Сем Вакнин за лицето и наличјата на нарцизмот (2)

05.07.2014 20:45
Сем Вакнин за лицето и наличјата на нарцизмот (2)

Дали и за нарцизмот важи теоријата еднаш нарцист - секогаш нарцист? Можат ли да помогнат некакви медикаменти или терапии?

-Многу терапeвти во светот ќе ви кажат дека патолошкиот нарцизам може да биде излечен зашто наплаќаат 100 евра за час и имаат добра причина да ве лечат. Вистината е дека патолошкиот нарцизам е состојба на суштинска пореметеност, хаос и неорганизираност на личноста. Тој влече корени од многу раната возраст на личноста, корени кои се баеги гнили. Нарцизмот исто така лежи во основата на многу други нарушувања на личноста. Нарцистите ретко се дијагностицирани само со ННЛ, a честопати и со други гранични, антисоцијални или психопатски нарушувања.

Нарцизмот дефинитивно не може да биде излечен. Мало подобрување може да се постигне до некоја мера, и тоа во ограничен временски период. Нарцистот ќе се подобри извесно време, па потоа пак оди во регрес, слично како со канцерот. Некои тераписки техники како когнитивно-бихеjвиористичката терапија може да постигнат за одредено време модификација на некои однесувања кои се асоцијални и нефункционални и кои го отежнуваат функционирањето на нарцистот. Бидејќи нарцистот е добар актер и е некаков вид робот, тој може да биде репрограмиран да се однесува поинаку со жената, децата или пак соработниците. Кога психологот ќе му каже: не би требало да се однесувате вака бидејќи е непријатно, насилно, навредливо, можеби нарцистот малку ќе го модифицира своето однесување и за нијанса подобро ќе се интегрира во општеството. Ќе функционира малку подобро, но тоа не значи дека е излекуван.

Кога нарцистот навлегува во шизоиден циклус?

-Нарцистот е склон да навлегува во шизоидни фази откако преживеал масивна нарцистичка повреда или откако ја одбивал нарцистичката храна подолго време. Прво да објаснам што е нарцистичка храна или потврда - тоа е секаков вид внимание. Може да биде позитивно внимание: восхит, обожавање и слично, но може да биде и негативно внимание - другите да се плашат од нив, да ги мразат. Најлошото што може да му се случи на еден нарцист е да биде игнориран. Нарцистот повеќе би сакал да биде омразен, предмет на страв или јавно критикуван и понижуван, дури и да оди во затвор пред светлата на камерите, само да не биде заборавен или игнориран. Во животот на секој нарцист има периоди кога тој е помалку експониран, помалку славен, помалку обожаван и луѓето го заборавиле или кога е во нова средина каде сѐ уште не доминира. Кога нарцистичката храна е намалена или сосема елиминирана, или кога тој доживеал голема нарцистичка повреда - бил критикуван, понижуван, тогаш се повлекува и навлегува во шизоидна фаза. Шизоидноста подразбира нарушување на личноста каде пациентот ги избегнува сите социјални контакти - интимни, сексуални, социјални. Постои шизоидно растројство на личноста, односно луѓе кои се константно такви: никогаш не основаат брак, немаат љубовни состаноци, немаат пријатели, седат сами по цел ден... Но кога нарцистот влегува во ваква фаза, тој, всушност, акумулира енергија која ќе ја искористи со цел да најде нов извор на нарцистичка потврда. Тоа е комплексен процес со многу фази кој јас го нарекувам нарцистички циклус. Нарцистите главно гравитираат кон професии каде што можат да добијат внимание, каде се обожавани и имаат моќ. Ги има во шоу бизнисот, медиумуите, во политиката, во полицијата, судот, во црквата, како гуруа... Нема да ги најдете во санитарниот оддел на општината бидејќи гравитираат кон областите каде може да добијат признание. Ако ги набљудувате овие луѓе ќе забележите дека тие исчезнуваат и повторно се појавуваат и тоа се тие контракции - експанзии кои се всушност нарцистичко-шизоидниот циклус.

