува збор за порекнување. Можеби овие нации и колективи се мошне нарцистични. Не сакаат да се видат во огледало. Но, не мислам дека е само тоа.

Нарцистичкото нарушување на личноста ННЛ првпат се појавува во Дијагностичкиот прирачник кој претставува еден вид библија на психијатрите во 1980-тите, и како таков е нов феномен и за експертите. Овие сознанија суштински се редефинирани во 1994 година и конечно речиси совршено систематизирани минатата година, кога излезе последната, петта едиција на овој прирачник кој рефлектира многу нови сознанија за ова нарушување. Дури минатата година нарцизмот како феномен доби некаков научно заокружен облик.

Дали во Македонија сте сретнале некој кој се декларира како нарцист и кој побарал стручна помош за своето нарушување?

-Сретнав многу нарцисти, но ниту еден нарцист кој е свесен за себе како таков. Не сретнав ниту една личност која официјално е дијагностицирана како нарцист од стручно лице.

Кои се проблемите со кои се соочуваат луѓето кои живеат со нарцистите или се во нивна непосредна близина?

-Нарцизмот е феномен кој предизвикува лудило, ве дестабилизира, почнувате да се сомневате во себе, почнувате да се прашувате дали сум јас лудиот? Затоа што нарцистот е одличен актер и еден вид камелеон. Тој знае да се адптира на секоја средина, да се однесува според правилата, да ја игра улогата и сите да ги убеди, освен оние кои го познаваат навистина добро, дека всушност е океј, дури и совршен. Дека нешто не е во ред со сите оние кои се жалат, го критикуваат или не се согласуваат со него. Поголемиот дел од заедницата лесно го голта ова објаснување. Нарцистите се мошне вешти во употребата или злоупотребата на општествените институции. Тие се многу поимпресивни, поприбрани. Со оглед на тоа што немаат пристап до своите емоции, тие се неемотивни. Вие можете да изгубите контрола, да полудите, да врескате, додека кај нарцистот ваквите испади се реткост. Ако воопшто се случат, тоа ќе биде само во интимна средина каде ќе нема сведоци.

Нарцистот е склон кон тоа да ве изолира од вашите социјални контакти, од вашето семејство, да ве направи зависни, и потоа да оди наоколу и да ви го валка името. Тој ќе ги убеди сите наоколу дека вие сте виновни, проблематични луди нестабилни... и дека тој е жртва која мора да ве трпи. Тие се мошне добри манипулатори.

Сите нарцисти по правило се насилни, дури и кога не го прават тоа активно. Во поголемиот дел од времето емотивно се отсутни, сексуално отсутни, или пак се прељубници... Нарцистот е неспособен да сочувствува, неспособен да даде реална поддршка. Тој е по дефиниција супериорен, вие сте по дефиниција инфериорни, тој постојано игра улога на господ, учител и слично. Што и да прави, како и да се манифестира, секогаш, по правило, е насилен.

Кои се најчестите грешки што луѓето ги прават во поглед на нарцистите?

-Тоа што негуваат штетен оптимизам. Сакаат да веруваат дека другите луѓе во основа се добри. Не можат да поверуваат дека нарцистите се како роботи: бесчувствителни, манипулативни машини. Тие се надвор од досегот на вашето човечко искуство. Многупати ќе ми кажат: ама тој внатре е големо дете, јас го сакам детето во него и ако му дадам доволно љубов, тој ќе се смени. Се залажуваат обидувајќи се да најдат атом хуманост во тој монструм кој спие покрај нив. Не сфаќаат дека нема таков атом.

Зборувате за постоењето на два типа нарцисти...

-Постојат два вида нарцисти - церебрални и соматски нарцисти. Церебралните ја добиваат нарцистичката храна користејќи го својот интелект, интелектуалните достигнувања, за да предизвикаат обожавање, восхит, внимание од луѓето. Тие се обично асексуални. Соматските нарцисти го користат своето тело, сексуалноста, атрактивноста, за да привлечат внимание. Тие се освојувачи и се сексуално хиперактивни. Сите нарцисти располагаат со многу деликатни техники на злоставување без оглед на тоа дали станува збор за церебрален или соматски тип. Многу се непредвидливи, нестабилни и тоа целно. Честопати воведуваат трети луѓе во врската со цел да ја дестабилизираат. Нарцистот како партнер може да воведе трета личност во романтичната врска или пак мајката да го злоупотреби детето против таткото. Креираат ситуации во кои се незаменливи, во кои не можете да преживеете без нив и ве прават екстремно зависни.

