Чичко ми не беше српски националист, но не беше ни херој

17.07.2014 09:16
Чичко ми не беше српски националист, но не беше ни херој

Истрелот кој на 28 јуни одекнал во Сараево не бил пукање во слободата, туку во окупаторот, тврди Никола Принцип, 79-годишник на кого Гаврило Принцип, човекот кој извршил атентат врз австроунгарскиот престолонаследник Франц Фердинанд, му е чичко.

Никола Принцип и неговото семејство денес живеат во Соколац, близу Сараево. Грижливо го чуваат споменот за роднината Гаврило.

„Нашето племе по потекло е од Црна Гора, од селото Додош. Додека сме живееле таму нашето презиме било Јовичевиќ, а потоа уследиле сите тие турбуленции и сме побегнале, а доаѓајќи до Јадранското море сме морале да го промениме презимето во Чеке по тоа што сме ги чекале непријателите. Нашата селидба и нашето племе ги предводел мојот чукундедо Тодор кој нè довел до едно село кај Книн во близина на границата со Италија. Тодор јавал на бел коњ и бил изразито убав човек, како принц од бајките, и по тоа сме го добиле презимето Принцип кое и до денес го задржавме“, ја почнува својата приказна Никола Принцип

Гаврило - занесеник кој другарувал со книгата

Неговото семејство по бројните селидби се населило во Босанско Грахово, поточно селото Обљај, каде на 25 јули 1894 година е роден Гаврило Принцип.

„Имав пет години кога почина Петар, таткото на Гаврило, а мајката Марија ја запамтив. Таа умре на 13 јули 1945 година. Од неа слушнав живи зборови за Гаврило. Зборуваше дека и како дете бил 'жив', но и занесеник. Бил послушно дете, ги чувал овците, но најмногу сакал да се дружи со книгаа, па селаните често им советувале да не му дозволуваат толку да чита, бидејќи може сешто да се случи“, вели Никола, продолжувајќи:

„Гаврило завршил основно училиште во Грахово, а потоа се упатил во Хаџиќи, недалеку од Сараево, кај постариот брат Јово, кај кого и јас живеев кога од родното село се упатив на школување во Сараево. На Гаврило му нуделе да се запише во некое воено училиште, но тој го одбил тоа. Му нуделе и трговско училиште, меѓутоа Гаврило барал да биде пообразован од трговец, па се одлучил за гимназија. Во тој период започнал и револуционерниот бран, тој се приклучил на организацијата Млада Босна, а бидејќи членовите биле забележани - биле протерани и отишле за Белград каде го продолжиле школувањето, а потоа се вратиле во Сараево.“

„Човек кој живеел за идеалите“

Во разговорот Никола истакнува дека неговиот чичко бил учен човек кој верува во своите идеали и сакал добро за својот народ.

„Многу ме навредува кога велат дека Гаврило бил српски националист. Млада Босна била мултинационална организација чии членови биле млади луѓе, повеќето студенти, и Срби и Хрвати и муслимани. Сите тие сакале само да се ослободат од окупаторот и да создадат заедничка држава на јужните Словени. Но, не можам да кажам ни дека Гаврило бил херој, бидејќи тој бил само човек кој живее за своите идеали и идеалите на својот народ.“

Никола Принцип додава дека ги цени зборовите на академик Мухамед Филиповиќ кој во една прилика рече дека Гаврило Принцип не бил српски националист туку младич кој ако ја преживеел Првата светска војна, би застанал во редовите на народноослободителната војска во Втората светска војна и би се борел против фашизмот.

Внукот на Принцип истакнува дека и покрај сè е горд на својот предок кој на 28 јуни 1914 извршил атентат ворз австроунгарскиот престолонаследник Франц Фердинанд и случајно, целејќи во гувернерот на БиХ Оскар Поќорек, ја убил и сопругата на Фердинанд, грофицата Софија.

„Тоа не бил истрел во слободата, туку во окупаторот. Гаврило поради тоа никогаш не се покајал. На судењето рекол: 'Јас сум син на селанец, го почувствував тешкиот живот на босанските селани преку моите родители и не ми е жал поради тоа што го направив.' Нему и на останатите припадници на Млада Босна им е судено во Сараево. Тие 20 се осудени на робија, а петмина се убиени. Од Сараево се префрлени во затворот во Зеница, потоа во Виена, а потоа и во Терезин, каде Принцип умира. Останаа зборовите на неговиот лекар кој запишал дека Гаврило бил паметен младич, одмерен и повечен, и кој живеел во својот свет на книгите и идеите. А за време на престојот во затвор на Гаврило најтешко му паднало тоа што не можел да чита и што немал комуникација со надворешниот свет и во разговор со оние со кои можел да комуницира, само повторувал дека би му било жал доколку неговиот чин е залуден и доколку не се ослободат од туѓинците“, раскажува Принцип, додавајќи дека по атентатот мајката на Гаврило, Марија, често била затворана, испитувана, а неретко и претепувана.

„Чинот на Принцип не бил повод, војната на големо била подготвувана“

Семејството Принцип денес го носи бремето на својот предок. Никола истакнува дека му е тешко што и самото споменување на неговото семејство се врзува за почетокот на Првата светска војна, бидејќи смета дека атентатот не бил повод и дека војната на големо била планирана.

„Тешко ми паѓа тоа бреме, бидејќи Првата светска војна била испланирана многу пред тоа. Па и Фердинанд тогаш дошол во Сараево само за да се увери во спремноста на војската. Гледајќи од денешен аспект, многумина сакаат да ја променат историјата, пред сè Австрија, Германија и Англија и јас никаде не видов историјата да ја пишуваат губитниците, а тие ја изгубија таа војна. Исто така, никаде не сум видел да се подигне споменик на окупаторот“, истакнува Никола.

Додава и дека е свесен дека секој ја толкува историјата на свој начин и дека нему и на неговото семејство им пречи тоа што мостот каде што е убиен Франц Фердинанд денес се вика Латински мост и што восочните фигури на Франц Фердинанд и Софија се наоѓаат недалеку од тоа место, но истакнува и дека тоа е сепак прашање на државниците и историчарите.

Никола Принцип вели дека тој и неговото семејство и денес живеат за идеалите на својот предок, а во денешно време тоа подразбира Босна и Херцеговина да биде земја на сите нејзини народи, Србите, Хрватите, Бошњаците и Останатите.

„Јас сум човек кој сака мултиконфесионална, мултинационална и мултиетничка БиХ каде ќе живееме заедно. Во поранешна Југославија имав сè, завршив училиште во Сараево, се оженив, добив деца и внуци. Имав сè и ми беше добро да живеам во тоа време, па зошто и денес да не можеме да живееме заедно во слога“, се прашува Никола и додава:

„Како земја, ги имаме сите ресурси за да живееме добро, но ние чекаме да влеземе во Европската унија и се надеваме дека тогаш ќе ни биде подобро. Но, мене никогаш не ми се допаѓала окупацијата. Австрија во тоа време во БиХ градела пруги, мостови, објекти и болници заради своја корист, а го експлоатирале нашето богатство. Истото ќе го прави и Европа, а ние ќе бидеме евтина работна сила. А малку ни е потребно за да бидеме среќни, само кога би биле хомоген народ, кога би имале иницијатива и би живееле во братска слога. Имаме доволно стручњаци и паметни луѓе.“

Денес во Босанско Грахово живее братот на Никола кој ја чува спомен-куќата и настојува да собере што повеќе документи, сведоштва и предмети кои се врзуваат за Гаврило.

Извор: www.klix.ba

ОкоБоли главаВицФото