Постои ли некоја структура на личност со која нарцистот е компатибилен или пак некоја со која тој воопшто не може да комуницира?

-Златниот стандард е - ако препознаете дека си имате работа со нарцист, дури и ако тој не е дијагностициран, да прекинете секаков контакт. Нема средни или парцијални солуции по ова прашање. Нарцистот има нешто што го нарекувам студена емпатија - способност да ве погледне и во истата секунда да ги препознае вашите болни, слаби точки и веднаш да ги искористи за манипулативни цели. Тие се опасни луѓе. Ќе си речете, добро, ќе ги редуцирам контактите со мојата мајка или сопруг или колега и сл. Но, во првата прилика кога ќе ги сретнете, тие ќе предизвикаат масивна штета. Така што повторувам - златниот стандард е да го прекинете контактот! За жал, тоа многупати е невозможно: не можете да се изолирате доколку работите кај нарцистички шеф или имате деца со нарцист или вашите родители се нарцисти. Во многу ситуации оваа теорија е неупотреблива. Тогаш, во основа, имате две опции: може на нарцистот постојано да му давате нарцистичка потврда, да станете извор, снабдувач на нарцистичка потврда, и во тој случај ќе бидете добро третирани. Втората алтернатива е да се конфронтирате и да го исплашите. Тоа е долг процес во кој нарцистот ќе увиди и постепено ќе одлучи дека претставувате опасност за него и ќе ве избегнува.

Може ли, условно кажано, здрава структура на личност да биде константен извор на нарцистичка потврда?

-Има цена што треба да ја плати. Првата опција е многу понижувачка. Мора постојано да лажете и да се преправате. Плаќате голема цена по прашање на вашата самопочит или она што во психологијата се нарекува егосинтонија - да се чувствувате добро со себе. Постепено ќе почнете да се чувствувате сѐ полошо и полошо. Ако решите да се конфронтирате - да го нападнете, критикувате сѐ додека не почне да ве избегнува како да сте коприва, дури и тогаш плаќате цена зашто така и самите станувате нарцистични, се карате, станувате како него - насилни и агресивни.

Дали може да функционираат двајца нарцисти?

-Единствено ако едниот е церебрален, а другиот соматски тип и ако не се натпреваруваат во иста област. Ако јас сум церебрален нарцист и ако ја добивам мојата потврда со тоа што сум интелигентен и интелектуален, а мојата жена е соматски тип и ја добива својата потврда со тоа што ќе флертува и ќе биде обожавана од мажите, тоа би можело да функционира. Таа не е во моето поле на интерес, ниту јас во нејзиното и може да имаме прекрасен живот - секој си го добива она што му треба. Тоа е перфектен спој.

Но, има уште еден тип личност кој е совршено скроен по мера на нарцистот, а тоа е инвертираниот нарцист. Тој е премногу срамежлив и премногу несигурен за да го манифестира својот нарцизам и го изразува преку класичниот нарцист. Онаму каде што инвертираниот нарцист не се осмелува да направи нешто, класичнот нарцист го прави тоа. Пример за тоа е кога едната личност од парот останува во сенка бидејќи е срамежлива, но му препушта на својот партнер да биде славен. Тоа е т.н. нарцизам со посредник. Инвертираниот нарцист обично е пораснат покрај родители нарцисти и уште како дете научил да биде совршен снабдувач и партнер на нарцистот. Кога не е со нарцисти се чувствува дека животот му е здодевен, безбоен, безвреден... Постојано му треба адреналинот, непредвидливоста, возбудата и лудилото на нарцистот. Инвертираниот нарцист е дел од поголема група на т.н. ко-зависнички типови на личност. Сите подвидови од оваа група добро се согласуваат со нарцистот зашто чувствуваат голема анксиозност од напуштање. Нарцистот нема да го напушти ко-зависникот додека овој му обезбедува потврда. Договорот е јасен - јас ти давам потврда, а ти никогаш нема да ме напуштиш!

Кои познати личности од поновата светска историја се нарцисти?