Дали нарцистите воопшто можат да воспостават функционални релации?

-Нарцистите никогаш не можат да имаат функционална врска со кого било: ниту со партнерот, децата, колегите, подредените, надредените, луѓето генерално. Може да функционираат, но не создаваат релации. Ќе најдете многу нарцисти кои функционираат. Ќе најдете некој кој 20 години успешно работи за некоја компанија, или некој кој е 20 години оженет, има шест деца, ги носи во училиште и кој гледано отстрана е сосема функционален. Но, тој функционира како што би функционирала високософистицирана форма на вештачка интелигенција. Како што би функционирале роботите во 26 век. Тој е програмиран да функционира, но тој не е присутен. Главната особина на нарцизмот е отсутноста. Онаму каде што во нормална ситуација има личност, кај нарцистот има празнина. Кога се обидувате да влезете во него, откривате дека нема никој дома. Таа празнина е шокантна за луѓето околу него. Затоа и ги сметаат за, овде на земјата, најслично нешто со вонземјаните.

Што треба да поседувате за да се квалификувате како човечко суштество? Прво треба да имате емпатија. Емпатијата подразбира способност да влезете во туѓата кожа и да имате сочувство за некого. Да се почувствувате среќни заради некого, воопшто, да почувствувате нешто за некого. Само на овој начин можеме да кажеме дека целосно го разбираме човечкото искуство. Нарцистите немаат вистински релации со луѓето. Може да имаат функционални, но не и суштински релации. Ова е и еден од новите критериуми за дефинирање на нарцист од страна на експертите - тотално отсуство на релации.

Како е во кожата на нарцистот?

-Нарцистите и психопатите немаат емпатија. Единственото човечко суштество со коешто имаат некакво искуство се тие самите. И тоа суштество е дисфункционално, дефектно. И вие можеби до некој степен сте дефектни, но сепак можете да ги почувствувате луѓето околу вас... Искусувајќи ги, вие станувате хармонични и комплетни. Нарцистите немаат ваква опција. Тие имаат пристап само до себе, па дури ни до себе. Тогаш замислете си како е да си нарцист! Не познавате никого друг и се чувствувате тотално изолирани. Чувствувате дека само вие сте реална личност, додека сите други наоколу се анимирани ликови од цртан филм.

Нарцистот не се чувствува добро во својата кожа бидејќи потиснува многу негативни емоции. А факт е дека не можете да потиснете само една емоција, тоа не е селективен процес. Не можете да ја потиснете само зависта, а да не ја потиснете и љубовта, на пример. Или ги потиснувате сите емоции или сите ги манифестирате. За да не ги искуси негативните емоции кои може да го одведат кон самоубиство, нарцистот ги потиснува сите емоции. Го потиснува целиот тој вулкан. Така тој емотивно нема пристап ни до самиот себе. Тој не знае како им е на другите луѓе, но исто така не знае ни како му е нему.

Нарцистот е тотално парче фикција. Бидејќи во суштина не знае како е да се биде самиот тој, го измисливува лажното јас кое е наратив, херој од роман, всушност антихерој во поголем број случаи. Тој не може да има интимни релации со никого, не може да емпатизира со никого и најважното - погрешно ги чита другите луѓе. Не е способен точно да ги интерпретира однесувањата, мотивите на другите луѓе, комуникациските клики, социјалните клики, така што е во константно недоразбирање со светот. Затоа тој реагира чудно, несоодветно и претерано. Вие ќе кажете нешто и нарцистот тоа ќе го протолкува како навреда и ќе се разгневи, зашто нема алатки да ве разбере. Или пак ќе стане параноичен - се прашува зошто луѓето го прават ова? Тој, всушност, не знае како е да се биде човек. Замислете некој од Марс кој атерирал на Земјата и нема пристап до енциклопедијата „Британика“ и првпат гледа човечки суштества. Тој постојано треба да создава теории за тоа како е да се биде човек. Нарцистите постојано генерираат теории и постојано размислуваат зошто некој се однесува на извесен начин.

(продолжува)

кон вториот дел

Слики: Caravaggio, Francesco Curradi, Salvador Dali, Giacinto Gimignani, Gyula Benczur

Слични содржини

Никола Гелевски
Графички Дизајн / Книжевност / Психологија / Стрип
Општество / Психологија / Живот / Теорија
Психологија / Теорија
Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото