Шарено огледало

10.07.2014 12:14
Шарено огледало

ШТО ЌЕ БИДЕ ГОРАН

Кога Горан се роди
дедото рече:
на ушето има знак:
ќе биде силен и јак.
Бабата рече:
Јас мислам најмалку, бар
да биде цар.
Мајката рече:
Клепките му се бели:
ќе биде крал над кралеви.
Кумата рече:
на челото има колтук син
ќе нема од него пострашен џин.
Братчето рече:
Има силна тупаница,
во маалото ќе биде шериф и поглавица.
Таткото рече:
Во очите му гледам плам
и сигурен сум, знам:
ќе има моќ на крилја да езди
и да брои ѕвезди.
А кога најпосле го прашаа Горана:
Кажи ни душо што ќе бидеш ти?
Тој силно завреска: Аааа!
и носето во перницата го скри.

Секој се зачуди — од чудо зина
на ова што го чу и виде.
Сите се повлекоа за да протолкуваат
што може Горан да биде.

ЗОШТО МУ СЛУЖИ КАПАТА НА ГОРАН

Капата на Горан му служи за сè и сешто:
да се пафта по лицето кога му е жешко,
да ја свитка под дланките кога носи тешко,
да ја клоца место топка и да врти на кол,
да ја полни со слама и да бие на гол,
да лови пеперутки, бумбари и оси,
да го брише тилот кога дождец роси,
да ја кити со пердуви од секакво пиле
и да вика: Јас сум Индијанец силен!
Да ја беси по дрвјата потем да ја гаѓа
и да вика: Гледајте, падобранец паѓа!
Да ја фрла пред кучето кога тоа дреме
с'скајќи го: Фати ја, врагот да те земе!

А кога ќе ја запне за трње и жици
ја испраќа во бостанот —
за плашење птици.

НЕДЕЛА

Од сите денови Горан најмногу неделата ја сака.
Тој ден не оди на училиште ниту пак дома се метка,
туку ќе го земе деда си за рака
па долго со него низ градот шетка.

Ќе запрат најпрво кај чичкото што весници продава
да разберат што станало, зошто е турканица
и одејќи патем еден на друг весникот го подава
додека не ја прелистаат и последната страница.

Потоа ќе запрат пред продавницата со играчки и ќе ја разгледаат сега.
Пред неа дедо му ќе зашмука како да срка жешка супа
и ќе рече: Тих! Тих! Затворена е. Каква штета!
А мислев денеска нешто да ти купам.
Ќе завртат низ паркот, а потоа в зоолошката
градина ќе наминат пак
да видат дали донесле некаква нова птица или ѕвер.
А кога најпосле ќе се приберат дома пред првиот мрак,
баба му пред влезот ѓаволесто ќе шепне: Горан е
денеска вистински пензионер.

ДО ЈУРИЈ ГАГАРИН

Драги другар Гагарин,
Ти што околу земјава леташе
како околу топка, балон или лампион;
ти што во вселената се корзираше, шеташе
и на сите ѕвезди им велеше:
Убавици здраво, ваш гостин сум јас,
и со бродот јуреше низ вселенски врати
и весело му мавташе на Јупитер, Марс,
крај Месецот минуваше по стотина пати,
му намигаше весело правејќи му шега:
Ај, можеш ли Месечко
да ме стасаш сега! —
те прашувам пријателе,
пилоте Гагарин,
дали кога вртеше
над нашиве куќи, над нашиве глави,
го виде дворот и нашиот Марин?
Тој везден со тротинет
крај куќата врти
и само се фали:
„Еј, побрзо возам
и од Јуриј Гагарин!“

ДО УЧИЛИШНИОТ ПРИСЛУЖНИК

Драги чичко,
Кога беше тоа, не знам ни сам...
Завршив училиште и не ти се јавив.
Но добро те паметам и добро те знам:
со ѕвончето ѕангареше: секој одмор, секој час
и бараше построени да влеземе в клас.
Често беше „душичка“, а почесто строг,
кога бевме без учител ти ни беше „бог“.
Се лутеше ако некој по скалите трча
или пак се влече и прав голем крева,
се лутеше кога некој без поздрав ќе мине
или кога в ходник се креваше врева.
Се сеќавам еднаш кога влезе в клас
и ни рече: „Денеска јас ќе држам час“.
И започна кроце, учителски, вешто:
„На светов деца, има сè и сешто:
и бубачки и ловци
и зелки и овци
и џуџиња и џинови
и „мајкини синови“
и умови полни, празни
и стотици чуда разни...
Но малку има... малку има...
— Што? — некој тихо рече.
„Такви деца што ти велат:
добро утро, добар ден и добра вечер!“

ДО ДРВЕНОТО КОЊЧЕ

Драго коњче,
не барај ме веќе, те молам,
не чекај ме пред вратата со натажен глед,
не терај ме да јаваме низ тој простор собен
што толку го сакавме како сиот свет.
Не, коњче, не сум ти ништо подналутен јас,
ниту сум пак нешто снеможен и болен,
туку нешто друго се случи со нас.