Единствената личност која долго време сум ја набљудувал и за која сугерирав дека можеби е нарцист е Барак Обама. Дури и напишав текст за тоа уште кога Обама беше само сенатор. Потоа многу медиуми во САД ме интервјуираа и се крена голема прашина. Тогаш предупредив дека тој нема да запре додека не стане претседател. Си реков, ако овој тип е нарцистичен колку што мислам дека е, нема да запре додека не стане претседател! Иако ова наликува на пророштво, јас претходно проучував 1.000 часови видео записи од Обама во текот на две години.

Инаку, луѓето кои се јавни личности честопати пројавуваат нарцистичко однесување. Има еден професор на Харвард, Роберт Б. Милман, кој воведува нов подтип на нарцизам кој го нарекува стекнат нарцист. Тој вели дека дури и ако сте сосема нормални, па станете рок ѕвезда или претседател на САД, таа преекспонираност може привремено да предизвика нарцистичко однесување.

Дали нарцистите можат да бидат општествено корисни на долги патеки?

-Ако се полнокрвни нарцисти, тогаш тие се тотално самодеструктивни и ќе уништат сѐ наоколу. Ако имаат само нарцистички однесувања и особини, може да дадат и одлични резултати. На пример, некои ситуации во политиката изискуваат токму недостиг на емпатија. Исто така и некои други професии како актерството, на пример, бараат способност да се потиснете себеси и да направите простор за некоја сосема друга личност. Нарцистичните особини може и да се корисни во некои ситуации и професии.

Кога една заедница/колектив пројавува нарцистичко однесување? Кои се такви примери во историјата?

-Патолошкиот нарцизам е врзан за личноста, но истите механизми и услови за негово настанување како и истите последици се забележуваат и кај колективите: етницитети, групи, нации. Ако колективот долго време е изложен на насилство и траума и ако нема инструменти да се справи со нив, се појавува колективен нарцизам.

Типичен пример е Македонија последниве години. Вие станавте сериозно нарцистични последниве пет години затоа што сте постојано подложени на злоставување, траума и неправди, пред сѐ од сите ваши соседи, па и од целиот свет. Сите негираат дека имате свој јазик, своја историја... Грците го негираат вашето постоење, малтретирани бевте и со економски ембарга. Можеби имате долга историја, но сте млада држава, немате поддршка, не можете да го возвратите ударот во еднаква мера. Вие се наоѓате во класична ситуација на нарцистичка траума која води кон нарцистичка одбрана.

Како изгледа таа одбрана кога станува збор за колектив?

-Ние сме специјални, единствени, ние сме наследници на Александар Велики, ние сме колевка на цивилизацијата, попаметни сме од другите нации, библиски сме! Постојано: ние, ние ние!!! Сево ова се форми на нарцистичка одбрана. Морам да признаам дека го немавте тоа кога првпат дојдов во Македонија во 1996 година. Тогаш имаше само една мала група тотално луди луѓе кои ги заговараа овие теории. Сега лудилото се рашири од јадрото и го проникнува целиот колектив, зашто тој е постојано изложен на нарцистички повреди, понижувања, игнорирања, порекнувања. Другите не ја препознаваат вашата егзистенција како што мајката не ја препознава/признава егзистенцијата на сопственото дете. Искористени сте како инструмент, како објект, исплашени сте за своето постоење. Реагирате така што се фалсификувате себеси. Овој нов македонски идентитет е токму тоа лажно јас кое е моќно, паметно, перфектно, брилијантно.

Последниве години гледам масивна доза на агресија во Македонија. Тоа е агресија која е исклучива, ксенофобична, агресија која не е базирана на реални постигнувања, туку е делузивна. Забележувам одбивање да се учи, да се биде поучен, одбивање да се прифати знаење отстрана. Забележувам еден изразен антинтелектуализам, антиелитизам, антиекспертско расположение. Ставот е: нема што да ни кажуваат - ние знеме сѐ! Тоа се тие манифестации на грандиозност. Губите увид во вашите реални потенцијали и вашите ограничувања. Сѐ почесто среќавам луѓе кои ми кажуваат работи од типот: знеш ли дека Македонците се меѓу најголемите изумители на светот? Па ако одам на некој археолошки локалитет - ми кажуваат дека христијанството почнало во Македонија, а не во Палестина!

