Што е глупо во ова што го напишала Соња Крамарска?

15.07.2014 12:45
Што е глупо во ова што го напишала Соња Крамарска?

Што е глупо во ова што го напишала Соња Крамарска?

 

Прво, секој е невин сè додека не му се докаже вината. Тоа значи дека нормално е некого да сметаме за невин доколку мислиме дека не му е докажана вината. Или, според чл. 6 од Европската конвенција за човекови права: Секој кој е обвинет за кривично дело се смета за невин сè додека неговата вина не се докаже по законски пат. Докажувањето на вината е индивидуално, а не колективно, и не смее да остане ни трага од сомневање дека станува збор за сторителот на кривичното дело.

Второ, вината се докажува од страна на независен, непристрасен суд. Доколку постојат основани сомневања во независноста и непристрасноста на судот (какви што постојат за конкретниот случај), очигледно паѓа сомнение и на докажувањето на вината. Во моментот кога министерката за внатрешни работи ќе соопшти дека станува збор за исламски радикали и тоа ќе го објави на официјалната страница на МВР уште и пред да започне истрагата, се пали жолто светло. Во моментот кога премиерот на државата ќе ни соопшти дека јавноста не може да ги знае доказите заради тоа што се многу тајни, се пали црвено светло. А во моментот кога јавниот обвинител ќе одржи националистичко-верски говор наместо завршен збор, тогаш се бара поништување на судењето и се бара ново судење.

Трето, во моментот кога државните структури го внесоа јазикот на верата и реториката на омразата во своите изјави, во тој момент тие ја отворија вратата на верски одговор, верски немири и пораст на верскиот анимозитет. За вакво нешто во државите на развиена демократија следи политичка смрт.

А новинарите кои имаат единствена цел да ги бранат структурите на власта, во развиените демократии воопшто не ги ни сметаат за новинари. Тие се викаат портпароли на власта и за тоа си добиваат плата. И не се срамат од својата функција. Напротив, со гордост ја извршуваат. Само не се кријат зад титулата новинар.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Фотографија: Сашка Цветковска