Те молам не прашувај: ни зошто ни како,
туку молчи, молчи оваа вечер сина,
притаи се насамо некаде на мира
и сонувај долго за она што мина.

И не чекај во гривата да ти ставам цвеќе
зашто душо моја —
јас сум голем веќе.

ТРЕВОГА

Синоќа на една железничка станица
се случи необична мешаница:
едно девојче мало мајка си ја бара.
— Твое ли е девојчево? — ја прашаа една баба стара
што в чекална џвакаше баница.
— Не, не е мое, рече,
па и таа се придружи во сета мешаница.
— Твое ли е девојчево? — ја прашаа една жена
што кон возот одеше трчаница.
— Не, не е мое, рече,
па и таа се придружи во сета мешаница.
— О господе чие ли е?! — извикаа сите
и пред шефот на станицата направија турканица.
— Лесно, лесно, рече шефот, ќе се најде.
Ќе наредам да се трага по целата станица.
И нареди: Секој воз да запре. И пазачи да се стават.
А оној воз што замина веднаш да се врати.
Сите кондуктери и машиноводачи веднаш да се јават
и на станицата да се затворат сите врати,
а потоа го запраша изгубеното девојче
како се вика мајка му и дали има слика.
Се замисли девојчето и плачливо свика:
— Мама! се вика. Мама! се вика.
Тогаш шефот извика преку сите звучници:
— Ало! Ало!
Нека се јави мајката што се вика м а м а
за да си го земе своето девојче мало.

Од некаде спокојно се доближи мајката
и рече: — Не грижете се, јас намерно му направив така,
за да го научам никогаш другпат
да не се крие и да не ми бега од рака.

ПАПАГАЛ И ДЕТЕ

Еден папагал,
едно дете
и еден кафез мал
по цел ден во собата клечат.
Еден папагал,
едно дете
крај кафезот мал
по нешто ќе си речат:
детето: мама,
папагалот: сама,
детето: носи,
папагалот: оси,
детето: чоколадо,
папагалот: ладо,
детето: ти си,
папагалот: си, си,
детето: теле,
папагалот: леле!
детето: стоп!
папагалот: оп!
детето: спи!
папагалот: и ти!
Еден папагал,
едно дете
и еден кафез мал
по цел ден во собата клечат.
Не. Сите дома почесто ќе речат:
Еден кафез
и два мали папагали.

Извор: Шарено огледало, 1965 година, „Култура“, Скопје

Слики: Димитар Кондовски

Јован Стрезовски - поет, раскажувач, романсиер, преведувач. Роден е на 26 април 1931 година во с. Подгорци, Струшко. Завршил Филозофски факултет во Скопје. Работел како учител и професор во Струшко, како новинар во Радио Скопје. Бил долгогодишен директор на Меѓународната манифестација Струшки вечери на поезијата во Струга. Член на ДПМ од 1960 година. Автор е на книгите: Светулки (поезија за деца, 1957), Последниот фишек (раскази за деца. 1958), Шепоти (поезија, 1958), Шарени песни (поезија за деца, 1959), Зелени очила (раскази за деца, 1960) Луѓе со лузни (раскази, 1961), Патот до зората (роман за деца. 1962), Дружината "Братско стебло" (роман за деца, 1964), Шарено огледало (поезија за деца, 1965), Од Северен до Јужен пол (поезија за деца, 1966), Синови (роман за деца, 1968), Чекори во времето (поезија, 1971), Орвеј на бескрајот (поезија, 1971), Вода (роман, 1972), Езерски цвет (поезија за деца, 1973), Саатот кукавица (роман за деца, 1978), Свето проклето (роман, 1978), Зарек (роман, 1981), Велебилје (поезија, 1985), Јанѕа (роман, 1986), Тајни (раскази, 1989), Злодобро (роман, 1990), Езерски сон (џиновка сликовница, 1990), Чуден свет (поезија, 1991), Кој и зошто (гатанки, 1991), Прва љубов (раскази, 1992), Сили (раскази, 1992), Плетеница (поезија, 1992), Еретик (роман, 1994), Животраг (роман, 1995), Свет во свет (поезија, 1996), Блик (поезија, 2000). Добитник е на наградите: РТВ Скопје, "11Октомври", "Стале Попов", "Гоцева повелба".

Димитар Кондовски е роден 1927 година во Прилеп. Завршил Академија за ликовни уметности во Белград. Бил член на групите “Денес” и “Мугри”. Се занимавал со сликарство, илустрација, сценографија, графика, пишувал критика. Бил професор на Педагошката академија во Скопје. Академскиот сликар Димитар Кондовски е една од клучните фигури во модното сликарство во втората половина на минатиот век. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград. Реализирал 15 самостојни изложби во Македонија, во земјите на поранешна Југославија, во САД и во Канада, а учествувал на многу репрезентативни групни излагања во престижни светски галерии. Тој е еден од основоположниците на ликовно-графичката дејност во Македонија. Автор е на повеќе од 2.000 илустрации и на околу 200 сценографии за телевизиски емисии, за драмски, оперски и за балетски претстави. Починал 1993 година.

ОкоБоли главаВицФото