Популизмот што евидентно ви се случува дури и не е најстрашната работа. Овде проблемот не е во популизмот, туку во антиинтелектуализмот и антиелитизмот. Во верувањето дека основата, темелот на вистината и знаењето е кај народот и дека сѐ доаѓа од народот. И ако трагате по некои одговори, треба да гледате надолу, не нагоре. Тоа е опасно кога е во спој со нарцизмот, бидејќи нарцизмот, сам по себе, е развод од реалноста. Комбинирајте ги овие две работи - разводот од реалноста и одбивањето да побарате помош од оние што може да ви помогнат - интелектуалците, експертите.

Сумирано: вие сте на патот на еден детски, смешен нарцизам. Вие не сте САД кое е едно хардкор нарцистичко општество, ниту сте Израел, кои се исто така закоравени нарцисти. Вие сте мало, изолирано и релативно некомпетентно општество: ви недостигаат знаења и вештини. Ако станете хардкор нарцистичко општество, ќе платите навистина голема цена - не како Израел кој е богат и добро конектиран или како Америка која е суперсила и може да прави што сака. Вие едноставно не можете да си дозволите да бидете нарцистични! По некое време ќе почнете да се повлекувате, да станувате сѐ пошизоидни, да запаѓате во делузии, да станувате сѐ полуди и изолирани. Крајната цена за Македонија, во ова сценарио, се плашам, ќе биде многу висока.

Какви се последиците од долготрајното нарцистичко однесување на цели нации и држави во историјата?

-Мислам дека Евреите се одличен пример за тоа. Тие биле подложени на насилство и траума од своето раѓање. Четиристотини години биле робови во Египет, како што пишува во Библијата. Родени се од насилство. Токму затоа, можеби, Евреите се најнарцистичниот колектив со кој сум се сретнал во мојот живот, а сум проучувал многу колективи. Зошто? Поради злоставувањето и траумата од која се родени. Видете ја цената што ја плаќаат. Прогонувани се 2.000 години, имале вкупно четири холокаусти во кои повеќе од една третина од целото население било истребено. Тоа е единствениот колектив на светот кој е универзално омразен.

Замислете, постојат антисемитски записи кои датираат 3.500 години пред Христа. Има една неодамна објавена прекрасна книга од Дејвид Нирнберг со наслов „Антијудаизам“. Таа е компилација и антологија на сите антисемитски списи кои датираат уште пред Христа, кога Евреите технички не постоеле како засебен народ. Тоа е цената што ја плаќате по тешката нарцистичка повреда и следствена одбрана: станувате омразени, презрени, исмевани, самодеструктивни, ја губите државата, исклучени сте, депатријализирани. Македонскиот нарцизам, сепак, некако повеќе е на смешната страна отколку на заканувачката, иако Грците го квалификуваат како опасен. Странците кои доаѓааат овде на сево ова гледаат како на нешто смешно. Но тоа е така зашто не живеат тука. Јас живеам овде и можам да кажам дека ова што ви се случува е сѐ друго само не смешно.

Во своите колумни сте многу арбитрарен и остар... навлекувате непријателство, дури и отворена омраза од многумина. Ве вознемирува ли тоа?

-Вознемирен сум само кога сум игнориран или кога немам пристап до медиумите. Ако веќе не ме сакаат, тогаш подобро е да сум омразен или да се плашат од мене. За нарцистот е исто дали ќе биде сакан или омразен. Сѐ додека има реакција која предизвикува внимание, не ми е грижа за квалитетот на вниманието... Најлошото што може да ми се случи е да бидам заборавен. За моја среќа, нарцизмот е феномен кој секојдневно расте, се зголемува. На мојот Јутуб канал имам 4,5 милиони гледаност. За мене ова е сосема доволно. Кога почнував да го истражувам нарцизмот, немаше дури ни термини за опишување на некои аспекти на овој феномен.

Светските медиуми ме сметаат за еден од најголемите авторитети по ова прашање. Објавувани се мои текстови во Фајнејншал Тајмс, Сандеј Тајмс, бев двапати кај Опра. Цели 17 години посветив истражувајќи го овој феномен, интервјуирав 100.000 луѓе... Ниту еден психолог или психијатар нема ни приближно таква база на податоци каква што имам јас.

Како академските кругови гледаат на вашата работа?

-Оние кои произлегуваат од психоанализата како гранка во психологијата, честопати ја цитираат мојата работа и тоа во приближно 400 стручни книги, што не е мала работа. Сепак, повеќето факултети не изучуваат психоанализа или објектни релации, туку повеќе се фокусираат на т.н. медикализирана психологија.

Сѐ повеќе психијатри прават експерименти со скен на мозокот и ги проучуваат лековите. Сега на универзитетите нема да најдете ниту еден психоаналитичар, ниту еден експерт за објектни релации, ниту еден јунговец, туку само луѓе кои работат со скенови и со лекови. Се разбира, за ова има мошне добра економска мотивација. Овие факултети се главно финансирани од компаниите за прозводство на лекови или медицински апарати.

Како современата психологија/ психијатрија се справува со нарцизмот?

-Главно со когнитивно бихејвиористичка терапија. Тоа е една релативно ефикасна метода која, сепак, не оди многу длабоко. Кога имате гранично нарушување на личноста, не само во Македонија туку и во светот, обично ќе ви препорачаат когнитивно бихејвиорална терапија комбинирана со медикаменти и еден скен на мозокот. Тоа е стандарден протокол за третирање на нарушувањата на личноста. На факултетите за психологија и психијатрија сѐ повеќе ја потценуваат секоја терапија со разговор. Мојот поглед е повеќе филозофски и од тој аспект сите овие методи се погрешни. Така, на пример, со скен може да се утврди дека кај психопатите амигдалата е хипотрофична. Можам да кажам дека тие не чувствуваат страв бидејќи деловите од мозокот кои се задолжени за страв едноставно „не се палат“. Но премногу поедноставено и редукционистички е да кажете - овој човек се однесува како што се однесува - заради амигдалата. Оние што го тврдат тоа се интелектуално ретардирани луѓе кои немаат никакви основи од областа на филозофија и класичната психологија.

Зборувате за нарцизмот од позиција на деклариран нарцист. Како воспоставувате дистанца од себе?

-Нема потреба од тоа. Ако сум онколог - зарем не можам да го проучувам мојот рак? Треба да поседувате моќ за интроспекција, можност да се набљудувате себе си. Дијагнозата се прави со специјални тестови и анализи и не е во мој интерес да лажам ако сакам да добијам вистинска дијагноза. Сепак, повеќето нарцисти не се свесни за себе како такви. За да го освестите своето нарушување, треба да платите мошне висока цена, загрозувајќи ја тешко изградената стабилност. Цената на самосвесноста е многу висока, а бенефитот е блиску до нула. Обично нарцистот си го сака своето нарушување, тој инвестира во него, мисли дека тоа го прави специјален, го става на повисока скала во еволуцијата, го прави супериорен во однос на повеќето главно глупави луѓе.

Зошто да се откажам од мојата супериорност, моето знаење и моќ? Што ќе ми дадете за возврат ако ви го дадам мојот нарцизам? Ќе станам како вас? Зошто би ви ја дал мојата специјалност за вашата просечност?

Јас својата самосвест ја развив од сосема други причини: поминав низ серија големи лични кризи вклучувајќи го и моето одење во затвор и на крајот сфатив дека нешто не е во ред со мене. Кога увидов што е тоа и почнав сериозно да го проучувам, открив колку нарцизмот, всушност, е раширен феномен.

Кон првиот дел

Слики: Jan Cossiers, Karl Pavlovich Bryullov, Laurent Pecheux, Nicolas Bernard Lepicie, Nicolas Poussin

Слични содржини

Никола Гелевски
Графички Дизајн / Книжевност / Психологија / Стрип
Општество / Психологија / Живот / Теорија
Психологија / Теорија
Психологија / Теорија / Историја
Психологија / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото